Роберто Беличанец – Главната квалификација е партиската книшка и тука завршува секаков муабет за фер шанса

Н.Ј: Дали мислите дека владеачката структура последниве години игра на “таласот“ на естрадизација, односно дали владеачката политичка партија е како некоја естрадна кафанска пејачка, па наместо да ги решава прашањата на граѓаните таа трча кон “покажување“ во медиумите?

Р.Б: Медиумската, односно, стратегијата за односи со јавност на владејачката структура може да се резимира со синтагмата – “Снеси јајце и раскокодакај се“. Таа не јава на талас на естрадизација – таа го креира. Треба да се биде фер и да се каже дека оваа власт успешно реши некои долгогодишни комунални проблеми и тоа во неколку града во Македонија. Патем креира и неколку нови. Сепак, и за тоа што го направи добро и за тоа што го создаде како проблем – гласно се кокодака. Да знае цело село оти кокошката пак снесла јајце. Е сега, дали се јаде или е сматок тоа не важно. Во секој случај стратегијата е: да не остане ниту еден јавен простор непокриен, ниту еден медиум неконтролиран, ниту еден граѓанин раат од пропагандата на власта. Затоа имаме лудило од репризи на емисии во кои со саати се држат монолози за најубавиот од сите можни. Слушаме приказни покрај логорски оган, а околу огнот седнале неколку медиумски шамани и неколку неидентификувани субјекти. Тие се тука само за да го поттикнат раскажувачот подобро да му тече приказната. Има еден Марфиев закон што гласи: – Грам имиџ вреди колку кило вистинска способност. Е, тоа е тоа што сега го имаме, систематска замена на светот со негова слика (имиџ). Ние и така живееме во време во кое виртуелното и претставата се исто толку реални колку што е реална реалноста. Се разбира дека тоа се опсени, а сепак се реални затоа што нивните последици се случуваат во реалноста и ја менуваат. Ова е време на имиџ и брендови, време во кое што идејата за нештото е посилна и повлијателна отколку оствареното нешто. Опсените, фатаморганите и бучавата ја задавуваат реалноста. И таа таква, задавена, се јавува само низ кркорењето на стомаците кои што се јавуваат од време на време за да го потсетат носителот на конзумеристичкиот мозок дека набргу ќе цркне ако продолжи да се мае по фантазмагоричните лавиринти на Платоновата пештера на сенките. Но, не е крива владејачката елита што ги користи сите можни средства за опивање и затапување на сетилата на масите, сите сме криви што дозволивме ова да стане можно. На крајот на краиштата ние престанавме да ги живееме нашите животи и почнавме да ги живееме туѓите. Затоа власта влета, и додека ние ги живеевме туѓите животи таа почна да ги живее и нашите. До изживување.
Од тој аспект да, може да се каже дека пораките на власта се турбо фолк – банални. Банални од типот – “биди добар, не биди лош, оти е добро да си добар, ако си лош не чини“ – сите пропагандни спотови, речиси сите слогани што ги исфрлија во нив се амплификација на баналното. Врескаат банални пораки од билбордите и телевизиите. Како во паролата на револуцијата што се повторуваше во Орвеловата “Животинска фарма“ – “четири нозе добри, две нозе лоши“ тие се повторуваат на сите страни. Но тоа пали, и таа не е крива што тоа пали. Тоа покажува дека децении претходно успешно бил припремен теренот штом може вакви моронизирачки бинарни пораки (добро – лошо) да функционираат. Власта само го покажува на дело принципот на надмоќ на баналната идејата над материјата. Всадувајќи банални идеи во главите на луѓето, таа успешно го отстранува материјалното од општеството и го алоцира во своите трезори. Или поедноставно кажано, додека симплифицираните идеи талкаат ни нашите глави, овие потрошија 6 буџета. Така ние сега живееме во време во кое идеите стануваат кошмар и реалност во исто време, додека материјалното станува невидливо и исчезнува прекриено од ѓубрето на баналното.

Н.Ј: Дали може оваа, така да ја наречам, профана медумска сцена во Македонија, да се промени, оти ако политичарите трчаат за покажување, нели и медиумите на некој начин трчаат по ексклузива, спектакл и ефтини рејтинзи: читаност, слушаност, гледаност?

