Мајмун и бит

Нам ни треба “оздола“ противставување на силеџиството на груевизмот, барем во онаа форма или точка во која делуваме: пишување, улици, паркови, или она што се нарекува Јавен простор. Оти кога се’ ќе се корумпира и кога се ќе пропадне, пак ќе мора од овие нивоа да градиме некаква граѓанска заедница.

Не го намалува човечкото достоинство фактот дека „настанал од мајмун“ (како што и обично се поедноставува потеклото на човечката врста), туку тоа што многу наши двоножни сродници инсистираат да останат мајмуни. Имено, не e проблемот ниту во луѓето, ниту во мајмуните, туку проблемот e во оние што имаат заглавено измеѓу, така што доминантното политичко-полициско-мнозинство ни прогласува една мера на стварите и работите во кои мора доследно да се држиме освен ако нели, не сме „предавници“?

На барикадите, напред, до оние железни чудесии, имааше полицајци, јас ги гледам в очи, они мене бегло ми го возвраќаат погледот. Знам зошто се тука – го бранат и легитимираат „поредокот“ – се сомневав тогаш како и сега, дека тие знаат што јас таму правам, ама сеедно, тука сме. И јас и тие. На другата страна од барикаде, кај познатата Триумф(eк)ална порта прав џумбус: нашите комшии, пријатели, роднини по вујни, тетки и слична рода-порода, познаници… луѓе кои не сакаат да се истакнат во вакво невреме, се држат во толпата, чопорот, хордата, чекаат да го искажат својот бес. А кога се сами, тогаш се питоми. Не се пентерат по дрвја, не фрлаат камења и јајца; пред да почнат да ја јадат бананата, најпрво ја лупат. Од друга страна гледано, би се рекло дека се потполно очовечени, распознаваат букви, неретко со мака, ама се гледа понекогаш – произведуваат дури и артикулирани гласови; пред неколку години инсталираа систем кој се нарекуваше „Компјутер за секое дете“, значи – не’ компјутеризираа! Создадоа систем во кој амортизираната и анестезирана анонимна боранија ќе може да шири разни дефемации на обични и недолжни луѓе! Секојдневните уриликања „Бранко е крив!“ не го намалува злосторот и криминалот на другата страна. Безмалку доаѓа како колективен срам на владеачката структура. Пробува да ја испере својата нечиста совест преку нови поделби и дефамирање на обични, повторувам – недолжни луѓе! Седум години произведуваат фекална омраза кон Другоста, Различноста, опозицијата… против душманите, нели?

Луѓе, баш им е супер да се токму вакви какви што се. А како да не им биде убаво кога им се може да прават тоа што им се сака?!

Се издигна еволутивната ДПМНЕ-овска Полуција да расшиба и да расчисти што „расчистити се може“, гледајќи ги оние злосторнички снимки – „Опозиционерите летаат на небо“! – лансирани на мега-популарниот сајт „Курир“, и „Вечер“, се разбира, од персепктива на Паљурци, сајтови во кои секоја анонимна властодржавничка-овчичка може да пушти се што му е драго директно од малиот мозок, се разбира, ако го има. Ги замислувам одвратниве пучисти кои создадоа Власт – Егзекутива, нешто што е обрано од Легислатива, како се sверат со огромна радос на тој инфамен „Курир“ и тој инфамен „Вечер“, прождрено се sрекаат sверејќи се во клиповите и ситејќи се на оние кои се внатре. Си гледа он така…, и некако му доаѓа топло на срцето, се разнежил пред самиот себе, се разнежил пред својата духовна мајмунска егзистенција, несебично да се размоча и разсере над човечкото и достоинственото, кајшто се може и кајшто на такво ќе наиде. И немојте да се тревожите – има цела Глобална индустрија на мајмунска егзистенција која се дресира само за час, момент и светлина да го исплукаат малиот, малцинскиот и вистинитиот; ДПМНЕ-овчичките сами ова не можат да го (осо)знаат, оти се во контекст, само што овој пат контекстот е – локален!

Стариот и добар Олдус Хаксли вреди да го споменеме и книгата која се вика „Мајмун и бит“, во нашиот локален контекст слободно може да ја поврзете аналогијата на нашиот сајбер пропаганден „Курир“ и „Вечер“. Тука ќе видите како тој размислува, чувствува и сфаќа за суштината на било што на нашата мајчичка Земја. И се додека е така и додека е таков, никогаш нема да може да ја рипне сопствената сенка, тренсцендира своето постоење, и да го погледне во огледало сопствениот Човечки Лик, оној прав и вистински кој ја сочинува идејата на Бога и идејата на Правдата!

Оставете коментар