„Ми се иде да избегам од државава” – Златко Стојчев, лозар од кавадаречкото село Сопот

„Ми се иде да избегам од државава. После половина век работа во лозарството, после стотици со мерак изорани хектари, илјадници засадени и скроени лозови гранки, илјадници тони со љубов набрано грозје, почнав да земам пари на заем со камата, за да ги исплатам берачите, да ги платам препаратите со кои го прскав лозјето и на крај, за да преживеам“. Вака ја започнува својата тажна лозарска приказна 63 годишниот Златко Стојчев од кавадаречкото село Сопот за НОВАТВ.

Лозарството му е се во животот, впрочем нему и му го посветил. Еден е од најголемите лозари во Тиквешијата, со преку 20 хектари грижливо одгледувани лозови насади. Зад него е една од најлошите берби во неговиот живот, а пред него е можеби најтешката година, да ги санира загубите од последната лозарска сезона.

Временските непогоди не можеш да ги контролираш. Тоа е Божја работа. Честите дождови предизвикаа појава на разни болести кај лозовите насади, уништија половина од родот, а му се закануваат и на квалитетот на винските сорти грозје. Лозовите насади се поплавени од вода и грозјето не може да се бере. Годинава набрав 70 проценти помалку од лани. Ако лани имав 400 тони грозје, годинава едвај 50 тони. Родот беше толку уништен што во некои парцели воопшто и не влегов. Јас имам 63 години и вакво нешто не паметам. Девет пати го прскав лозјето, потрошив околу 13 илјади евра за тоа и сега не знам како ќе ги платам препаратите, ја почна својата приказна Стојчев.

Субвенциите кои Владата силно ги најавуваше, не го дадоа резултатот. Тоа посебно се покажа кај лозарите годинава, кога наместо да им ја спасат годината, парите како воопшто да ги нема. Стојчев вели дека и она што им го ветила, Владата не го исполнила.

Лани Владата вети дека ќе ни даде 2 денари по килограм грозје кое ќе го предадеме во домашни винарии, но ветувањето не го исполни. Годинава нема ниту ветување од нив. Не сум земал субвенции за 2013 година. Годинава пред изборите, кога се делеа субвенциите, даваа на секој трет лозар. Јас бев во тие што не земаа, а сум еден од најголемите лозари во овој крај. Тоа е навистина не фер. Има огромна неправда во делењето субвенции. Јас подолг период се залагам субвенции да добиваат само оние вистинските земјоделци, оние кои живеат само од тоа, кои се приморани да се борат против природата. Наместо тоа, има многу лозари кои работат државни работи, лозарството им е хоби, дури и не го обработуваат лозјето, а само примаат субвенции. Таквите луѓе поседуваат околу 20 проценти од лозовите површини во Тиквешијата, вели Стојчев.

11 денари за килограм Смедеревка и 13 денари за Вранец. Единствено добра откупна цена има кај Темјаниката, за која лозарите добиваат од 18 до 24 денари по килограм, но оваа сорта не е толку застапена како првите две.

Откупувачите се посебна приказна. Те уценуваат со ниски цени, ти го земаат грозјето и не смееш да ги прашаш за пари. Ако ги прашаш, ти велат, носи си го дома грозјето. Имам од лани за земање околу 10 илјади евра од една винарија. Откако винариите ги соопштија цените, градските власти не застанаа зад нас, не не поддржаа кога им велевме на винариите дека тоа се премалку пари. Ниту еден од нив со прст не мрдна, раскажува Стојчев. 

Повеќе за сторијата може да прочитате овде.

Оставете коментар