Нашата лекција од настаните во Париз

Продолжува големата дезориентација на македонското општество, од независноста до денес. Ниту имаме успешна демократија дома, ниту сме ги оствариле стратешките надворешно-политички цели кои, патем речено, ги остварија најголемиот дел на државите на Источна Европа – членство во НАТО и во ЕУ. Кога се работи за Македонија, се добива впечаток како некакви моќни сили кои се вон од нашата контрола, да ја туркаат државата во погрешна насока. Впечатокот е погрешен! Таа моќна сила која не оддалечува од Европа, извира од нашите глави – тоа е нашата „ориентална свест“ која почива врз лагата, нетрпеливоста, недовербата, духот на насилството…

Живеејќи во демократија еве веќе четврт век, полека разбираме дека „ориенталниот менталитет… сите работи ги замаглува, раскашавува, мрси и кочи, ги чини двосмислени, повеќесмислени, па и бесмислени, се додека не ги одвлече некаде вон од дометот на нашите очи и на нашиот разум во некоја глува ништожност“(Андриќ).

Денешните протести против власта од студентите, новинарите, професорите или синдикалците, се потврда дека можеби патот од „глувата ништожност“ до дијалог меѓу разумни и информирани луѓе е долг, но и дека, конечно, сме на тој пат на слободата… Да, да, никаде во светот, нема студент што сака да полага уште еден испит, но ниту има таков кој сака да биде третиран како цигла. „Не сме само уште една тула во вашиот зид!“, гласеше една студентска парола, како доказ дека и самото постоење на авторитарниот систем во Македонија игра една позитивна улога – ги прави граѓаните свесни за вредноста на слободата, но и за својата улога во неа.Зошто е важно да се ослободиме од нашиот „ориентален менталитет“ и посмело да зачекориме на патот на слободат? Затоа што кога утре ќе ни се случи нешто лошо, а на сите држави, како и на сите поединци им се случуваат и лоши работи, слободните граѓани на Македонија, како милиони Французи деновиве, ќе излезат на улиците во поддршка на слободата. Верници од сите религии, граѓани од сите политички бои, ќе маршираат заеднички во одбрана на легитимните,чесни, демократски избрани институции, за кои слободата на говор е светост, а човековите права и благосостојбата на луѓето се главната грижа на политичарите. Во таквите тешки моменти за Македонија, власта и народот ќе бидат како едно.Ова, се разбира, е оптимистичкото сценарио. Песимистичкото е, во ситуација на голема криза, луѓе и политичари од сите етнички групи, вери и политички убедувања, чија свест почива врз лагата, нетрпеливоста, недовербата и духот на насилството да излезат на улиците на Македонија…

Извор ПЛУСИНФО

Оставете коментар