Исчезнато е досието за ВМРО-ДПМНЕ кое го наредил Фрчкоски

Досието на ВМРО-ДПМНЕ е составено од речиси илјада страници, а во јавноста првпат излезе во 2001 година кога партијата користејќи ја законската можност, побара да се утврди дали за неа се водела некаква евиденција од тајните служби. Партијата откако ја доби потврдата и ги обезбеди материјалите што беа дел од досието, истите ги достави до парламентот со цел тој да расправа за тоа дали има злоупотреба на надлежностите на поранешните министри и први луѓе на ДБK за партиски и за политички цели, односно следење на партиите во опозиција, кои тогаш биле легално регистрирани во судот.

Досието „Темел“, односно досието за седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, деновиве повторно се актуализира како дел од документите врз основа на кои Kомисијата за лустрација го донесе решението со кое е лустриран професорот од скопскиот Правен факултет „Јустинијан Први“ и екминистер Фрчкоски. Материјалите што на почетокот од 2001 година ја кренаа јавноста на нозе бидејќи докажуваа дека и во независна и плуралистичка Македонија тајните служби с` уште се водат од политички мотиви, сега ги нема во собраниската архива. Ги нема ни во Државниот архив каде што се чуваат сите минати документи од државните органи.

Според информациите од Собранието и од Архивот за тоа како се чуваат документи од парламентот и како се предаваат на чување, материјалите од „Темел“, најверојатно, исчезнале некаде во периодот од 2002 до 2006 година кога тогашните претседатели на Собранието требале да ги предадат документите од претходниот пратенички мандат.

Во текот на 2001 година „Темел“ стана дел од архивата на Собранието кога ВМРО-ДПМНЕ преку тогашниот пратеник Филип Петровски побара собраниската анкетна Kомисија за човекови права и Kомисијата за надзор над работата на ДБK да расправаат дали има прекршување на човековите права и дали постои одговорност кај министрите за внатрешни работи кои ги дале наредбите за следење, прислушување, снимање на телефонските разговори, како и фотографирање личности од тогашното раководство на партијата и самото седиште на партијата. Тогашни министри за внатрешни работи беа Фрчковски и Томислав Чокревски.

– Во собраниската архива го нема досието што како документи за разгледување ги поднесе партијата ВМРО-ДПМНЕ во 2001 година, го нема ни извештајот од работата на Анкетната комисија или Kомисијата за надзор на работата на ДБK ниту, пак, заклучоците. Но, не е можно ни да ги има. Тие, според начинот за чување на архивската граѓа, треба да се предадени во Државниот архив – ни изјавија од Собранието.

По насоките од собраниските служби, се јавивме и во Државниот архив, но и таму нема трага од документите.

– По проверката, и кај нас документи со ваква содржина нема, односно документи со таков архивски број не се заведени во нашата архива, што значи дека воопшто не се ни предадени од страна на Собранието – вели Зоран Тодоровски, директор на Државниот архив.

Тој вели дека практиката е секој нов претседател на парламентот по истекот на неговиот мандат, во просек на секои четири години, да ја предава целокупната архивска граѓа од Собранието на Архивот направена од неговиот претходник. Тоа би значело дека документите исчезнале некаде во периодот од 2002 до 2006 година.

Што се случило со документите, никој не знае. Архивските броеви на примениот материјал во Собранието постојат, но освен тоа што се заведени во деловодник, нема ниту еден лист хартија од предаденото досие ниту, пак, од документите што дополнително пратениците ги побарале од ДБK и од АР. Ги нема и заклучоците од работата на собраниските комисии. Се работи за документи од безбедносните служби во вид на службени белешки, предмети, извештаи, планови, предлози за оперативна обработка од периодот од 1993 до 1998 година. Документите се заведени под собраниските архивски броеви 265/2 од 19 јануари 2001 година, 07-18/2 од 26 март 2001 година, 15-589/2 од 19 февруари 2001 година.

Досиејата, за среќа, се зачувани во приватни архиви

Од досието „Темел“ е зачуван по некој оперативен документ во самата ДБK и во МВР врз основа на кои и Kомисијата за лустрација ја донесе одлуката за лустрација. Верзија од досиејата од седиштето на партијата и личните досиеја на првите тогашни луѓе на партија поседуваат само оние лица што ја искористиле таквата законска можност на почетокот на 21 век.

– Досието за ВМРО-ДПМНЕ го поднесов во парламентот во 2001. Беше разгледано од комисијата и беа констатирани прекршувања на овластувањата на наредбодавците.

Меѓутоа, с` се забошоти. Она што е чудно е што досието го нема никаде, ниту во Државниот архив ниту во Собранието, значи некој го скрил. А зошто? Од проста причина да не се дознае како се злоупотребувани тајните служби. Јас ја чувам мојата копија. Среќа! Инаку, можеше засекогаш да биде скриена злоупотребата на првенците на СДСМ и со тоа денеска да се прават жртви поради тоа што лустрирани. Од друга страна, исчезнувањето на документите може да е намерно за да не бидат воопшто лустрирани. Треба да се истражи темелно кој и кога тоа го направил. Подоцна земав копија и од Државниот архив, меѓутоа таа има еден документ помалку со онаа копија што претходно ја земав од МВР, значи, некој чистел – ни изјави Филип Петровски, кој како пратеник ја водеше процедурата во Собранието.

Следена законски регистрирана партија

Ексминистерот, а сега професор Фрчковски, кој беше лустриран од страна на Kомисијата за верификација на фактите како наредбодавец на повеќе наредби за следење на повеќе луѓе, партиски функционери од почетокот на 90-тите, главно од тогашната опозиција. Наредбите биле за следење на движењето и на комуникациите на лица по идеолошко-политичка и партиска линија, ги потпишал наредбите за следење на првите луѓе на тогашната ВМРО-ДПМНЕ под изговор на бугарофилство, следење на линијата на Ванчо Михајлов, соработка со МПО (организација на македонската емиграција), иако тогаш веќе беше воспоставен политичкиот плурализам, а партијата била законски регистрирана во суд.

Извор dnevnik.com.mk 

Оставете коментар