Интервју со Јане Јанчев – ракометар

После распадот на трите поголеми ракометни клубови од општина Кавадарци, голем број од кавадаречките ракометари својата иднина а и егзистенција ја побараа во клубови од други краеви на Република Македонија а некои и надвор од нејзините граници. И Јане Јанчев е еден од таа генерација на ракометари со потврдени квалитети.

БРАНКО ТРАЈКОВСКИ – САЧМО: Јане, за почеток на нашите читатели кажи им за твоите ракометни почетоци.

ЈАНЕ ЈАНЧЕВ: Првите чекори ги започнав на мои десет години кај професорот Блаже Велков. Потоа преминав во редовите на ракометниот клуб винарска визба “Тиквеш”. Таму бев се до 2010 година каде тренер беше Трајко Камчев – В’кот . Откако и овој клуб го снајде истата судбина како и останати од Кавадарци, својата иднина ја побарав во Турција во ракометниот клуб “Чанкаја” од Анкара која настапува во првата лига. Да напоменам само дека турската лига е доста силна и квалитетна. Во екипата на “Чанкаја” одиграв една полусезона. Потоа заминав во Тунис во екипата “Шехија” од милионскиот град Сфакс. Одовде заминав да играм во Мароко како позајмен играч во ракометниот клуб “Мулудија” од градот Маракеш. Бидејќи беа задоволни од мојата игра, го откупија мојот едногодишен договор кој го имав со екипата на “Шехија” од Тунис.

БТ: Јане, кога би се направила една споредба помеѓу Турција, Тунис и Мароко, која ракометна лига од овие три е најсилна?

ЈАНЕ: Дефинитивно турската лига е најсилна.Меѓутоа северните земји од Африка како што се Египет, Тунис, Алжир и Мароко вложуваат многу во развојот на ракометот.

БТ: Сите професионални спортисти претпоставувам дека имаат и свои менаџери. Дали и Јане има?

ЈАНЕ: Да, имам.Мојот менаџер е од Тунис и сум навистина многу задоволен од неговата работа. Се надевам дека и во иднина нашата соработка ќе биде на истото ниво.

БТ: Напомена дека северно-афричките земји вложуваат големи финансиски средства за развојот на спортот. Исто така овие земји се и едни од најексклузивните туристички места на земјата. Кои дестинации во Мароко ти оставиле впечаток на воодушевување?

ЈАНЕ: Да, во Мароко има голем број на ексклузивни туристички места од кои би ги издвоил планината Атлас, потоа во целина градот Маракеш, каде што и настапувам, исто така силен впечаток остава и градот Агадир кој излегува на атлантскиот океан кој е доста атрактивно туристичко место.

БТ: Каков е животот во Мароко, има ли забави, терате ли серенади  ?

ЈАНЕ: Серенади нема , но затоа пак има доста интересен ноќен живот кој што пак за да се ужива во неговите плодови човек треба да е добро финансиски поткован.Од причина што се движи паралелно со европските манири.

БТ: Да се вратиме повторно на темата ракомет.Имате ли свое мислење и став за тоа каква е моменталната состојба со ракометот во Кавадарци?

ЈАНЕ: Во моментите кога заминував од Кавадарци постоеше некоја надеж за изнаоѓање на некој сериозен спонзор кој би го одржал ракометот на едно ниво на кое му наликува. Меѓутоа, за жал како и многупати претходно сето тоа се сведе на празни ветувања и лажна надеж. Од она што го добивам како впечаток можам да кажам дека моментално ракомет во Кавадарци скоро и да не постои и е во катастрофална ситуација. Има неколку ентузијасти кои го сакаат овој спорт, работат и се трудат. Сето тоа е само една почетна фаза. Ќе видиме што ќе се случува во иднина.

БТ: Еден општ коментар за македонскиот ракомет?

ЈАНЕ: Па и нема што многу да се коментира. Во Македонија има два европски клуба, Металург и Вардар. Во овие моменти општина Струмица се обидува нешто да се издигне преку “Зомимак”, а сето останато е само обична импровизација.

БТ: Те гледам дека редовно тренираш во спортската сала “Јасмин” со младите дечки од градскиот ракометен клуб Кавадарци.

ЈАНЕ: Да, самите професионални обврски ме тераат секогаш да бидам спремен и во топ форма подготвен да се вратам во Мароко.

БТ: Кажи ни Јане кратко и за твоите амбиции. Кои се тие?

ЈАНЕ: Со макотрпна работа, одржување во топ форма и со помош на мојот менаџер од Тунис, сакам да се натпреварувам во уште поквалитетна лига и да претставувам поквалитетен тим.

БТ: Дали Јане Јанчев има свој ракометен идол? Можеби и ракометна екипа?

ЈАНЕ: Имам неколку ракометари на таа така ако може да се каже листа. Би ги одвоил Даниел Нарцис, Никола Карабатиќ, Михаел Хансен. Но за мене отсекогаш број еден ќе биде Ивано Балиќ.
Од екипите, нормално дека тоа отсекогаш биле и најкалитетните. Барселона, Кил, ПСЖ…Тоа се екипи кои најмногу претендираат за освојување на европската ракоментна титула.Ме радува што и двата наши клубови Металург и Вардар прават одлични резултати. Видовме дека во Скопје, Металург ја совлада екипата на Барселона на која воедно тоа и беше и единствениот пораз во групната фаза. Тоа е можеби и натпревар на столетието.

БТ: На твоите фотографии гледам дека до тебе се наоѓа една прекрасна убавица. Има ли што се вели, “женски свет” и која е личноста која е во твоја придружба?

ЈАНЕ: Да, тоа е мојата девојка со која сум во врска скоро две години.

БТ: Дали тоа значи дека ќе треба да одиме сватови дури преку средоземното море?

ЈАНЕ: Да, постои таква опција од причина што се работи за исклучително прекрасна личност со одлични карактерни особини.

Оставете коментар