Р.Б: Медиумската сцена е моделирана од два фидбека – едниот кон тој што го плаќа производот и другиот со производот. Медиумите во принцип произведуваат публика и таа публика му ја испорачуваат на оној кој што за неа плаќа – во форма на реклама или субвенции, сеедно. Но, тоа значи дека медиумите ја загубиле својата мисија да и служат на јавноста. Тие се претвориле во нешто што ја дразни и привлекува публиката за потоа да ја спакува и топтан да ја продаде на тој што е спремен да плати. Старата бајка дека медиумите и служат на публиката не соодветствува на реалноста. Публиката затоа што не е подготвена да ги финансира медиумите. И тоа не само наш проблем, тоа е феномен во светски рамки. Кога вие не сте спремни да ја платите содржината што ја примате, а сте алави да ја примате бесплатно тогаш немојте да се жалите на “евтино“, “непрофесионално“ или “неетичко“ новинарство. Тогаш вие од консумент станувате производ и имате исто толку право да се буните за содржината колку што има право јогуртот да се буни за својата амбалажа. Ако можам да ве добијам со две слики од некоја спортска ѕвезда или старлета, зошто да се мачам и да ја дразнам власта. Кога не можам да го наплатам нормалното новинарско истражување од вас, ќе ги наплатам вашата затапеност и вашата навика да следите содржини на мојот медиум. Ќе ве испорачам на власта или на корпорациите… Ма, кај секој кој што е спремен да плати. И кога се зборува за таблоидизација на медиумите треба да се каже отворено – господа ви смета ли тоа, сакате сериозна содржина? Е па тоа чини пари… Подготвени ли сте да потрошите 2000 – 3000 денари месечно на медиумска содржина? И на крајот на краиштата – имате ли 2000-3000 денари да ги потрошите. Само медиум кој што примарно се финансира од публиката може да си дозволи денес да биде професионален во онаа стара класична смисла. Е, сега бидејќи таков нема, ќе продуцираме многу ѓубре и понекој бисер низ тоа ѓубре.

Н.Ј: Имаш ли впечаток дека на медиумскава сцена власта веќе ниту разбира што зборува, ниту критиките ги разбира, ниту има претстава што значи Демократски институции, фер шанса за сите, Евроатлански интеграции, туку само слични една-на-друга декларативни и фразерски агенди?

Р.Б: Ако вашето памтење трае подолго од 24 часа тогаш – да! Може да кажете дека власта веќе не знае што зборува. Но, 24/7 е слоган кој го опишува таканаречениот 24 часовен циклус на вести, односно 24 часовно внимание што една одредена тема останува во фокусот на јавноста. Шаманите на Односите со јавност одамна утврдиле еден феномен што се нарекува short attention span. Имено, нашиот природен 24 часовен циклус е исто така поврзан со нашата способност некоја тема да ја држиме како приоритет, а потоа новите содржини ја потиснуваат. Ова откритие им помага на сите спин доктори во светот да ги насочуваат информациите и да создаваат алатки со кои ќе се префокусира вниманитео на публиката од битно на небитно, се додека битното не се заборави. Јавноста е гладен ѕвер кој секој ден голта информации и вие ако не ги произведувате со таква лудачка брзина, ако не кокодакате за секое снесено јајце, ризикувате темата од претходниот ден да продолжи и следниот, и следниот и следниот. Всушност само она што трае како медиумска тема низ подолг период, само тоа во форма на кумулативен ефект има реално значење за формирање на јавното мислење. Затоа се игра овој пресинг, една афера се покрива со друга, па со трета, додека јавноста не заборави на првата, па успех еден, па уште еден… Па не пукнаа со пустиот ДУИНГ бизнис, додека на нашиот слободен пад на листата за слобода на печатот на репортери без граници е тема еден ден. Тоа што “Репортери без граници“ го нотираат е секојдневна реалност – а бизнисов никако да тргне. Јас сериозно им честитам на мајсторството со кое што ја играат медиумската игра до сега. Тие се мајстори на банализацијата.
Не знам дали имаат претстава што е демократија и демократско владеење, до сега не сум видел такво нешто да демонстрираат. Можеби знаат, можеби и не. Но многу добро знаат да ја исцицаат содржината од овие зборови и да ги претворат во голи фрази. Во бастуни со кои се прикрепуваат кога ептен ќе зарибаат. Затоа ЕУ во исто време е и курва вавилонска и место кон кое се стремиме со сите наши капацитети, зависи од потребите. Изборите се врвна волја на народот кој ете нив ги избрал и тие сега можат да прават што сакаат. Тоа ти е брат демократија. Ако мислиш поинаку – ќе се видиме на избори. Басара за сличното однесување на српската политичка сцена вели дека во демократиите народот е суверенот кој ги бира своите претставници да владеат во негово име, но суверенитетот останува кај народот. Овде, избраните претставници стануваат суверени, а нацијата нивен поданик во наредните 4 години. Ете тоа е веројатно описот што најдобро одговара на тоа како се сфаќа демократијата. Одговорност, партиципација во одлучување ма какви, не доаѓа во предвид. За фер шанси исто така нема ни помисла. Главната квалификација е партиската книшка и тука завршува секаков муабет за фер шанса. На крајот од денот, останува единствената мантра на сведување на лажен базичен идентитет. Пораката е повторно банална и инсистира на самоидентификација – Кога ќе останеш без иднина, опљачкан, без иднина за тебе и за твоите деца, без никаква сигурност подолга од два дена, безнадежно заглавен во овој провинцијален ќорсокак во кој што ја претворивме државава, без контакт со светот и светските процеси, исчашен надвор од времето и просторот, без никакви координати, без квалификации, со стандард помал од стандардот на абориџински врач – тебе ти се нуди да бидеш горд на нешто што си – да бидеш горд дека си Македонец. И си велиш, добро бе, можеби за ништо друго не ме бива, ама можам да бидам Македонец. И така патриотизмот станува професија. Како во стариот хит во чаршиска обработка – “Кога си сам и тажно е се, на неа ти сети се – Македонија ти нуди шарени бермуди“.
За која демократија зборуваме во таква ситуација? За која црна Европа и за какво Евроатлантско партнерство. Па ние во НАТО за амбасадор пративме еден јунак што отиде таму со идеја да го реформира НАТО. Не да ја претставува Македонија и македонскиот интерес – туку да го реформира НАТО. И оваа власт нема никаков проблем со тоа. Праќа такви луѓе на амбасадорски места и после други обвинува дека ја срамотеле Македонија. Какви евроатлански интеграции, се додека праќаме такви јуродиви ликови на амбасадорски позиции ние сериозно потврдуваме дека не сме способни да се грижиме ниту за сопствениот интерес, а камоли за нешто покомплицирано како што е заедничка сојузничка политика.

