Изживување со работничките права, додека работниците ја чекаат задоцнетата плата, нивната колешка починала

Потресната приказна за велешанката која не дочекала да го земе хонорарот од фабриката за замрзната храна во Неготино, потребен за да се лекува, ја раскажаа нејзините колешки. Осумдесетина жени од Велес и уште толку од Кавадарци и од Неготино месец и половина пакувале полжави на -13 степени Целзиусови за 350 денари дневница. Откако пратката заминала за Франција, работодавачот ги отпуштил,а пари не им дал. Имаат за земање по околу 20 илјади денари, пари кои за нив живот значат.

Дел од нив протестираа во центарот на Велес за да го изразат својот револт, но и да предизвикаат внимание кај институциите,бидејќи сопственикот на фирмата во која работеле ги игнорира. До сега од нив не добиле помош иако неколкупати реагирале кај трудовиот инспектор и во Управата за јавни приходи. Со договорите за работа како доказ, биле и кај адвокат, но велат судските трошоци се прескапи за да ја истераат правдата на виделина. Речиси сите живеат во беда и сиромаштија, а во работата виделе искра надеж.

Овие жени им дадоа рок од неколку дена на сопствениците на фирмата за кои тврдат дека се грчки инвеститори, но и на иснтитуциите за да ја исправат нанесената неправда. Ако не, најавија дека ќе преземат порадикални мерки. Од фирмата пак тврдат дека за околу 15 дена ќе им бидат исплатени парите, зошто тоа не го сториле до сега, одговор нема.

Извор Телма

Оставете коментар