Извор на животот, извор на смртта

Го слушате Иванов? Го читате? Имате мислење за него? Има ли некој мислење за него без разлика дали го читал или гледал? Смеете ли да имате мислење за него, а притоа да не ве прогласат за „политички идиот“?


Фанатичен сум читател последниве шест-седум години, ги читам сите весници и неделници, а мојата дрскост оди дотаму што читам и’ „убава книжевност“ и’ онаа помалку убава, дури и „закачив диоптер“ затоа што го расипувам видот на интернет. Па сепак, Ѓорге Иванов ниту го слушам ниту го гледам. Нити било која „владина“ досадна камарила, затоа што тоа е наменска „неполитичка функција“ која не’ објаснува апсолутно ништо. Дали ме прави тоа неодговорен граѓанин ако апсолутно ништо не ме интересира што има ново да изјави владиниот кандидат, Иванов? Речете што сакате, ама јас не верувам во него! Поенти и изјави на вистински државници се читаат и слушаат лесно, или воопшто не се слушаат и читаат. Замислете, после неделен ручек, фино навален на кауч земаш да читааш некоја изјава на претседателот Ѓорге, а жената те прашува што читаш, а ти и велиш, „остави ме, читам што вели Иванов, многу е возбудливо“! Е, ако Ѓорге Иванов е интересен политичар, тогаш јас сум гроф Леополд фон Захер-Мазох.


Имено, работата со Иванов последниве години не била никогаш работа на умност, туку работа на верување. Тој човек е ништо, тоа сите го знаат, но тоа „ништо“ всушност е нешто, а тоа нешто е грозоморноста преку која оние другите го гледаат. Па така, работата со Иванов не е работа на Македонија, како што Македонија не е работа на Иванов. Може ти од него да создадеш „унитариста“ или „сепаратиста“, ама на крајот секогаш прав државник треба да се прилагоди на она што еманира живот, а не обратно – животот да се прилагоди на претседателот!?


Македонија има можност да „набере“ прав и вистински претседател; претседател кој ќе ја заштити Македонија од кликата на власт, кој ќе ја заштити од теледиригираните безумни ликови кои се скриени позади Владеачката кујна. Па поради таквиот факт, со Стево Пендаровски се раѓа стварноста, таа стварност секогаш раѓа нови и вистински вредности, а трката со Ѓорге ќе биде лажна затоа што Владата ќе оди покрај него само како би ја врамила непостоечката реалност. Значи би ја врамила – лагата, злобата и злосторството!


А Пенадаровски е најпрво реалност, потреба и идеја, а после се’ друго. Да не беше така, во изминативе години овој човек-квалитет ќе исчезнеше, и ќе продолжеше сегашнава „чоба-на-чорба“ да се надева на уште еден мандат, но сепак Пендаровски е тука, и добро што е тука! Затоа, колку и да е Пендаровски вонсериски и со гигантски-пропорции, тој е потреба на реалноста, а не обратно: можеше Македонија да изумре со Иванов, но сепак тоа не се случи, иако блесавата Владина камарила работеше на тоа за да се случи, дури и денес вредно работи на тоа Македонија да ја снема, да не постои, што идеолошки, што теренски.
Затоа велам, Пендаровски е људина: политичка, културна, реформаторска стварност на Македонија! А на Македонија и’ е потребен ваков човек затоа што во изминативе години оваа држава е темелно растурена – политички затвореници, медиумска автонцензура, клевети, тужби на сите страни за оние луѓе кои ќе „писнат“ надвор од Владините обрасци, катастрофална економска состојба, ужасно раселен голем број на млади луѓе – во потрага по спас итн.

 

Македонија ако го гласа Иванов (што и тоа да значи), ништо повеќе не и помага, но таа нема да го напраави тоа, затоа што Пендаровски е како насушна потреба за вода, и ништо „трајно“ нема да го запре овој човек! Пендаровски е реалност, Владиниот кандидат е лош театар, дремење во кое и’ самите „дремаџии“ повеќе не веруваат. Сакам да кажам, додека ги пишувам овие редови, нема потреба од трошење на зборови, како да е нешто нејасно! Додуша има вистина во тоа кога се вели дека „секој добива онаква власт каква што заслужува“, па и во голема мера, ми се чини, заслужува таков претседател како што е Ѓорге Иванов, ама со тоа ќе се сложам потполно кога претходно ќе направам се’, колку што е мојата моќ, да не биде така! Ако тоа не го направам – да гласам против Ѓорге Иванов – тоа ќе значи дека јас го донесов на власт, и ќе значи дека јас сум вграден во оној испразен лик од претседател! А, ако некој го сака – ете му го; a ако не го сака, па нека покаже!


Па одиме повторно: што ќе правам јас? И понатаму ќе го поддржувам Пендаровски, ќе читам романи, без разлика дали живеам на матичната планета или ќе бидам катапултирани од Владиниот олош на Марс. Тестот е тука: или ќе покажеме дека Пендаровски е „извор на живот“, или ќе докажаме дека сме за Иванов, како траен „извор на смртта“. 

Оставете коментар