Кавадарчанец со 70% оштетено срце, бара правда од надлежните институции

Изминативе седум години здравјето на Ангел Андов од кавадарци сериозно му е влошено.Се работи за оштетено срце како и оштетен бел дроб. Голготата на овој човек започнала на 6-ти април 2006 година кога бил примен во општата болница во Кавадарци.Установена му била дијагноза на забрзано чукање на срцето како и аритмија.После една преспиена ноќ, утредента на 7-ми април со амбулантско возило на Брзата помош, бил испратен на одделот за кардиологија во државната болница во Скопје.

После неколкуте испитувања на клиниката во Скопје, надлежните лекари откриле дека Ангел има сериозни оштетувања на срцето како и на белиот дроб.На клиниката за кардиологија е задржан во периодот од 7-21 април, периодот каде му се извршени серија испитувања на срцето.

Пуштен е на од болница со препорака дека не е способен за физичка работа и во наредните 2 години треба да се јавува редовно на контроли во согласност со терапијата која му е дадена.Меѓутоа и после 2 години редовни контроли и испитувања, немало резултати во заздравувањето на срцето.

Напротив, после 2 години терапија и контроли здравјето на Ангел се влошило до таа мера што била неизбежно вградување на бивентикуларен ПС (пејсмејкер), како би се регулирала и набљудувала работата на срцето.Пејсмејкерот му е вграден на 14 октомври 2008 година.Хирурзите кои го изведувале овој хируршки зафат му препорачале на Ангел дека не смее да се занимава со никаква физичка активност.Срцето на Ангел треба да одмара.

Иако со вграден пејсмејкер, здравјето на Ангел драстично се влошило.Се пожалил на забрзано срцебиење и гушење при што довело да повторно биде примен на клиниката во Скопје во периодот од 11-18 јануари 2012 година.

Бидејќи не бил работоспособен, во меѓувреме, додека водел борба за својот живот, Ангел редовно поднесувал документи и аплицирал во фондот за пензиско и инвалидско осигурување за добивање на инвалидска пензија.Во три наврати бил одбиван од инвалидската комисија, иако во сите негови контроли и терапии препишани од докторите му е наложено дека има сериозни оштетувања на срцето и не во состојба да работи.

Паралелно, од 2006 година, Ангел Андов го посетувал и се лекувал и на институтот за патофизиологија и нуклеарна медицина во Скопје.Од институтот му е дијагностицирано дека Ангел Андов е хронично болен и веднаш мора да престане со секаква физичка активност.

Интересен е фактот што и покрај многубројните препораки од стручните лица, доктори и хирурзи, сепак надлежните институции немаат слух за маката и проблемите со кои се соочува овој човек.
Ангел Андов е крајно револтиран и разочаран од тоа како се одвива целата ситуација.Вели, кога оваа држава не се грижи за болните лица, што останало тогаш за здравите?

Од 2006 година па до денес, Ангел е во потрага по правдата и вистината низ лавиринтите во македонското здравство.Со вграден пејсмејкер, со оштетено срце од преку 70% како и оштетен бел дроб, Ангел вели дека не се откажува од своето загарантирано граѓанско право и дека и понатаму ќе ја бара својата правда во општеството во кое живее.


 

Оставете коментар