Интервју – Уранија Пировска: Кавадарчани да се борат за своите со Устав загарантирани права

Ненад Јовановиќ: Кога ги разгледував вашите агенди како прв човек на Хелсиншки комитет, се’ гледа дека не мирувате, што ми дава за право да заклучам дека можеби Македонија во моментов изгледа како темпирана бомба во која нужно – и системски – се кршат човековите права. Зошто? Дали Македонија е дехуманизирано општество во целина? Дали силата на мнозинството е единствената „надеж“ за нас како народ?

 

Уранија Пировска: Република Македонија се соочува со сериозни нарушувања на функционирањето на системот во целина. Од тука и нагласеното дејствување на Комитетот во регистрирањето на состојбите со кршењето на човековите права и слободи е нужна последица. Имено, кога велам дека станува збор за нарушување на функционирањето на системот во целина, мислам на апсолутна нефункционалност на институциите, кои постојат за граѓаните и’ за остварувањето на нивните права. Кoга постои таков дефект, тогаш нарушувањата се случуваат како верижен процес. Нефункционирањето на судството, односно неговото заложништво од страна на извршната власт и нејзината доминација, доведоа до тоа и граѓаните и нивните права да бидат ставени во позиција на заложништво. Од друга страна, зборуваме за влада која има несразмерно голема администрација која воедно е и оној принуден електорат на сите избори, што пак од друга страна значи и тоа, дека вработените во таа администрација, плашејќи се’ за својата егзистенција, остануваат неми на сето она што се случува. Стравот во голема мера е причината за индиферентноста и инертноста на народот.

 

НЈ: Пред неколку денови се случи масовен студентски протест. Неколку десетици илјади млади луѓе од цела Македонија протестираа на улиците во Скопје, Битола и другите градови. Што е тоа што студентите го бараат? Првично, се работи за против екстерното тестирање на универзитетот, oдносно против државен испит,но што ако не е толку наивна работата, што ако низ тој државен тест, власта сака да направи упад со свои инсталации и’ да ја наруши автономијата на Универзитетот?

 

УП: Екстерното тестирање е секако симптом на малигнитетот на политиките на оваа влада и апсолутно е манифестација на она што претходно го говорев за доминацијата на извршната власт. Не е прв пат власта да сака да изврши упад во оние сфери каде според својот мандат нема право. Но тоа е повторно онаа верижна реакција, сега на ред е и високото образование. Но, студентите покажаа навистина голема храброст и мудрост што некако мислам дека на сите ни го поткрена моралот, но и ни ја вратија надежта дека сепак овој народ нема вечно да потклекнува и да молчи против неправдите.

 

НЈ: Во едно интервју ќе речете дека „Младите немаат правилни сознанија за човековите права“, оттука, прашањето ми е: зошто би ги имале кога денес на (с)цена се некои други правила на игра. Да излажеш, да сокриеш, да измамиш, да се бориш за нефер-плеј, како во работните односи, така и во секојдневието. Ми се чини дека тоа е денешната реалност: на сцена се огромни разлики меѓу луѓето, па кој сега да се интересира за нечии туѓи човекови права, ако не се своите, нели?

 

УП: Токму на тоа и поентирав, дека се промовираат некои лажни вредности, дека се промовираат стереотипни дефиниции за одредени феномени и појави, дека се работи на продлабочување на разликите помеѓу младите луѓе. Тоа, за жал, резултира со насилство, а најчести жртви се најмладите. Појдете од тоа, дека младите луѓе немаат никакви сознанија за историјата, културата и традицијата на другите народи кои живеат во РМ. Како да разберат и прифатат кога немаат знаења за работите, кога се индоктринирани и од својата средина да го мразат различното само поради тоа што е различно? Човековите права треба да се почитуваат и борбата за нивно остварување никогаш не треба и не смее да биде на штета на туѓите права. Одговорноста за тоа ја имаме сите.

 

НЈ: Друго прашање, кое е ужасно важно е тоа дека, достоинството на работникот е згазено, односно функционира на милост и немилост, што од локалните, што од регионалните властодршци. Зошто толку опсесивен умот на оние кои ја водат земјава?

 

УП: Состојбата со работничките права, сиромаштијата, експлоатација на трудот… Во услови кога имаме закон кој е креиран само за да ги заштити интересите на работодавецот, не можеме ни да очекуваме друга состојба. Се’ поголем е бројот на поплаки на граѓаните кои се однесува на социјалната положба, работничките права. Во отсуство на праведен систем и вредности, многу е тешко да се говори за социјална правда. Друго прашање е и’ функционирањето на синдикатите, односно нивното несоодветно функционирање и неисполнување на основната улога – заштита на правата на работникот.

 

НЈ: Кавадаречкиот Дрекселмаер, компанија со 4.000 вработени, се’ уште нема синдикална организација. Вработените се тотално обесправени и немаат на кого да се пожалат, немаат каде да си ги побараат своите работнички права. Што значи, нема човек и организација која ќе ги заштити. Или, пак, дали овие инвестиции се појавуваат како качулки за да одредени поединци профитираат на грбот на работниците?

 

УП: Хелсиншкиот комитет е запознат со овие состојби преку медиумите, но, за жал, досега немаме добиено поплака од работник, што претставува основа за покренување на одредена постапка. Меѓутоа, тоа не значи дека немаме намера посериозно да се занимаваме со овој случај.

 

НЈ: Како би можеле да им помогнете, вие како Хелсиншки комитет, конкретно на луѓе од Кавадарци кои имаат проблеми на работа: стигматизирани, дискримирани, обесправени. Кoja логистичка поддршка би им ја дале, како би им помогнале?

 

УП: Секој граѓанин кој смета дека му е нарушено било кое право согласно Устав и закон, може да се обрати до Комитетот кој дава бесплатна правна помош и особено е активен во делот на дискриминацијата, но секако, и’ во сите други области. Освен што постапуваме наспроти институциите, ние исто така можеме да пружиме правна помош и за покренување судска постапкa во услови кога станува збор правна работа која манифестира феномен или состојба со која се засегнати правата на поголема група граѓани. Ги охрабрувам граѓаните никогаш да не се откажат од борбата за своите права!

Оставете коментар