Интервју – Владимир Милчин: Груевски незапирливо ја води Македонија кон пропаста

Ненад Јовановиќ: Во каква состојба е денес Македонија? Да речеме дека работите ќе ги набљудуваме од дистанца, па така – во каква состојба денес ја затекнувате Македонија? Дали сте изненаден од оваа „патриотска“ реторика зачинета со екстремен национализам – кавги дома, кавги надвор, а реално, ништо во општеството не се помрднува од мртва точка?

 

Владимир Милчин: Сѐ уште не можам „македонцките работи“, како што ги нарекол Мисирков, да ги набљудувам од дистанца. И не можам да ја затечам Македонија, јас можам само да се запрашам дали сум затечен од „македонцките работи“ денес. И морам да признам дека не сум затечен ниту од алчноста ниту од лудилото на озабената власт која денес ја управува Македонија. Затечен сум од ноевското однесување на оние кои требаше да ја зауздаат. Затечен сум од слепилото, глувоста и молкот. Затечен сум од одбивањето нештата да се именуваат со вистинските зборови. Велите дека ништо во општеството не се помрднува од мртва точка, а јас мислам дека се помрднува, односно се лизга од лошо кон полошо. Македонија прилега на „Титаник“. На бродот се лумпува, а сантата се наѕира во мракот, чамците се подготвени за спасување на номенклатурата на власт и нејзината камарила, а оние под палубата не можат да се пробијат горе. Вратите се затворени, а бродот веќе крцка.

 

НЈ: Груевски и целата негова партиска администрација е во непрестана реинвенција на самата себе, и практично „стекна“ поддршка и на овие избори за „продолжување“ на моќта; опозиционите партии се збришани, критичката интелегенција или „жабурка“ или се самоукина. Дали можеби се работи за „излез од транзиција“ (oна што се вика „постидеолошки рај“), или можеби е повторно враќање на колосек во 90-тите години – јак национализам, корупција, етнички конфликти, поделба на „патриоти“, „предавници“, „пријатели-непријатели“?

 

ВМ: „Македонија може!“, така гласеше слоганот на СКМ-ПДП на првите повеќепартиски избори. И јас тогаш верував дека може. Зашто Македонија остана настрана од војните во деведесеттите. Зашто Бадентеровата комисија ја пропорача Македонија (заедно со Словенија) за прием во Европската заедница. Зашто нашите пријатели, интелектуалците од Љубљана, Белград, Загреб и Сараево ни завидуваа на мирот. Зашто Македонија сепак покажуваше имунитет спрема екстремниот национализам. Дали бевме помудри или поуплашени од другите бивши југословенски републики? Не знам. Можеби и едното и другото. Лисабонската декларација на ЕЗ беше првиот удар. Голема неправда која нѐ соочи со т.н. реалполитика. Неодживеаните балкански „мали империјализми“, а најмногу грчката „Голема идеја“ нѐ држеа/ат во предворјето на Европа. Она што го прифаќаа како југословенска република не го прифатија како независна држава Република Македонија. Не ги прифатија Македонците и македонскиот јазик. Ни црквата. Но тогаш најголемата невладина организација, Хелсиншкиот граѓански парламент на Македонија ја организира Конференцијата на Советот на Европа и локалните самоуправи во Охрид со над 450 учесници од цела Европа. Грчкото ембарго нѐ погоди жестоко. Но тогаш „проклетиот“ Џорџ Сорос ѝ го даде на Македонија првиот кредит, далеку пред Светска банка. Не дека во првите години на независноста нашата политика не правеше грешки. Дефиницијата на државата во уставната преамбула, која беше отстапка пред притисокот на македонскиот национализам, отвори внатрешни фронтови. Потоа уследија вмровските протести против воведувањето на албанскиот јазик како наставен јазик на Педагошката академија. Санкциите на ОН овозможија енормно богатење со шверцот на границите со Србија.

 

Сепак, погледнати од денешна перспектива, деведесеттите години од минатиот век ми се чинат како години на надежи дека независна унитарна Република Македонија не е само утопија. Но, ветената милијарда за признавањето на Тајван во 1998 година ни донесе кинеско ембарго во Советот за безбедност и повлекување на војниците на УНПРЕДЕП од западната и северната граница. Се создаде триаголникот на кој се одвиваше шверц на сѐ и сешто. Профитите ги делеа партиите од коалицијата на власт, најпрвин ВМРО-ДПМНЕ/ДА/ДПА, потоа ВМРО-ДПМНЕ/ДПА. Се знаат и процентите. Криминалот организиран или овозможен од власта ја ослабе безбедноста. Македонија некако ја преживеа косовската бегалска криза, но не можеше да се справи со вооружениот судир во 2001 година. Ни политички ни војнички. Без оглед на споровите за тоа дали НАТО одмогнал или помогнал. Се покажа дека големото мнозинство од македонските граѓани не е за војна. И тоа се потврди на изборите 2002 година кои се одржаа по потпишувањето на Рамковниот договор кој, подоцна, го минираа токму некои негови потписници. Тоа беше првата „тоалетна хартија“. Победниците на изборите во своето салдо го запишаа признавањето на уставното име од САД и кандидатскиот статус за членство во ЕУ, но криминалот и корупцијата останаа рак рана.

