Македонија на Исток?!

Пред неколку години, слушнав една интересна анегдота, за некое Македонче што се иселило во Австралија, се вработило како таксист и по кусо време, добило отказ. Луѓето, зачудени од постапката на газдата, кој немал обичај да ги брка своите работници, го прашале: „Па добро, човеку, зошто го напуди Македончето? Тоа никогаш не доцни и вредно работи, за мали пари“. Газдата им одговорил: „Да, така е, но на сите муштерии, додека ги вози, им објаснува дека Русија, на крајот, сепак, ќе ја победи Америка“.

Не знам дали анегдотава почива на вистински настан, но таа совршено го отсликува нашиот македонски менталитет, кој, еве, не се менува и после две децении живот во една мала, самостојна и сиромашна држава, во срцето на нестабилниот и валкан Балкан. Освен што ние, Македонците, себеси се сметаме за генијалци за „геостратегија“, ете, упорно и на сопствена штета, не успеваме јасно да ги дефинираме и да ги артикулираме своите геостратешки приоритети. Така ги збунуваме нашите пријатели во светот, ги компромитираме тешко стекнатите сојузништва и неодговорно ја влошуваме меѓународната позиција на земјата.

Таа збрка во нашите глави потекнува од заблудата дека оваа наша мала „геостратешка“ точка на мапата на светот е толку важна и клучна дури, што ни дава можност постојано да ги држиме под стрес големите светски сили и да избираме меѓу нив. Во време кога сите наши соседи релативно јасно се самодефинираа како дел од Западот и изградија автопатишта, коридори, гасоводи и телекомуникациски магистрали, заобиколувајќи ја Македонија како црна дупка, ние сѐ уште се занесуваме дека ова парче земја е некаква „крстосница“ меѓу Западот и Истокот и дека на таа крстосница ние можеме да бидеме сообраќаец, кој го регулира сообраќајот меѓу државите, та дури и меѓу цивилизациите. Да сме способни да направиме барем пристојна приказна од таа заблуда, ајде де. Ама вака, излегуваме само смешни со нашата наперченост и на светот му служиме за подбив.

Инаку, важно е да се каже дека таа идеолошка предлошка ја наследивме од Титова Југославија. Таа држава безмалку половина век објективно беше јазиче на вагата на интересите меѓу, во тоа време, еднакво моќните Исток и Запад. Тито маестрално ја искористи таквата позиција, за да создаде „неврзана“ политика и држава која ќе успее долго време да биде питомото јагне што од две мајки цица. Тоа беше држава која профитираше од блоковската поделеност на светот и така ги решаваше своите внатрешни противречности. Токму затоа, крајот на Студената војна и распаѓањето на блоковите законито мораше да доведе и до распад на југословенската федерација.

Белградскиот кадар Киро Глигоров, според очекувањата, умешно ја преслика таа матрица во политиката на самостојна Македонија, прилепувајќи ја тука и приказната за нашите четири лоши соседи, тие четири гладни волци, кои одвај чекаат да ја лапнат нашата кутра татковина. Така се роди политиката на „еквидистанца“, разбрана како еднаква оддалеченост од сите наши соседи, а во главите на нашите „геостратези“ што излегоа од шинелот на Глигоров – и еднаква оддалеченост од Вашингтон и од Москва. Врз таа определба влијаеја и настаните. Бугарија и Русија беа првите држави што ја признаа новата држава на Балканот. Наспроти подоцнежните чекори на евидентно приближување на независна Македонија кон САД и кон Западна Европа, таа старо-нова „геостратегија“ ја одржа во живот комуњарската недоверба на македонскиот народ кон Западот и традиционалната (словенска) фасцинација од Истокот, поточно од мајка Русија.

И покрај историската меморија на трагичните последици од љубовта на Македонија кон СССР на Џугашвили (погромот на приврзаниците на Информбирото и манипулациите со Македонците во Граѓанската војна во Грција, на пример), нашата опсесија со Истокот и денес опстојува и се трансформира во обожување на Путин, најмоќниот руски лидер после Јосиф Висарионович. Ги спомнав Глигоров и неговото време, за да сфатиме зошто денес најголеми „путинисти“ во Македонија се некогашните медиумски апологети на стариот лисец, а денес пропагандистички слуги на премиерот Никола Груевски. Тие луѓе, кои секогаш се со власта и уживаат во привилегиите што таа им ги дава, денес во Македонија ја артикулираат недовербата на Груевски и на неговата партија кон Американците и кон Западот. Тие јавно ги артикулираат неговата фасцинација со моќта на Путин, неговиот изолационизам и неговите обиди да пронајде некаков излез со приближување кон Русија, Кина, Индија и кон слични земји, кои претендираат да станат суперсили рамни на САД.

