Кривична пријава за поранешна директорка на ОУ “Страшо Пинџур” од Кавадарци

Васка Јовановска од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и поранешна директорка на основното училиште “Страшо Пинџур” од Кавадарци заработи кривична пријава за злоупотреба на службена положба и овластување.

Во соопштението од МВР се наведува дека ПС Кавадарци поднесе две кривични пријави против В. Ј(62) од Кавадарци поради постоење основи на сомнение за сторени две кривични дела “злоупотреба на службена положба и овластување“. Во периодот од 2014 до 2017 година, пријавената искористувајќи ја својата службена положба и овластување како директор на Основното училиште “Страшо Пинџур“ од Кавадарци, извршила злоупотреба на средствата кои биле потрошени за гориво преку користење на картичка за гориво.

Имено, за набавка на гориво за единственото службено возило со кое располагало училиштето во посочениот период потрошила средства во износ од 457.500 денари, а според вкупната измината километража во овој период со возилото, реално биле потрошени 161.840 денари. Пријавената исплаќала гориво од средствата на училиштето за други возила кои не биле во сопственост на училиштето, ниту пак дала образложение или причина за користење на возилото и горивото. Пријавената во 2014 и 2016 година извршила набавка на гориво без притоа да ги почитува одредбите од Законот за јавни набавки и да распише постапка за јавни набавки. На тој начин пријавената направила вкупна материјална штета на буџетот на училиштето, односно буџетот на Локалната самоуправа-Кавадарци во вредност од 295.660 денари.

Кривична пријава за поранешна директорка на основно училиште од Кавадарци

Второто кривично дело пријавената го сторила во периодот од 2014 до 2016 година, при што во својство на директор на ОУ, склучила пет договори за привремени услуги со четири физички лица на вкупен износ од 88.640 денари и истите не ги завела во деловодната книга. Овие услуги и работни задачи кои биле предмет на договорите воопшто не биле изведени од овие лица, односно дел од нив биле извршувани од страна на веќе вработени лица во училиштето без надомест, а на лицата наведени во договорите им биле исплатени парични средства наведени во договорите, со што пријавената направила материјална штета на буџетот на училиштето, односно на буџетот на Локалната самоуправа-Кавадарци во вредност од 88.640 денари.