Н.Ј: Во последниве години толку многу се насобраа луѓе, поединци, низ медиумиве кои не знаат за што всушност зборуваат и, логички, се прашува човек по што се толку познати што ги има по цели денови на медиумите. Зошто е тоа така?

Р.Б: Познати се по тоа што се познати. Во последниот филм на Вуди Ален – “На Рим со Љубов“, Роберто Бењини глуми еден просечен лик за кој што медиумите одеднаш се заинтересирале и го прогонуваат кај ќе стигне. Гостува на централни вести и мртов сериозен одговара на прашања од типот “Што појадувавте денес?“. –“Јајце, тост, јас тостот го сакам малку печен“… Упаѓа водителката и вели – “ Значи малку печен тост изјави господинот“. “Да малку печен, со путер и чај“ и таа му се заблагодаруваа. Одеднаш почнуваат да го викаат на приеми, го прашуваат за политика, му се местат познати жени (исто така познати заради тоа што се познати), влегува во џет сетот. Кутар човек глава не може да крене од медиуми се додека не најдат друга мета. Наеднаш, иако се жали на претераниот интерес на медиумите, тој останува комплетно заборавен и тешко се справува со одново пронајдената незабележливост. Тоа е таканаречен синдром на attention whore. Тие луѓе живеат низ медиумите и само таму вистински постојат.
Не знам како да ти одговарам до крај на ова прашање, а да не го затупам до потполна нечитливост. Но можам да ти го илустрирам. Рамбо Амадеус запрашан зошто го работи тоа што го работи, во едно интервју одговара – затоа што сум психопат. Водителката почнува да се смее и тој и вели – “Зошто се смееш, и ти си психопат, штом тебе ти требаат камери за да функционираш ти си психопат, нормалните луѓе си ги бркаат нормалните животи, сите ние што сакаме вака да се сликаме по телевизии сме психопати“.
Суштинското во таа психопатологија е вниманието што се добива од публиката и преку кое се рани слабото или недоизградено его или пак на многу брз начин се доаѓа до статус на некаква “вредност“. Во некоја рака секоја работа поврзана со јавни настапи е форма на психопатологија.

Н.Ј: Мислиш ли дека Македонија има алтернатива за некои понормални и повредни содржи низ Медиумите, можеби нов закон за Радиoдифузија или?