Некој можеби ќе ми пререче дека Македонија официјално е определена за НАТО и за ЕУ, а анкетите докажуваат дека и народот ја поддржува таа ориентација, та затоа и не треба да се става знак на равенство меѓу политиките на оваа власт и кокодакањето на неговите медиумски апологети (кои сега, на пример, ликуваат што Обама ја одложува воената кампања против Сирија, што за нив е само уште еден доказ за неговата слабост и за силината на Путин). Јас, сепак, тврдам дека Македонија само декларативно е определена за Запад и дека тие луѓе на Груевски – чија главна мантра е дека Западот пропаѓа, заедно со НАТО и со ЕУ, па нема ни потреба да се трудиме да влеземе во тоа друштво и да правиме компромиси за името – трезни го зборуваат она што Водачот, опиен од власта, го мисли, но засега не смее јавно да го соопшти.

Како и да е, нашите „геостратези“ треба да знаат дека во светот на политиката, како и во животот, впрочем, на недовербата секогаш се одговара со недоверба. Факт е дека Америка секогаш ни била повеќе наклонета одошто ние сме биле кон неа. Таа земја е доволно моќна, а ние сме доволно безначајни, за Американците да не чувствуваат потреба на политиката „Македонија на Исток“ да одговорат со демонстрација на моќ, или, не дај боже, со употреба на сила. Груевски не е Асад, тој има моќ да нѐ гази внатре, во Македонија, но нема сила да предизвика регионален проблем. На неговата недоверба и авантуризам, САД ќе продолжат да одговараат со незаинтересираност и со игнорирање. Со „македонското прашање“ во Вашингтон сега се занимаваат дипломати-бирократи, а не полиси-мејкери. Денес Македонија не може ни да помисли дека ќе се најде на агендата на работната маса на Обама, човекот кому медиумските слуги на Груевски му ги одрекуваат дури и интелигенцијата и образованието.

Сепак, во еден момент, кога кризата во и околу Македонија ќе се продлабочи и кога ќе дојде времето на одлука, се разбира, воопшто нема да биде неважно на чија страна ќе бидат Американците. Во почетокот на деведесеттите години, кога Балканот беше најважната кризна точка во светот, а Милошевиќ беше лошото момче, Американците природно застанаа на наша страна. Во конфликтот во 2001 година, но и пред тоа, ние се исчудувавме зошто САД ги „бранат“ Албанците, а нас не нѐ сакаат. Во сиве овие години на преговори со нашиот јужен сосед, ние се чудиме зошто Американците им се понаклонети на Грците и повеќе нас нѐ притискаат. А не треба да се чудиме. Зашто, додека ние се залажуваме дека Западот се распаѓа, додека ги реинкарнираме словенските трансверзали и бараме сојузници на Исток, Американците во Албанците, на пример, ги гледаат своите најверни сојузници во овој дел од светот. Има и зошто. Затоа им направија уште една држава (Косово), во време кога во Европа нови држави не се прават.

Јас баш и не сум некој проамерикански „милитаристички јастреб“, како што кокодака една овдешна миленичка на пропагандата на Груевски, за да ѝ го одречам на Македонија легитимното право да избере и да се определи за Исток, за Русија и за Путин, за Индија и за Субрата Рој, за Венецуела и за Чавез, за било кој фактор во кој ќе го препознае својот стратешки интерес. Но, тврдам дека мораме да знаеме што правиме и што навистина значи една таква стратешка одлука. Мора да предвидиме во која насока тоа ќе ја одведе нашата земја и тоа на народот мора отворено да му се каже.

Зашто, да се разбереме, без оглед на сѐ, оној наш таксист во Австралија, сепак, не е во право и Русија на крајот нема да ја победи Америка. Човек што тоа не го знае во една мизерна Македонија можеби може да води држава, но во нормалниот свет таков не смее ни такси да вози.

Оставете коментар