Македонија ќе биде убава бугарска конкубина!

Слатката мала Македонија се подготвува да истрча на историската сцена како бугарска конкубина! Од власта на вемерето како барокна шминкерница со национална лиценца!

Имам впечаток дека нацијата ужива во последните дотерувања: уште малку течна пудра од странски инвестиции, казни, споменици и фасади, нови црквички и параклиси и бричење на меѓуножјето со жилетите на „Дуинг бизнис“, со бертолучи путер за вториот отвор и женската е спремна!

 

Тоа е!

 

Имам впечаток дека ние не успеавме да пропуштиме транзицијата да ја разбереме како пат кон демократија, туку дека намерно скршнавме кон новата геополитика како режисер на претставата. Кон небитието што е содржано во нашето неразбирање на времето и на себеси! И дека, всушност, цело време се враќаме кон себеси како кон големото ништо! При што продолжуваме да се однесуваме како да сме ние, макар што е јасно дека не сме!

 

Ќе пукнам не од мака, туку од срам!

 

Предлагам крајно внимателно да ја прочитаме изјавата на Зоран Заев дадена во рамките на излагањето што претседателот на СДСМ го имаше на опозициската трибина во Крива Паланка, зашто мислам дека има, односно може да има, некаков однос и кон женската и кон шминкерницата и кон историската сцена и кон претставата што е во тек:

„Без разлика дали ќе се отворат преговори помеѓу власта и опозицијата, никој нема право да им ја сокрива вистината на граѓаните. Имаме обврска да ја споделиме со граѓаните. Но, притоа, имаме обврска тоа да го направиме на највнимателен (најможно внимателен начин во оригиналот) начин за нашата Македонија. Оти, не би биле опозиција, државотворна, којашто води грижа за државата, ако по која било цена, па и по цена на државата, направиме сѐ, само власта да замине. Ние сме различни од нив. И ние сме поинакви и ќе бидеме поинакви од нив. Ние постоиме за Македонија!“

 

Оваа изјава може да се чита во неколку клуча. Да речеме, како одговорен став на опозицијата за самата смисла на борбата за власт или, обратно, како приказна за високото чувство на одговорност, но овојпат како алиби за неуспесите во таа битка и за немоќта на опозицијата. Што на едно патетично и морализаторско, па дури и на политичко рамниште, може да се разбере, дури и да се поздрави, но само за момент зашто веќе во следната секунда се јавува како став што ја дисквалификува самата смисла на опозицијата со тоа што низ опасните потенцијали во нејзините заложби да се врати на власт на граѓаните им сугерираат да гласаат за власта! Демек, не дека не можат да ги победат чипираните идиоти на Груевски, туку е прашање можат ли да ги исконтролираат колатералните штети, кои би можеле да станат главен ефект и да ја доведат во прашање самата држава!

 

Најфасцинантно во оваа изјава на Заев е детекцијата на вистината како егзистенцијална закана за Македонија! Не знам дали Заев ја имал предвид можноста на тој начин да се чита информацијата што тој решил да ја сподели со граѓаните, оставајќи го главниот пакет за некоја друга прилика. Прочитајте ја уште еднаш и ќе видите дека имаме основи да веруваме дека тој дошол до некаков грал, кој му открива дека вистината е неповолна за Македонија, дури дека Македонија може да постои само врз основа на некаква забошотена вистина или недоволно осветлена вистина, односно само врз основа на лага или само како лага, односно евентуално да постои самата како лага. Што ќе рече дека не може да постои! Или може да постои само како некаква форма испразнета од суштина потпрена на лага или на модифицирана вистина во која политичкиот процес го контролира информацијата за неповолната вистина. Тоа се вика блокиран процес! Врзана за власта, но не само за власта, зашто освен Груевски, кој би морал да си поднесе оставка во рок од три дена, и сите ние би морале да си ги поднаведнеме главите! Тоа е Македонија како протекторат на лошата вистина за себе!

 

Мисијата на ВМРО-ДПМНЕ е државно, институционално, економско и културно односно национално декапацитирање и историско десубјективизирање на Македонија! Стопати сум пишувал за тоа. Не како некаква забеганост на една млада екипа политичари, како данок на нивната неспособност или преамбициозност, туку како краен извод од самата историска втемеленост на Македонија во својата небит, во лагата за себе, во илузијата што можеме да ја гледаме и како благородна, но и како илузија што како политичка афилијација закономерно води во исчезнување на Македонија како посебен субјект! Или во толку снажно деформирање и карикатуризирање на тој субјект што прави врвен срам од идентификувањето со него кај секој нормален човек!

 

Клучно во ваквото разбирање на работите не е односот кон ВМРО-ДПМНЕ како политички фактор, туку кон ВМРО како историски феномен кој не се појавил за да биде антимакедонски, зашто во времето на појавата не ни можел да биде антимакедонски во современата смисла на зборот, туку како инструмент на геополитичките интереси на младата бугарска држава, израз на нејзините тежненија да се заокружи како национална држава во навечерјето на распадот на Отоманската империја! Развојот на ситуацијата со распаѓањето на, условно кажано, југословенската империја и демократизацијата на Македонија формираа контекст во кој старата организација можеше да им се врати на своите идеали!

 

Тоа е можниот срам, но не за Груевски, туку за сите нас!

 

Две работи се битни за натамошниот развој на ситуацијата. Прво, позитивниот опортунитет на Заев во однос на доказите со кои располага има смисла само ако од истите извори што му ги дале материјалите или од некои други релевантни фактори има гаранции дека ќе се обезбедат други инструменти и методи за соборување на власта и за враќање на излеаната река на Македонија во коритото! Јас сум скептичен по тоа прашање! Освен тоа, прашање е дали воопшто има смисла македонската река да се враќа во коритото, ако ние самите продолжиме да го труеме нејзиниот екосистем со лаги! Така што вистината е единствената шанса за рехабилитација и регенерација на македонската идеја и за нејзино втемелување врз модерни основи.
Второ, петте теми што ги наметнува опозицијата се бесмислени наспроти драматичните димензии на вистината: зошто некој би се согласил да ја двои партијата од државата, ако во фактот што ги споил ја остварил својата историска мисија?! Или зошто би се согласил на техничка влада, ако власта го води кон дефинитивната цел. Па уште во целата таа калакурница Заев не ја исклучува можноста Груевски да биде морален и чесен само ако му рече да ги изнесе доказите што ги поседува!

 

Тактичкиот капацитет на опозицијата и на Македонија е исцрпен. Вистината можеби ќе нѐ убие, но лагата задолжително ќе нѐ умре! По ѓаволите со тоа! Не е можна политичка акција против ВМРО без културна акција, без културен амбиент и ангажман што ќе ја отера таа самоидентификација во фекалната и атмосферска канализација на нацијата!

Оставете коментар