 

И така стигнавме до 2006 година, кога ВМРО-ДПМНЕ, само со нов лидер, се врати на власт. Ветувањата беа огромни, милијардата на Циле беше ништо во споредба со осумте милијарди на Грујо. Денес, осум години подоцна, во Македонија расте само власта на Грујо, паралелно со долговите на граѓаните и на државата. Списокот на соучесниците во грабежот на векот се зголемува, ретките хроничари не можат да навасаат да ги запишат. И списокот на непријателите, надворешните и внатрешните, се зголемува, тука мегафоните навасуваат и приклаваат. Фасадите се множат и поскапуваат. Треба да ја прикријат растечката мизерија, а и да ги донаполнат џебовите кои како да немаат дно.

 

Ова несомнено не е крај на транзицијата, ниту крај на историјата, а уште помалку е „постидеолошкиот рај“ што го веќаваше Фукујама. Во овој „постидеолошки рај“ демократската левица е во нокдаун и сѐ уште нема одговори како да се противстави на забревтаните јавачите на апокалипсата.

 

НЈ: Дали ве изненадува поддршката на Брисел кон владата на Груевски? Да ја употребам метафората на Жижек: „Што Европа сака“ од Македонија?

 

ВМ: А што сака Европа од Европа? Тоа е прашањето со кое мора да почнеме. Европа веќе не е една, ниту ЕУ веќе не е една. Европа, а уште повеќе ЕУ, е сѐ подалеку од отвореното општество. Во ЕУ се сѐ погласни противниците на либералните идеи за слобода и демократија. Кој ја очекуваше таа низа од автократи како Саркози, Берлускони, Орбан, Путин? Кој очекуваше дека по падот на левите и десните тоталитаризми, 21 век ќе започне со триумфалниот поход на популизмот кој ќе го оживее и искористи отровот на национализмот? Се покажа дека библијата на посткомунистичкиот свет, „Крајот на историјата“ од Фукујама, беше лебедовата песна на либерализмот. А се покажа и дека „Судирот на цивилизациите“ од Хантингтон беше многу поблизу до реалноста. Светот денес е во нова студена војна и со неколку воени жаришта кои можат да бидат вовед во глобален судир. Мислам дека Брисел (засега) бара од Македонија само да не стане жариште на регионален судир или извозник на нестабилност. Се разбира, цената е скапа и таа ја плаќаат граѓаните. Задолженоста, сиромаштијата, неслободната демократија, безумното едноумие, длабоката поларизираност по сите линии, сето тоа Брисел го овозможи со поддршката за власта која ја клекна Македонија. Се чини дека Груевски незапирливо ја води Македонија кон пропаста.

 

НЈ: Како ги оценувате граѓанските протести, оние мали, секојдневни, во Македонија? Дали во иднина е возможно некакво движење „од долу“ кон „горе“, или сѐ уште работите ќе почнуваат и ќе завршуваат „од“ и „кон“ централизираното Скопје (во идеолошка смисла)?

 

ВМ: Луѓето знаат дека моќта е во Скопје. Луѓето знаат дека само во Скопје ќе бидат слушнати и нивните молби и нивните пцости. Под услов да не ги запре полицијата. Во Скопје беше убиен Мартин Нешковски, во Скопје беше уапсен Љубе Бошковски, во Скопје беа натепани пратениците и набркани заедно со новинарите, во Скопје поскапе струјата, во Скопје се вработувањата, во Скопје се парите… Скопје се населува, Македонија се иселува… Централизацијата во Македонија не започна со граѓанските протести. А сепак, последниве месеци неколку протести се случија надвор од Скопје или во Скопје, но организирани од внатрешноста. Дали е можно некакво движење „од долу“ кон „горе“ не знам. Знам само дека надвор од Скопје притисокот на власта е посилен бидејќи е подалеку од очите на она малку јавност што преостана.

 

НЈ: Ако „личното е секогаш политичко“, тогаш, што се, односно кои се вашите „дневни“ преокупации г-не Милчин? Вашите погледи, визии за една подобра, похуманистичка Македонија? Или да бидам уште попрецизен – што во општествена смисла ве мачи, г-не Милчин?

 

ВМ: Не ме мачи (веќе) прашањето дали водам изгубена битка. Не ме мачат клеветите, етикетите, навредите. Не ме мачи лустрацијата. Ме мачат прашањата од познати и непознати минувачи: „Ќе има ли крај оваа власт?… Има ли спас од вмровциве?… До кога ќе трае лудилово?… Зошто Запад не презема ништо?…“ И не толку самите прашања, колку што ме мачи тоа што прашувачите очекуваат чудо, спасителот го бараат во некој друг и не ни помислуваат дека би требало и самите да придонесат за сопствениот спас. Ме мачи прашањето: Каде исчезна зборот НЕПОКОР? И како тој збор да не остане заробен во литературата и да стане дел од нашата свест, етика и дејствување?

Оставете коментар