Македонија и Босна и Херцеговина во замка со Охридскиот и Дејтонскиот мировен договор

Неодамна професорот Жарко Пуховски изјави дека Босна и херцеговина и Македонија се единствените две држави кои всушност не се држави. Според господинот Пуховски, Босна и Херцеговина е некој вид на протекторат, а Македонија некој вид на нејасно распадната држава, која, како што вели тој, не се ни составила за да би се распаднала. Се сложувате ли вие со оваа оценка?

 

Билјана Ванковска:Спротивно од големиот дел граѓани и политичката јавност во Македонија, која се згрози од оваа изјава, јас во основа се сложувам со Жарко Пуховски. Оваа мала држава, која поради познатиот проблем со името е изложена на надворешни притисоци, ја доживеа оваа изјава како уште еден удар врз нејзиното право да има своја држава, државност и идентитет. Меѓутоа, изјавата на господинот Пуховски не е сфатена на прав начин. Мислам дека тој имаше во предвид она што ние го нарекуваме концепт на слаба држава и во тоа се Македонија и Босна и Херцеговина многу слични. И во едната и во другата е применет консоцијалниот систем на поделба на националните заедници кои потоа заеднички учествуваат во политичкиот систем. Таквиот систем произведува слабости кои се присутни кај двете држави, со тоа што Македонија е можеби поедноставниот случај, бидејќи воениот конфликт, кој беше со послаб интензитет, овде не остави така тешки последици како во Босна и Херцеговина.

Асим Мујкиќ:И јас во основа се сложувам со Жарко Пуховски. Ниту Босна и херцеговина, ниту македонија не се држави во класична смисла на зборорт. Тие не се национални држави за разлика од поголемиот дел земји на европскиот континент. Јас, меѓутоа, во тоа не гледам причина за некој ламент. Точно е дека е комплициран внатрешниот склоп на двете земји, посоебно на Босна и херцеговина, но мислам дека концептот на класични националн и држави со доминантна нација – е преценет. Тој концепт полека се троши и мислам дека денес пред се им служи на националните елити за мобилизирање на жителите и за прибирање на политички поени. Да, Босна и Херцеговина не е држава во строга смисла, но мене ми е драго што таа не е национална држава, бидејќи длабоко се сложувам со хрватскиот филозоф Борис Буден дека идеата за национална држава е злосторничка.

Билјана Ванковска:Нашите држави се во замка. Босна и Херцеговина е фатена во замката на Дајтонскиот договор а Македонија во замката на Охридскиот договор. Тие два мировни договори се наметнати. Тоа не се општествени договори до кои се дошло по пат на дебата на граѓаните. Консоцијалниот систе, кој врз основа на овие договори е воведен во Босна и херцеговина и Македонија, има големи слабости. Тој де дозволува граѓаните да дојдат до израз. Ние сме заробени во етносите, затворени сме во племенски торови. Секако дека тоа им одговара на нашите лидери. Кога не би постоело вакво политичко уредување, овие наши лидери никогаш не би претставувале елита, бидејќи во нормално грашанско и демократско општество тие не би ги исполнувале основните критериуми да бидат избрани. Вака, тие се лидери, а сите ние заложници на нивниот начин на владеење.

 

Господина Мујкиќ, се сложувате ли дека Босна и херцеговина е фатена во дејтонската замка, додека Македонија е во замка на Охридскиот договор?

 

Асим Мујкиќ:Тие договори се многу неодредени и двосмислени. Дејтонскиот договор требаше да ја прекине војната но и да допринесе за демократска консолидација на Босна и херцеговина. Тој вториот дел отпада. Голем недостаток на двата договори, посебно на Дејтонскиот, е нивната недореченост што им овозможува на етнонационалните лидери да продолжат со произведување на свои етнонации, да продолжат да се заокружуваат етнонационално. Тоа им го овозможува  овој консоцијациски оквир за кој станува збор, па тогаш Милорад Додиќ зборува дека Босна и херцеговина може да преживее само како конфедерација на три национални републики. Тука на дело го гледаме продолжението на етнонационалната револуција која во деведесетите години започна со војна, а потоа се продолжи со средствата на политичката опструкција кои ги нуди консоцијацискиот аранжман. И тоа нема да запре без јасна порака од меѓународната заедница дека тоа е недозволиво, а неа ја нема веќе 20 години.

