Ивана Васева и Филип Јовановски добитници на наградата „Ладислав Баришиќ“

На отворениот повик распишан од 17.март до 1.мај оваа година се пријавиле шест проекти, а овогодишен добитник на наградата е истражувачкиот предлог насловен „Kолективното делување како политичка, а не организациска одлука“ на авторите Ивана Васева и Филип Јовановски.

„Kолективното делување како политичка, а не организациска одлука“ е истражувачки проект кој се обидува да испита одреден аспект/карактеристика од македонската историја на уметноста во 20 век – поконкретно во втората половина на 20-ти век започнувајќи од 1945 година, но и да навлезе во најновата уметничка продукција во земјава – а тоа е идејата на колективното здружување на полето на уметничката продукција во различни уметнички групи со идеја да ја види моќта, потенцијалот и оттаму политичката релевантност на ваквите практики. Ова истражување запрашува дали колективното дејствување во уметноста отвора можности и размислувања кои не го таргетираат и поттикнуваат само уметничкиот развој и ескпериментирањето, со идеја за взаемен поттик и поддршка туку дали кај нас постојат здружувања кои можат да придонесат кон политичка промена преку уметничко дејствување и дали постојат уметнички колективи кои се стремат да креираат нови релации меѓу луѓето и нови односи во одредениот систем, кои ќе се разликуваат од претходните.

Тричлено стручно жири во состав Искра Гешоска (теоретичарка на културата), Лазо Плавевски (историчар на уметноста, ликовен критичар и куратор) и Јане Чаловски (ликовен уметник, куратор и пиблицист), по разгледувањето на доставените предлози за награден го одбра проектот на Васева и Јовановски заради третманот на две клучни нешта за нашиот социо-културен контекст кои не се доволно обработени, а се важни не само за современите визуелни практики туку за уметничките практики воопшто, a тоа се: бинарната корелација уметност – политика, односно уметноста како политичко артикулирање на светот, а со тоа како ризоматско ширење низ порите на творечката и општествената динамика, и присуството на здружувањата/колективите како суштинска појава во македонскат современа уметност. Дополнителната важност на проектот „Kолективното делување како политичка, а не организациска одлука“ е што ќе се истражува мотивираноста е ефектите на уметничкиот колектив како микросоцијална, неинституционална заедница чијшто припадници остваруваат заедничка идеолошка, уметничка, методолошка и политичка вредност, која почива врз конститутивните елемнети на критичката рефлексија.

Ивана Васева (1984, Скопје) e независен куратор и историчар на уметноста. Дипломирала во 2007 година на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ на Катедрата за историја на уметноста и археологија со дипломската теза: Критички дискурс: Доналд Б. Каспит). Била учесник на познатиот кураторки програм на de Appel Curatorial Programme во Амстердам, Холандија (2011/12). Фокусот на нејзиниот кураторски интерес во последните неколку години се однесува на преиспитувањето на улогата на уметноста во поширокиот социо-политички и економски систем и нејзината потентност и потенцијалност кон стимулирање промени (во најмала рака емотивни и спекулативни) во различни контексти.

Филип Јовановски (1979, Битола) e визуелен уметник и граѓански активист. Магистрант на Факултетот за ликовни уметности, отсек – сликарство во Скопје (2012). Неговите дела се во полето на истражувачки интердисциплинарни проекти кои често користат кураторски пристап и претставуваат трансформација на политички и социјални категориии во просторни слики. Од 2007-ма година уметнички директор на фестивалот за современа уметност АКТО во Битола, исто така член и еден е од основачите на Иницијативата КООПЕРАЦИЈА(2012-), ЈАДРО(2012-) асоцијацијата на независната културна сцена како и неколку други неформални граѓански и активистички иницијативи.

Ивана Васева и Филип Јовановски се автори на кураторскиот проект ЖИВИ БИБЛИОТЕКИ: архиви на граѓанска непослушност. Истражувањето „Kолективното делување како политичка, а не организациска одлука“ ќе биде претставено оваа есен, на Симпозиумот на АИКА Македонија и ќе биде објавено на веб порталот на здружението на македонски и англсики јазик.

Извор НОВАТВ

Фото ФОКУС

Оставете коментар