Македонскиот полицаец работи со стари униформи, скинати обувки и неисплатени дополнителни часови

Според телефонските снимки презентирани од опозицијата, министерката Јанкуловска на министерот за финансии Ставревски му се жали на катастрофалните услови за работа на полицајците на терен. Лошите услови за работа ги потврди и првиот човек на Полицискиот Синдикат Тихомир Климовски.

Стари полициски станици изградени по Втората светска војна, стари избледени униформи и скинати обувки, лоши работни услови, прекувремена работа и неисплатени дополнителни работни часови, се дел од проблемите со кои се среќаваат полицајците на терен во Македонија.

Претседателот на полицискиот синдикат Тихомир Климовски вели дека еден од поголемите проблеми се работните услови односно нереновираните полициски станици особено во внатрешноста на земјата, за кои потенцира дека се многу стари и нефункционални.

Тој вели дека во овој сегмент има големо уназадување, точно е дека има реновирање, но не со таков интензитетот како што би требало.

„Искрено да ви кажам тоа се објекти кои што некаде датираат и пред војната и колку и да се реновираат и поправаат тоа не е функционално. За волја на вистината доста од нив ги имаме и променето, да речеме во Куманово имаме нови објекти, меѓутоа повеќето од нив се објекти кои датираат од далечните педесети години на минатиот век, па и порано.“

Поранешниот министер за внатрешни работи и пратеник Павле Трајанов, вели дека со полицајците со кои комуницирал најчесто се жалат за нередовна исплата на дополнителни работни часови и необновена униформа.

„Често пати недостасува гориво за службените, дека наместо да им се плаќа прекувремена работа, работа на државни празници, мора да користат слободни денови, тоа се основните коментари што ги даваат припадници на полицијата.“

Извор МАКДЕНЕС

Оставете коментар