Избори, филмови и народна депресија

За една држава да се уреди, потребно е да има јасна разлика измеѓу извршна, судска и законодавна власт; наместо самоостварување и сомоослободување, препуштени сме на хировите на Центарот на моќ, неговите нагони и страсти, кои после извесно време ќе завршат во огромна празнина, таа празнина завршува во биполарност – депресија

 

Така е, почнаа избори, но да се вратиме погоре: за да се воспостави Државно уредувење (како не’ убедува војводата Иванов „Државата пред се’“) мора да се има јасна поделба на власта: извршна, судска и законодавна – ако ова го нема – ако еден центар регулира се’, тогаш се рааботи за Земја дембелија: разорена, насилна, деструктивна, уништена. Се’ работи за празнина која завршува во биполарност – депресија.

 

Имено, ако нема поделба на власта, човечкото битие се објективизира. Единствената трага на субјективност која преостанува е страдањето. Неподносливоста на таквата состојба: личноста станува појава – мистиците тоа го нарекуваат смрт на душата – метаболизмот совршено функционира, ама психата се наоѓа во отрпнатост, а за да придвижи мора да биде во постојана возбуденост, екстатичност: патувања, злоупотреба на дроги и акохол, сексуални авантури. Кога возбудувањата завршуваат, доаѓа до самоповредување. Што подлабоко тоне, таквата личност убедена е дека се наоѓа на правиот пат, дека сонуваната слобода е на дофат, но ја спречува околината низ која ја проектира мачната слика на кривица.

 

Во серијата True Detective, во едно запуштено место на Луизијана, Расти вели: Сакајќи се само себе, во своето „овде“ и „сега“, злобното самопотврдување негостољубиво се оградува од се она што не е тоа; ама тежејќи кон само-божество, тоа не останува слично дури ни на самото себе, и се расипува, се растура, и пропаѓа во внатрешната борба. Таквиот распад, растурање, за кое Расти вели, причината лежи во фрегментација на психата која се распаѓа на „онолку страсти колку што беснеат во неговата внатрешност“. Сакам да кажам дека Свеста, исто така фрагментирана, во состојба е да перцепира и да ја осветли само моменталната доминантна страст; сето останато е завеано од помрачина.

Сега повторно се враќаме на денешниот Центар на моќ. Тоест, приказната за љубовта која луѓето ја гаат (или стравот, сеедно) кон Владејачката клика, а ни ја објасни Платон како приказна за „големиот демон“. Важно е да се нагласи дека „демонот“ во времето на Платон не носи априори негативен предзнак. Платоновиот демон – бае, куша, ама нема никаква власт над баениот, кушаниот. Може да се каже дека демонот ја осветлува нашата внатрешност. Во името на ДПМНЕ, за разлика од сите други, баените и кушаните се екстернализираат во вид на валканица, нечистотија, хаос во просторите во кои живеат. Не им помага и тоа што другите им го кажуваат. Не се срамат тие ни на тоа, ниту од себе, најчестиот одговор им е „знаеш, се мора“.


Имено, за да функционира, владеачката струја мора да се идентификува со нив, со гласачите, мора да им изјавува љубов, да ја позајмува симболиката на љубовник. Лудачки настојува да се идентификува со нив. Заебанцијата е во тоа што кога ќе се вовлечат во лавиринтите на инволуција – после само неколку интимни средби, гушкање, допирање, пипкање – остануваат без психологија и идентитет. Стануваат едно тело со нив. Она повикување на „да го зачуваме идентитетот“ на војводата Иванов не е од популизам, ами од мака. Сакале – не сакале, мора да ја поделат судбината на масите. После ваква игра, се докажа дека најмногу проаѓаат луѓето од „полусветот“ кои се напикани во владеачките структури: „уметниците“, „културните работници“, „осакатените“ и „непризнати“ од претходниците, како и ситните лопови и криминалци. За сето ова да се реализира, потребен им е стар маж, „интелектуалец“, кој може да има љубовна врска со нив затоа што освен љубовната, за други односи е неспособен, „кастриран“.
Јасно е дека ова е една неприродна состојба на таканреченава држава, јасно е исто така дека тука владее и технологизиран-тоталитаризам, нехуманост; не се бунтуваат луѓе, веќе нивните раце – репликанти. Створови, кои во суштина не би требало да постојат, затоа што такви створења треба да постојат само на филм. Ама работата тргна понатаму – се создаваат клонови.

 

Се сеќавате на онаа сцена во која репликантот Реј (Ruther Hauer) му вели на својот господар и создавач, Тајлер (Joe Turkel) пред да го убие: „(…) не стори ништо заради што Богот на биомеханиката не би те примил во својот рај“, маестрално ја исцрта траекторијата на технолошката пропагандна пропаст, која на крајот машините ќе ги уништат производителите. А притоа, парадокасално, ќе бидат „подобри“ луѓе. Декарт, еден по еден ги убива Рејевите пријатели. Репликантот пак, простува, и го спасува прогонителот во моментот кога му се заканува смртоносен напад во амбис. А да не биде се црно, тука се гулабите – симболите на Духот. И монологот на репликантот обраќајќи му се на Декарт какви се чуда видел во далечните краеви на вселената. За што? За сето да исчезне во технолошката бесмисла.

„All those moments“, вели Реј пред да умре, „will be lost in time like tears in the rain.“ Времето за кое зборува Репликантот е сегашноста. Уште само дожд да падне.

Оставете коментар