Новиот роман на Умберто Еко предизвика жестока полемика во Италија

Весникот на Берлускони го нападна писателот Умберто Еко дека ја копирал „Википедија”, поради пасусот за кражба на југословенското богатство во 1941 година, пренесува Утрински.

„Нулта број”, новиот роман на Умберто Еко, предизвика полемики уште пред да излезе. Она што е интересно е дека не полемизираат оние кои се засегнати во романот, туку нападот доаѓа од друга страна. За многумина сето тоа делува проѕирно, токму во стилот на она за што Еко пишува во својот роман.

Имено, Умберто Еко дејствието во „Нулта број” го сместува во новинското уредништво во Милано во 1992 година, па тука споменува и многубројни италијански мистерии. Меѓу нив е и парамасонската ложа „Пропаганда 2″ (П2) на големиот господар Лицио Гели, омилениот заговорник на Пиноче, на Милошевиќ, инаку Берлусконијев водич и узор, и уште многу такви афери кои и денеска предизвикуваат љубопитност кај изманипулираната италијанска јавност.

Во сето тоа новините се и место од кое се лансираат спинови, односно тие се своевисна увежбана машина за напаѓање (за клеветење), поради што се одѕва токму миланскиот „Ил Џорнале”, кој е во сопственост на браќата Берлускони. Инаку, тоа е весникот кој ја лансираше познатата „метода Бофо”, поточно тој го наклевети католичкиот новинар Бофо дека ја истепал сопругата на својот љубовник. Додека се докажало дека не е така, дека ниту имал љубовник, ниту пак тепал било кого, Бофо бил тргнат од сите црковни редакциски должности.

Тој весник како заменик на главниот уредник го имал „принципиелниот” Роберт Фарина, додека не се открило дека токму тој ги лансира спиновите за сметка на воената информативна служба (за што секако бил добро платен), а која на тој начин интервенирала во внатрешната политика.

Сега, тој весник „пронашол” дека Умберто Еко ја копирал „Википедија”, бидејќи неговиот лик во книгата ги цитира податоците за тоа како Гели го крадел југословенското злато од Котор во 1941 година, кое му го давал на Мусолини, но малку задржувал и за себе.

Како што пишува „Јутарњи лист”, точно е дека тоа е во „Википедија”, точно е исто така и дека тоа е од весникот „Кориере дела Сера” од 1988 година, кога за тоа пишувал Џанфранко Пиазеси (кој поради тие истражувања бил истеран од местото главен уредник „Ла Национе”), а тоа го пренесол и овој весник. За на крајот текстот да заврши со зборовите: „И така ‘Ил Џорнале’ вика – Држете го крадецот, додека го сокрива украденото…”

Превземено од УТРИНСКИ

Оставете коментар