Дел од лозарите од Кавадарци сеуште без субвенции

Владата беше должна по закон да ги исплати сите субвенции во одредениот рок кој за жал и самата не го испочитува. Постојано кружат информации и реклами по медиумите како секојдневно се одлеваат пари од буџетот наменети за земјоделците. Меѓутоа ситуацијата на терен е сосема различна.

Во подрачната единица на министерството за земјоделие при општина Кавадарци во тек е аплицирањето за субвенции за насадена површина со лозов насад. Аплицирањето е наменето по основ 40000 денари за 1 хектар површина со лозов насад. Аплицирањето се одвива доста бавно, во тензична атмосфера и доколку имате голема среќа, ќе завршите работа истата ден.

“Доаѓам еве трет ден по ред. Работата оде многу споро како што гледате и самите. Велат дека имале некаков проблем со компјутерите, навистина не се разбирам од тоа. Меѓутоа моите секојдневни обврски еве веќе трет ден по ред ги одложувам за да ја завршам оваа работа. Навистина не знам дали и денеска ќе завршам.” – се жали еден од лозарите. 

Формулирањето на апликациите се одвива во две простории каде вкупно се вработени 8-10 административци. Имаат сериозен проблем со софтвер апликацијата и се случува понекогаш да завршат и едвај по 10 апликации на ден. Пред вратите е турканица, гужва, и до стотина граѓани присутни. Револтирани, принудени се да доаѓаат и по два, три дена по ред за да завршат работа, одложувајќи ги своите секојдневни обврски. Меѓутоа и тоа не им е гаранција.

“Еве денес аплицирам за субвенции за исплата по хектар лозов насад. А сеуште не ми се исплатени субвенциите за минатата реколта. Ниту субвенциите 40000 по хектар ниту пак субвенциите 2 денари по килограм грозје. А гледам по телевизија нон стоп се зборува дека сите субвенции спрема лозарите се подмирени. Срам да им е.” – негодува еден од лозарите.

Половина од средствата кои беа наменети за субвенции за минатата 2012 година, или точно 50 милиони евра, владата ги исплати околу средината на месец март кога беа одржани и локалните избори.Дел од земјоделците меѓу кои секако се и лозарите беа задоволни од таквата политика на владата бидејќи предвреме им легнаа парите на сметките наменети за субвенции. Меѓутоа тоа беа само дел од нив.

Оставете коментар