Р.Б: Содржината на медиумите ја правиме сите заедно. Се разбира дека има. Доколку оној Јаден сервис стане некогаш Јавен сервис и ги насочи своите ресурси на исполнување на културните цели заради кои што е формиран Ако започне да продуцира разновидна содржина со висок квалитет, (една културна мисија пар екселанс), наместо неговите директори да ги гланцаат егата на премиерите – тогаш да! Има! Инаку отидовме и во 24 век со најдобриот медиумски продукт – Бушава Азбука. Од Сител и Канал 5 не очекувам ништо во таа смисла. Нивниот врв секогаш ќе биде дали Еднооки оваа сезона ќе го земат едните или другите. Се додека Русјаков и компанија не сфатат дека можат еднооките со лево око да го гледаат на Сител, а еднооките со десно око на Канал 5 и не произведат две варијанти една за Канал 5 друга за Сител… И, се така дури не изумреме од смеење. Оти на глупоста ако не и се смееш, нешто пресериозно си се сфатил себе си.
Законите да можеа да решат нешто, до сега ќе беше се решено. Џабе ви е вам добар закон кога тој нема врска со општеството во кое што живеете. Нашето општество се води само од еден закон – што ќе повела царштината – тоа ќе биде. Значи, за да функционира законот потребно е граѓаните да ја бранат законитоста. Нашите луѓе уште се крстат во светци и чудотворци, личности појаки од судбината кои ќе им ги решат проблемите со два телефонски повици, харизмарси без харизма кои што ги гледаме како господари на нашите судбини и чекаме да падне некоја трошка од нивната трпеза. Не сме ти ние скандинавци, да се занимаваме со деперсонализирани процедури и закони. Овде никогаш не бил толку битен законот колку што било битно дали го знаеш судијата, инспекторот и слично. Но, нема откажување од барањето една банална цивилизациска придобивка каква што е владеењето на правото да стане дел од нашиот менталитет, па низ тоа конечно и систем. Затоа што алтернатива ќе ни биде од држава да станеме резерват и да не покажуваат како наставно средство за илустрација на родовско општество. Едноставно е и тула приказната – или ќе владее правото или ќе владее самоволјата на поединците. Односно или ќе продолжиме како држава или конечно ќе се претвориме во орда на крвно поврзани роднини. Накратко, во оваа ситуација џабе закон –друг е проблемот

Н.Ј: Дали граѓаните на оваа држава, заедница, разбираат што значи Македонија да стане членка на Европската унија?

Р.Б: Мислам дека граѓаните на оваа заедница, држава, престанаа да разбираат што значи Македонија, а камоли пак да разберат што значи Европската Унија. ЕУ предолго ни се продаваше од страна на политичките елити како спас, како избавување од тешката економска ситуација и со тоа се покриваше неспособноста на таа елита да произведе политика која што ќе ја води земјата во благосостојба и напредок. Ни се претставуваше приказната демек ако влеземе во Европска унија одма секој ќе добие Мерцедес и ако не сака да го земе ќе јаде ќотек. Македонија треба да влезе во ЕУ од чисто себични интереси, да го затвори кругот на спорење на нејзиниот идентитет и државност и од објект во политиката да стане субјект. Накратко, од земја која постојано била објект на одлуки на големите сили, конечно да се претвори во земја која заедно со нив одлучува за светот и за сопствената судбина во него. Мислам дека тоа не се разбира. Унијата се гледа како матурска, демек еве зрели сме, не примија.

Н.Ј: Дали мислиш дека по паѓањето на оваа власт треба редифинирање на целата општествена политика, тука не’ мислам само на партиите, невладиниот сектор, граѓанските здруженија итн.?

