“Ретро Арт – Нови моменти” by Ристо Сколов-Сокол, изложба која не смеете да ја пропуштите

Во петок, на 12 декември 2014, во ликовните салони на “Музеј – Галерија” Кавадарци, во 18 часот ќе биде отворена голема самостојна изложба на еден од најпознатите кавадаречки ликовни уметници воопшто – Ристо Соколов Сокол. Изложбата е по повод големиот ликовен јубилеј 40 години успешно активно бавење со ликовна уметност и носи наслов “Ретро Арт – Нови моменти”. Навидум ретроспективна, новата изложба на Ристо Соколов Сокол носи нова поставка и ново видување на ликовниот момент, со повеќе нови дела кои заедно со се што ќе биде изложено во кавадаречкиот “Музеј – Галерија”, всушност заокружува негов тригодишен уметнички и животен циклус. Провокативен со секое ново дело, познат перформер, но и по тоа што за неговите изложби се говори долг период по отворањето, Ристо Соколов и овојпат поставува нови правци со своите успешни ликовни експерименти, не само со материјалите кои ги користи за својата уметност, туку и преку темите, за кои познавачите на неговото обемно ликовно творештво велат дека се непресушни.

risto-sitiArt
Изложбата “Ретро Арт – Нови моменти” доаѓа по два и повеќе од успешни ликовни циклуси заокружени со рекордно посетени изложби – “Траги – Ретро мултимедиа” (2009) и “Некогаш и денес” (2011), со кои успешно го сублимираше неговиот десетгодишен експеримент во креирањето ликовни дела со природни материјали, за што во 2012 го доби највисокото признание на општина Кавадарци, наградата “7-ми Спетември”. Со комбинираните поставки од двата циклуса, кои беа изложени во повеќе градови низ Македонија во 2012 и 2013 година, го навести и новиот правец во кој ќе се движи неговото ликовно творење, чие свовидно финале ќе се случи пред кавадаречката и македонската ликовна јавност во петок, на 12 декември.

Ристо Соколов Сокол е роден на 16 април (на сам Велигден) 1957 година, во село Дреново, Кавадарци. Завршува средно уметничко и Факултет за ликовни уметности во Скопје, отсек графика во класата на проф. Димитар Малиданов и графички дизајн во класата на проф. Костадин Танчев Динка. Живее и работи во Кавадарци, Република Македонија, како слободен уметник.
Излагал самостојно низ цела Македонија, во повеќе Европски земји, а преку групни изложби е присутен низ целиот свет. Познат е и како успешен организатор на Меѓународни ликовни колонии, а последните неколку години ја сублимира успешно соработката со други уметности (музичка, театарска, литературна, фотографска и др.) преку неформалната уметничка група “Сокол Арт” која настана од неговиот двегодишен ангажман во кавадаречката и македонска уметност преку Уметничкото студио “Сокол Арт”, од каде што произлегоа неколку ликовни изложби, театарски претстави, поетски дела, фотографски перфоманси, мултимедијални настани и концерти.

Марјан Тодоровски – Медиумски соработник на Ристо Соколов Сокол

Оставете коментар