Колумна на Љупчо Златев: “Портокалови кмери – не успевате!”

Антиквизацијата – пропадна

Ако ја анализираме антиквизацијата и нејзината примарна намена: корупцијата и перењето на пари – тогаш мора да признаеме дека мисијата на антиквизацијата е апсолутно исполнета. Мора да признаеме дека преку неа од македонските граѓани се украдоа многу милиони евра. Антиквизацијата како параван и тоа како ефикасно успеа да им ги уништи животите на многу граѓани а богами успеа и да им ја земе и иднината. Примарната цел е остварена, парите се испрани, здиплени се на личните сметки низ банките во светот, а секојдневно доаѓаат и нови, пошто нели – антиквизацијата е процес кој трае!

И со својата секундарна намена – изолацијата на Македонија од евроатланските интеграции – антиквизацијата ги покажува забите на својот успех. Да, комплетно си ја одигра улогата на провокатор кој ќе не оддалечи од интеграциите. Си најде и свој адекватен непријател на југ. Адекватен по нивото на лудило, се разбира. Не оддалечи од интеграциите едно поради болната желба за апсолутна власт на нејзините архитекти, друго, не’ оддалечи од евроатланските интеграции за нејзините архитекти да можат без проблем да ја остваруваат нејзината примарната дејност. Не само нејзина примарна дејност. Примарна дејност на еден куп други проекти – корупција и перење на пари.

Но, ако ја анализираме нејзината терцијална намена односно, идентитетско-историска трансформација на македонскиот народ, мораме да констатираме дека антиквизацијата – пропадна. Да, сета таа смрдеа на бакарен кич не успеа од граѓаните да направи антички македонци. Успеа кај оние со поплиток мозок, од нив успеа направи борги-војници за каузата. А каузата е пљачка. Но генерално не успеа, генерално оној кој не може да скрпи крај со крај не сака антички циркус. Можеби ако антиквизацијата ги реактивираше античките оргии ќе имаше поголем успех, вака, емисиите на нејзините мегафони имаат се помала гледаност.

Портокалови кмери, не успеавте! Не’ успеавте да го смените идентитетот на македонскиот народ. Не успеавте од македонците да направите поданици на вашиот апсолутизам, и наскоро ќе бидете казнети за овој фашистички обид.

На исток мрак и лага

Овој поднаслов го дадов како парафраза на стих од една композиција на еден наш провладино ориентиран бенд. Оригинално гласи „На исток сонце и вистина”. Но во происточните политики на владата нема ни сонце а богами нема ни вистина. Има само фотографии со индијски кловн и руски диктатор. Овој првиот веројатно го искористи топлото време во Македонија за бесплатен годишен одмор. А, овој вториот не ни знаеше дека разговарал со нашиот Пастир. Не знаеше, со него имаше 17 секундно фотографирање на еден саем а кај нас во медиумите тоа беше претставено како средба и разговор помеѓу него и Пастирот. Русија исто така е релативно недемократска и’ сиромашна земја. Тоа апологетите на портокаловите кмери не ни го кажуваат, а сиот свет, па и русите, тоа го знаат.

Се потпишуваат договори за се и сешто. И претходно се потпишуваа но од нив никаков аир не видовме. Се потпишуваат само за камера.

Нека ми каже некој пример на една држава која се развила со Руски, Индијски или Кинески инвестиции па тогаш ќе почнам да верувам на происточните политики? Има една држава која се развива под руска капа, но во неа како и кај нас се развива само недемократијата. И таму како и кај нас има политички затвореници и хајка против опозиционите медиуми.

Портокалови кмери не успевате! Нема друго решение освен ЕУ и НАТО. Џабе се мачите да побегнете, од нормалниот свет нема бегање!

Опзицијата се обедини

Иако тоа е неприродно, се создаде широка клоалиција против портокаловите кмери. Неприродно е затоа што има партии од левата и од десната страна на политичката мапа (од пред два дена има и партија од албанскиот блок). Да, тоа е неприродно. Иако тоа е неприродно, сепак се добива впечаток дека е коректно кога ќе го поставиме прашањето: Зарем оваа влада е природна? Овој начин н а владеење е природен за овие времиња?

Можеби на фронтот против портокаловите кмери се наоѓаат (како што велат кмерите) “истрошени политичари”, но тие се единствените политичари кои имаат километража во своите нозе за да можат да му се спротистават на овој софистициран апсолутизам.

