Како престанавме да учествуваме во сопствениот живот?

Во преголемата желба важните моменти во нашите животи да ги сочуваме од заборав, всушност неповратно ги губиме. Зошто престанавме да веруваме на сопственото помнење и почнавме панично да го забележувааме секој битен настан, плашејќи се дека, ако не го фотографираме баш овој момент, тој ќе побегне, несмесвни дека баш тој момент сме го пропуштиле?

Фотографиите и видео снимките од нашите свадби, родендени, крштенки, но и од оние секојдневни настани вредни за помнење, складирани на носачи на меморија, во телефоните, мемориските картици, на ДВД-а, хард дискови, youtube, овој или оној cloud, би требало, најверојатно, да ја гаррантира трајноста на нашите спомени. Тоа, уверени сме, не може да се очекува од непредвидливиот човеков мозок, подложен на заборавање, сенилност, деменција, Алцхајмер и останатите непријатели на долгорочното помнење.

На приредбата по повод 8 – ми март, во една градинка, додека децата им изјавувале љубов на своите мајки, многу од нив (вклучувајќи ја и авторката на овој текст) ги гледале своите Cannon – и, Nicon – и, таблети, IPad – ови, Galaxy и останатите чуда на техниката, уверени дека, единствено ако ги снимат, ќе успеат да ги овековечат тие моменти на искрена среќа и гордост.

Но кога го држете телефонот или камерата, погледот ви е прикован за малиот екран, додека пред вас, во природна големина, стои вашето дете и ги бара вашите очи кои ќе му влеат сигурност и ќе му дадат потврда дека се испеало како што треба. Вашите раце се презафатени за да тропкаат во ритамот на музиката и гласно да аплаудираат на крајот од секоја точка. Мозокт е премногу концентриран на снимката, за да свесно и во целост го доживее она што се случува веднаш пред вас.

Техниката која би требало да ви обезбеди спомени на овој настан, се испречува меѓу вас и вашето дете, ускратувајќи ви ја можноста со своите сетила и разум во целост да го проживеете ова прекрасно искуство.

Со секој нов технолошки изум, рокот на траење е се пократок. И пред да дојде до дефект или истрошеност од употреба, вашиот набитен гаџет бргу ќе го замените со нов. За да бидете сигурни дека вашите фотографии и видео снимки се безбедни од бришење, правите дупликати, ги преместувате архивите од еден на друг уред, изработувате еден куп фотографии, повеќе одколку што имате место во албумот … Или спаѓате во оние кои заборавиле каде им се наоѓаат видео снимките од минатото летување, а меѓу илјада фотографии е многу теѓко да направите пократок избор за изработка, па таа работа ја оставате за понатаму …

Без разлика во која група се наоѓате, и понатаму припаѓате на мнозинството кое, во сеопшта хиперпродукција на спомените на настаните од својот живот, се чини, се помалку учествува во нив.

Дали за тоа е виновен Facebook, поради кој добивате впечаток дека она што нема да го објавите на својот профил не се ни случило? Една од моите FB пријателки редовно ги бележи настаните од својот живот кои сака да ги сподели со другите. Најчесто тоа се симпатични работи, меѓутоа, нејзината потреба да ги сподели во реално време не престанува дури ни кога станува збор за нејзиниот едногодишен син кој во тој момент има висока температура или се качил на стол од кој во секој момент може да падне, додека неговата загрижена мајка го фотографира за својот нов статус на FB.

Или пак за оваа хиперпродукција е виновна дигиталната револуција која ни гарантира дека барем една од тие илјадници фотографии ќе излезе како што треба? А можеби е во прашање и фактот дека сега можеме да документираме се што ни се случува, а свеста за минливоста го прави бесценет секој момент?

Било која и да е причината, со мисла дека еден ден удобно ќе се сместиме во фотолја, со наочари на нос, и ќе ги гледаме старите фотографии и ќе се присетуваме на таа осмомартовска приредба во градинката, ризикуваме, наместо да ја доживееме веселата атмосфера во која сме учествувале, во сеќавањето да се навратиме само на малиот екран на нашата дигитална камера.

 

 

 

Оставете коментар