Билјана Ванковска:Дејтонскиот договор беше потпишан надвор од земјата. Лидерите, кои го потпишаа, практично беа ставени пред свршен чин. Во Македонија се одеше по друг пат. Охридскиот договор е потпишан во земјата и во него имате елементи на граѓанското општество, но неговата имплементација, за жал, води кон етнизација, кон уште подлабока поделба наместо кон интеграција. Меѓународната заедница во двата случаи се покажа како многу површна. Нејзиниот пристап бил проблемот што побрзо да се реши за да се запри насилството. Македонија, да не заборавиме, имаше период од 10 години во кој немаше никакво насилство, во кој имаше граѓански, либерален устав, кој беше пофален од Бадинтеровата комисија. Меѓутоа, општествените услови не дозволија во краток рок да се изгради демократско, граѓанско општество, а Македонците, реално кажано, беа слепи и глуви за барањата на албанската заедница. И тука е пропуштена голема шанса. Според мене постојат два излези – или ќе изградиме нормално, демократско, граѓанско општество, или ќе се движиме кон федерализација. Мислам дека Македонија се движи према федерализација. Ние сме de iureунитарна држава, но de facto елементите на федерализација се присутни.

 

Асим Мујкиќ:Иако актерите од меѓународната заедница беа уверени дека со наметнувањето на тие два договори постапија прагматично, денес – 20 години по дејтонскиот и 10 години по Охридскиот договор – гледаме дека од таа прагматичност не остана ништо. Консоцијацискиот аранжман се темели на фундаментална доверба помеѓу елитата. Меѓутоа, уредувањето на нашите држави не насочува кон продлабочување на недовербата. Претставниците на меѓународната заедница, кои ги направија тие договори и кои ни ги наметнаа, се од земји со либерална демократија. За мене е голема енигма како тие можат да ги подржуваат системите, кои настанале врз основа на тие договори, а кои се нелиберални и чија демократичност е под прашање. Ја разбирам прагматичноста која е резултат на желбата да се запре конфликт, но како е можно и после две децении претставниците на меѓународната заедница и понатаму да останат приврзани на договорите кои се темелат на дискриминација и етнизација на сите институции во општеството. Тоа е мојот приговор за нашите протектори, да се послужам со речникот на Жарко Пуховски.

 

Босна и Херцеговина е поделена на два ентитети, а хрватските лидери веќе подолго време бараат трет – хрватски ентитет. Дали македонските Албанци бараат свој ентитет?

 

Билјана Ванковска:За сега се тоа повремени барања. Меѓутоа, паралелизмот во институциите и водењето на државата е многу присутен, почнувајќи од цивилното општество, преку стопанските комори, се до водењето на надворешната политика. Да речеме, лидерот на најголемата албанска партија Али Ахмети патува по Европа и води надворешнополитички разговори. Тој води своја политика во врска со проблемот на името на Македонија. Македонија не зборува во еден глас, дури и кога е во прашање меѓународната сцена. Меѓутоа, она што мене најмногу ме загрижува не се гласовите на политичарите кои со повикување на етничка мобилизација добиваат поени на изборите, туку она што се случува во општеството. Кога гледате дека младите се поделени уште во градинка па се до универзитети, кога гледате дека Македонија доброволно етнички се чисти во смисла на преселување на цели групи од еден народ од едниот брег на Вардар кон другиот, како што е случајот во Скопје, тогаш постои оправдан страв дека на долг рок се создаваат општествени претпоставки да се случи она што предмалку реков, а тоа е федерализација на Македонија. Сепак, како што реков, за сега нема експлицитни барања за федерализација, бидејќи Албанците знаат дека маѓеународната заедница нема да им допушти. Но, сите опции се отворени, доколку нешто тргне на лошо.