Р.Б:Да! Но мислам дека ситуацијата ќе биде обратна, дека оваа власт ќе падне во оној момент кога во целост ќе биде делигитимизиран начинот на кој што се владее со Македонија. Тие што имаат соништа дека оваа власт ќе падне и тие ќе го заземат нејзиното место без при тоа да сменат начин на владеење и без да покажат минимален респект кон општествените движења и процеси си прават со умот бајрам.
Оваа власт е врвот на целиот трулеж на транзицијата. Од неа полош не можеш да бидеш, но да мислиш дека промената ќе биде само персонална и приказната ќе продолжи по старо, тоа значи дека живееш во фантазија. Македонија има потреба од сериозен демократски исчекор, од сериозно рекомпонирање на односите на моќ во државата. Ова општество, под сите црно бели филмови, и под сите закани и раздвојувања, под целиот политички мејнстрим ‘ржи за демократија, ‘ржи за инклузија, ‘ржи за шанса конечно да си ја превеземе државата киднапирана од транзициските барони кои се покажаа како многу кадарни да ја истуркаат првобитната акумулација на капиталот, но целосно некадарни да го повлечат општеството во економски и цивилизациски напредок. Тие ги менуваа Македонските влади како истрошени коњи… Го јаваа Бранко, а сега го јаваат Груевски… Тие се реалната сила која што го зароби ова општество и го осуди на 20 годишно трулење. Без идеологија, без идеја, без социјална одговорност – само со жиро сметка и цицање на буџетот. Тие се тие што на крајот ќе му го закачат ножот на Груевски, во моментот кога ќе насетат дека тој станува историја. Е тој момент ќе биде клучниот момент во кој што ќе видиме дали имаме шанса општеството да ги одбие нивните непристојни предлози и да се сврти најсебично кон креирање и одржување на средна класа.
Но, тоа значи дека приказната со узурпацијата на јавната администрација за вработување по партиска линија, главниот лост за внатрепартиска мобилизација, ќе мора да замине во историјата. Во спротивно, апсолутно е сеедно под чија власт ќе скапеме. Впрочем, јас не можам да разберам да сум лидер на партија и да се потпирам на членови што во неа влегле да си решат некој личен проблем. После има јавни плачки дека овој го издал оној и слично. Не бе, не издал никого, само го следел неговиот личен интерес, а ти што си го собрал во партија требало да гледаш што правиш. Од тој аспект ВМРО има многу пофер однос кон таквите – вели, сакате од мене 200 евра месечно, е сега има да ми бидете робје дур не испоцркате. Маста има да ви ја извадам. И тоа се тие гордите членови на партијата кои што се робови на партијата што не смеат да писнат, туку беспоговорно ги извршуваат наредбите. Па мислам дека животот на еден роб на римска галија бил поквалитетен и со повеќе достоинство отколку овој на ова робје.
Значи – ако сакаме било каков напредок – оваа трговија со бело робје мора да запре. Веднаш!

Н.Ј: Мислиш ли дека последниве 20-тина години нешто се менува во државава?

Р.Б: Да, стануваме посурови, побанални и посиромашни. И одиме наназад, најнеоспоруваните избори во Македонската историја се организирани од СКМ во 1991. Од Комунистите. Што да зборуваме повеќе? Дека стануваме политички аналфабети? Дека од моментот кога Гоце го разбирал светот како поле за културен натпревар стигнавме до Гоцевата раса? Гоце барем го разбирал светот, ние веќе подолго време се трудиме да не се занимаваме со тоа декаденцијата што сака да ни ја наруши пасторалната зачмаеност. Оти најдобри сме, најубави сме, и доматите ни се супер (е сега што семето е холандско, не му кажуваме никому), и сето тоа сами си го откривме. Се менуваат работите со огромна брзина. Во 1995-96 да речеме, па и во 2001,2002, напата наука не беше била доволно напредната да открие на пример дека Шамполион бил шалабајзер и дека каменот од розета (прекрасно наше женско име нели) е напишан меѓу другото и на старо македонски. Не знаевме ни што се тоа Хунзи и Калаши.

Н.Ј: Каде ја гледаш Македонија за 5-10 години?

Р.Б: Фрлам тарот од време на време, ама не сум вешт во толкувањето. Како и да е, имаме огромна домашна работа. Но прво, треба да научиме да слушаме и да не се муртиме на се што не ни се допаѓа.

Н.Ј: Што мислиш за сајтот Мојот Град; неколку луѓе сме, поточно тројца, не сме (о)шишани со тројка, не сме скин-хедси и застапуваме некакви хуманистички, граѓански вредности, слободи и права на граѓанинот, поединец?

Р.Б: Штом сте тројца тогаш мора да сте непријатели. Затоа што “тројките се, Данице што? Основна клетка на непријателското делување“ (Илија Чворович – Балкански Шпиун). Битно е да се бранува чаршијата. Тешко влегува во нашите чаршии некој нов поглед, ама кога ќе влези, останува. Што да мислам, остануваме заедно некое малцинство што се обидува да каже нешто од типот – ало луѓе отворете очите и начулете ушите, ај да пробаме некоја друга варијанта за промена…

(Интервјуото го водеше Ненад Јовановиќ, уредник на Мојот Град

Оставете коментар