Милчин со “воспитна” за Колозова

На својот ФБ профил Катерина Колозова пишува дека предлогот за експертска влада бил само трик на дел од НВО-ата кои се гребат за неколкуте опозициони места во преодната влада. И ја завршува пресудата: „Не е никаков идеализам во прашање“. Така, паушално, без ниту еден пример, без ниту едно име, Колозова обвинува дел од невладиниот сектор за кариеризам и калкуланство.

Обвинувањето е како излезено од курирската кујна. Најпрвин етикета, потоа пресуда, без докази и без адреса. Значи, кои се тие кои се гребат за места во преодната влада, Катерина? Колку што разбирам, НВО-а не можат да бидат министри, министри можат да бидат само индивидуи, луѓе со имиња и презимиња! Ајде, извади ја на виделина твојата листа, зашто вака смрди на инсинуација. Вака, на пример, таа може да се однесува и на оние кои, дури и да сакаат, не можат да бидат министри. Мислам на Ѓунер Исмаил, Љубомир Фрчкоски и Владимир Милчин, на кои, бидејќи лустрирани, им е забрането да извршуваат јавни функции. Те потсетувам на ова за да си ја прочистиш листата која со нетрпение ја очекувам. Една од причините за моето нетрпение е таа што верувам дека во тој миг ќе стивне неспокојството во редовите на опозицијата дека тоа „идеалистите“ од невладините ќе им одземат некој ресор. Ќе стивне пред да се разгори. Не плаши ја, Катерино, опозицијата со невладините организации! За невладините организации кои пристапија на коалицијата „Граѓаните за Македонија“ не е најважно дали преодната влада ќе биде експертска или партиска, туку тоа дека преодната влада ќе треба да ги преземе неопходните мерки за слободни, фер и демократски избори. Тие мерки вклучуваат проверка и чистење на избирачкиот список, нов јавен обвинител и МРТ да стане јавен сервис.

Да, има причини да се биде скептичен за можноста во Македонија да се формира навистина експертска влада. Но, има уште повеќе причини да се биде скептичен за повеќепартиска преодна влада во која премиер би бил Никола Тодоров. Треба ли да те потсетам дека повеќе илјади граѓани протестираа и ја бараа неговата оставка по трагичната смрт на малата Тамара? Тодоров ги упропасти двата ресора во кои беше министер, образованието и здравството и неговото министерување во идната влада би било мајтапење со граѓанскиот револт.

Но, да се вратам на прашењето. Најпрвин ги плашиш партиите и едните НВО-а дека другите НВО-а само се гребат за ресори. Потоа ги плашиш НВО-ата (претпоставувам оние кои се во коалицијата „Граѓаните за Македонија“) дека ќе се извалкаат доколку соработуваат со опозицијата во уривањето на Груевски и предлагаш нешто како хибернација додека владата за национален спас, на чело со Тодоров или некој сличен, не ги испере институциите од гревовите на Груевски и тајфата!

Она со што навистина ме исплаши Катерина е заклучокот дека таа најмногу се плаши од заминувањето на Груевски. Со нејзините заложби за немешање на НВО-ата во политиката само го продолжува животот на Груевски и агонијата на Македонија.

(Текстот е превземен од Фејсбук профилот на авторот)

Оставете коментар