 

Колку се јаки аспирациите Босна и Херцеговина да се претвори во конфедерална држава на три народи?

 

Асим Мујкиќ:Тие се особено јаки и се зајакнуваа во онаа мера во која се намалуваше улогата на меѓународната заедница во Босна И херцеговина. И денес тие центрифугални сили, барем кога станува збор за српскиот и во добар дел хрватскиот хационализам, се особено присутни. Само се чека, така да се изразам, согласност на третата, боѓњачката страна на таква прекомпозиција на Босна и Херцеговина. А бошњачката елита е сеуште поделена околу таа идеа. Меѓутоа, неодамнешната кампања околу пописот на населението покажува дека и кај Бошњаците се јаки аспирациите за етнотериторијално заокружување. Мислам дека тие три одвоени центрифугални процеси, ако се продолжат, можат во завршницата да доведат до конфедерална политичка заедница.

 

Госпоѓо Ванковска, вие зборувавте за поделбите кои одат од врвот до дноти. Дали тоа значи дека тие поделби се видливи и во обичниот живот? Дали албанските млади одат во свои кафиќи, а македонските во свои? Дали секој има свои спортски клубови? Има ли воопшто мешовити бракови?

 

Билјана Ванковска:Мешовите бракови овде никогаш и немало, така да не можам да речам дека, за разлика од Босна и херцеговина, во таа смисла се случил некој драматичен пресврт. Во Македонија идентитетските маркери се многу силни кај двете национални заедници почнувајќи од јазикот, преку културата, до религијата. Како што веќе реков, најмногу загрижува тоа што нашите најмлади веќе од најрана доба живеат одвоено едни од други. Така е и на универзитетите. Македонците студираат на еден, а Албанците на друг универзитет, па младите нема каде да се сретнуваат. Жално е дека има се повеќе работи кои не делат. Така се однесуваме и ние интелектуалците. Ние користиме слушалки и преведувачи кога разговараме на јавни трибини. Ние кои би требале да работиме на надминување на бариерите веќе и не разговараме директно едни со други, иако, морам да признаам, 90% од Македонците воопшто не знаат албански и никогап не знаеле, додека Албанците релативно добро владеат со македонскиот јазик. Велам релативно добро затоа што тоа некогаш беше одлично. Сега младите Албанци одбиваат да зборуваат македонски. За да работата биде уште полоша, тука е и проблемот со Грција околу името на оваа држава. Однесувањето на Грција предизвикува фрустрација, страв и несигурност кај Македонците, па кога тие емоционално реагираат на тие закани, Албанците тоа понекогаш го доживуваат како нешто што е, можеби, упатено кон нив. Тоа е еден триаголник кој е тешко да се реши и тука, за жал, меѓународната заедница ништо не прави, пред се затоа што Грција е членка на Европската Унија.

 

Во Босна и Херцеговина не постои проблем со јазикот. Сите три нации перфектно се разбираат, но националната поделба станала начин на живот во сите области, посебно во образованието. Го имаме оној познат феномен – две училишта под еден кров, каде учениците од различни националности одат во исто училиште, но се потполно одвоени и воопшто не се среќаваат.

 

Асим Мујкиќ:Баш поради тоа што се разбираме оние кои ја заразија Босна и Херцеговина мораа да направат големи злосторства од невидени размери и да запалат толку градови и села да би ја уништиле идеата за можност од заеднички живот. Кај нас нацијата најдобро се гради низ системот на образование. Заедно со црквата, образованието е најбитниот идеолошки инструмент за производство на сопствен народ. За разлика од, на пример, Белгија, каде етничката и културната разлика основа за различна политичка артикулација, во Босна и Херцеговина со политичките средства морала да се произведе културна различност. Тој процес е брутален и безобразен и често содржи елементи, ќе го употребам тој израз, на фашистичка пракса на раздвојување на учениците и тоа под маската на остварување на правата на образование на свој јазик.