Не се слаби овие политичари. Можеби се премногу искусни, можеби се идејно истрошени но сепак се силни. Силни се, а против сила каква што е оваа на портокаловите кмери можеш само со сила. Тие се единствените кои може да ја рушат оваа ненародна власт. Да не беа тие единствените кои може да ја рушат оваа власт, немаше да се трошат толку пари за реклами кои ги оцрнуваат нив.

Портокалови Кмери не успеавте! Не успеавте да го поделите македонскиот народ. Еве гледате и самите: поранешните најголеми непријатели се обединија против вас.

Реформите потфрлија

Поради економијата дојдоа, поради економијата ќе си заминат. Субвенциите потфрлија, пласман нема, увозот е зголемен. Имаме темпирана бомба – се вика администрација. Администрацијата е најголем вработувач во државата, смешно зар не? Бирократијата е најпродуктивниот сектор во државата? Се позајмуваат пари за да се даде пензија. Ова ме потсетува на една друга држава, на Грција! Ме потсетува на грчкото сценарио кое се надевам нема да го доживееме. Ама по се изгледа ќе го доживееме.

Енергенсите ни достигнаа рекордна цена. Храната исто така секојдневно поскапува. Платите остануваат исти или се намалуваат а и се губат. Единствениот доказ за реформите на портокаловите кмери е намалувањето на невработеноста. Намалувањето преку фиктивното бришење од евиденцијата.

За кои странски инвестиции ние зборуваме? Каде се да ги видам? Освен Џонсон Мети кој беше донесен од СДСМ и мораме да им признаеме за Џонсон Контролс на портокаловите кмери – се друго може да видиме само на телевизија, и тоа од 2006-тата па наваму. Камен темелници и ни тула повеќе.

Да се биде државник значи да се направи непопуларен потег на сметка на својот рејтинг ако тоа е потребно за доброто на граѓаните. Ако претходно владата на СДСМ направи непопуларен потек со кастрењето на администрацијата, портокаловите кмери не ни помислуваат на тоа. Па како ќе ја кастрат администрацијата? Тие имаат партиски војници чии потреби треба да бидат задоволени. Напротив, администрацијата ќе ја окрупнуваат за подолго да може да уценуваат и со тоа да останат на власт. Е ова е темпираната бомба за која ви зборував. Ќе дојде момент кога буџетот нема да има снага да ја издржи оваа преголема администрација. Преголема администрација зачинета со коруптивни проекти.

За какви рефорими зборуваме ние кога имаме волку мегаломанска администрација? Со волкава администрација никоја реформа не е возможна. Возможна е само реформа на нашиот стомак, да преживуваме со дупло помалку храна.

Портокалови Кмери не успеавте! Создадовте темпирана бомба која ќе испука во вашиот популистички двор!

Арач, инспектори, казни

Ова веројатно е најинтересната тема. Тема која портокаловите кмери постојано ја заобиколуваат. Управата за јавни приходи постојано изрекува казни. Прашањето е кон кого? – изрекува казни кон ситните бизниси а големите фирми блиски до власта се заштитени како поларни мечки. Да не се залажуваме многу, поголем проблем е тоа што работници во индустријата работат осигурани на 4 часа и не носат заштитна опрема, од тоа што некој дуќанџија напишал “работно време” на латиница или, пак, некој месар не вметнал пола килограм мелено месо во фискалната каса. Многу поголем проблем е што тие работници се осигурани на 4, а работат 14 часа од тоа што некој продавал ѓеврек без да плаќа данок. Ѓевречарот го прави тоа за да преживее а ултра-богаташот го прави тоа од алчност и блискост до власта која му го овозможува тоа.

Арачот си врви. Ситниот капитал го дава преку казни и агенции за обезбедување, а крупниот го дава со вреќи пари под маса и со вработување на партиски војници. Арачот е неизбежен и сите како да се помирија со тоа. Никој не се помирил со тоа драги мои, наскоро ќе дојде моментот на едно-минутна-демократија кога секој граѓанин ќе го даде својот глас.

Портокалови Кмери не успевате! Арачот ќе ви удри од глава како и се друго погоре. Краткорочни се вашите политики. Ќе крене глас обичниот граѓанин кој го казнувате за се и сешто.

Пишува: Љупчо Златев

(Од архивата на Мојот Град, 20.07.2012)

 

Објавено од срце, од Кире Бебеџаков

Оставете коментар