 

Босна и херцеговина и Македонија се слични и по тоа што се изложени на јако влијание од соседните држави, кои имаат и тоа како влијание врз случувањата во тие две земји. Ви, госпоѓо Ванковска, ја спомнавте Грција, но како е со останатите држави со кои се граничи Македонија – Бугарија, Србија и Албанија.

 

Билјана Ванковска:Македонија има отворени прашања практично со сите соседи. Очигледно е дека национализмот е жив и здрав во сите земји од регионот, за жал, дури и во оние кои се членки на Европската Унија и кои би требало нам да ни бидат пример како да изградиме демократско општество. Не би навлегувала во односите со Бугарија и Србија кои, вистина, имаат извесно влијание на овдешните случувања, но не и претерано. Да речеме, во односите со Србија најделикатно прашање беше македонското признавање на Косово, затоа што Србија е моќен сосед и голем пазар, па постоеше страв дека Србија ќе реагира нервозно. Меѓутоа, со посредство на меѓународната заедница тој проблем е решен, па Србија тоа признавање го прифати без поголеми турбуленции. Се чини дека, ако ја изоставиме Грција, најделикатен е односот со Албанија, затоа што кај голем дел од Македонците постои страв од некаква Голема Албанија. Македонците немаат друга матична држава, ова им е единствена држава и одтаму е стравот. Не мислам дека кај Албанците постојат некои планови за создавање на Голема АЛбанија, бидејќи се свесни дека за тоа не постојат услови. Меѓутоа, таа тема доаѓа добро во време на политички и изборни кампањи, како што тоа беше случајј со минатогодишната прослава на стогодишнината од формирањето на албанската држава кога лидерите на АЛбанија и албанските лидери од Македонија и Косово заедно одржуваа митинзи од кои испраќаа пораки дека сите Албанци гледаат обединување во Евопската Унија, што предизвика негативни реакции кај Македонците.

 

Колку соседите на Босна и Херцеговина влијаат на нејзината стабилност?

 

Асим Мујкиќ:Апсолутно влијаат. Посебно Србија како најјака земја на западниот Балкан. Јас сакам да кажам дека Босна и Херцеговина ќе стане консолидирана демократија оној момнет когаСрбија ќе одлучи. Видовме како по повод прогласувањето на независноста на Косово се коцкаше со статусот на Република Српска. Босна и Херцеговина, се додкеа робува на надворешните етнонационални проекти, ќе остане ранлива внатре и потполно ќе зависи,  од една страна од меѓународната заедница, а од друга страна од српската, односно србјанските политички елити. Користејќи го своето влијание на власта во Република Српска Србија во значајна мера може да влијае на случувањата во Босна и херцеговина и во негативна  и во позитивна смисла. Сакале ние или не, патото до внатрешна консолидација на Босна и Херцеговина е преку Белград, како што и одеше преку Загреб. Политиката на Загреб во добар дел се измени, влијанието на Хрватска врз случувањата во Босна и Херцеговина е значително редуцирано, би можело да се рече и незабележително. Да заклучам, со оглед дека ни Босна и Херцеговина, ни Македонија не се национални држави тие се многу ранливи и подложни на влијанијата на своите соседи.

 

Колку макеоднските и босанскохерцеговските политичари со својата незрелост допринеле земјата да им се најде на крајот од балканската колона која патува кон Европската Унија?

 

Билјана Ванковкса:Мое мислење е дека тие можат да бидат лидери само во овој хаос во кој живееме. За жал, не можеме да очекуваме дека во иднина ќе имаме некои подобри политички елити. Младите, кои денес се ангажираат во политичките партии, се многу прагматични, тие се клонови на постарите колеги. Второ,  меѓународниот фактор не сака да експериментира со нови луѓе. Тие велат: “Да, овие се лоши, но нив бар добро ги знаеме, зошто да пробаме нешто друго”. Трето, во Македонија воопшто не постои простор за алтернатива. Нема никаква шанса да се појави партија на граѓанската опција, бидејќи, штом влезете во политичката трка, морате да се изјасните за својата етничка припадност.

Асим Мујкиќ: Политичарите во Босна и херцеговина се неспорно најголемите виновници што земјата се најде на крајот од балканската колона. Тие се оние кои ја генерализираат кризата и подигаат тензии за да би ја зајакнале својата власт.

 

Во заклучокот, во која мера Босна и Херцеговина и Македонија се слични?

 

Билјана Ванковска:Ние во овој разговор изнесовме толку сличности што заклучокот сам се наметнува. Меѓутоа, комуникацијате меѓу овие две замји е толку ретка и слаба што ние воопшто не се познаваме, па ни незнаеме колку сме слични една со друга. Кога би имале повеќе вакви мостови кои би ги приближувале двете јавности, тогаш би можеле да  учиме едни од други и би виделе како нашите политичари користат исти трикови и механизми што подолго да би останале на власт. Секако дека и Босна и Херцеговина и Македонија имаат свои специфичности. Босна и Херцеговина е, можеби, трагичен случај затоа што во бивша Југославија беше par excellence пример за мултиетичност и зближување на луѓето од различни нации во сите сфери на живеењето, вклучувајќи ја и интимата, додека Македонија со распадот на Југославија се најде во целосно нови околности. Таа морапе да сфати дека нема веќе братски народи кои ја сочинуваа онаа голема држава, туку дека е сега свртена кон своите први соседи – Албанците. Сепак, Македонија во многу работи подобро помина од Босна и Херцеговина бидејќи нема толку воедни о повоени трауми, иако како и Босна и Херцеговина има проблеми со помирувањето и соочувањето со минатото, што нејзината политичка елита пробува да ги избегне.

 

Асим Мујкиќ:Почнавме со загребскиот професор Жарко Пуховска, па предлагам да завршиме со сараевскиот професор Здравко гребо кои вели: “Ни нема спас, нема да се распаднеме”. Голема е сличноста помеѓу Македонија и Босна и Херцеговина. Станува збор за неуспешните консоцијации, за етнокрацијата за која со сигурност се знае дека нема да доведе до демократија и до стабилно, граѓанско општество. Босна и Херцеговина и Македонија, како и Црна Гора, претставуваат последни оази на мултиетичност во регионот. Процесот на расткајување на мултиетничноста на Балканот трае веќе сто години пред очите на цела Европа. Тој процесна безнадежно измешани народи, како што вели Марија Тододорва, брутално етнички се чистеше низ процесот на создавање на национални држави. Би требало да најдеме начин мултиетничноста да биде предност. Дека Босна и Херцеговина може да функционира поинаку покажа комунистичкиот период. Тоа можеби не е популарно да се каже, но Босна и Херцеговина тогаш беше заснована како плурална заедница – и српска и бошњачка, и хрватска, но ниту српската, ниту бошњачката, ниту хрватска. Во тоа време таа го имаше својот најголем успон во секој поглед, и во културен и во економски. Постојат модели за мултиетнички земји, но нам упорно ни се наметнува моделот на консоцијација кој ќе ги раздвои и Босна и Херцеговина и Македонија. Принципот на територијализација се вовлекува на задната врата во Босна и Херцеговина, можеби утре во Македонија, а тој неизбежно води кон довршување на чистењето на националните простори, што е трагедија за сите нас, а и за Европа. 

пренесуваме:  Slobodna Evropa

превод: К. П.

Оставете коментар