Интервју со Ѓорѓевиќ Вања

Ѓорѓевиќ Вања, родена 02.03.1987 во Врање, Република Србија. Своето средно образование за дизајн го завршува во Лесковац а потоа студиите по сликарство ги продолжува на ФЛУ во Скопје, каде живее до крајот на студиите. По завршување на студиите во 2010 година се враќа во својата родна земја и родниот град Врање кој повторно го напушта на почетокот на 2011 година поради бирократските проблеми поврзани со вработување и овој пат својата животна патека ја продолжува во српската престолнина – Белград, во потрага за подобра иднина.

НАДИЦА ВАСИЛЕВА: Kaко вовед во ова интервју би сакала најнапред да Ви се заблагодарам што прифативте да бидете мој соговорник и да се обидеме на пошироката јавност да ја доближеме вашата личност отсликана како еден млад и амбициозен уметник во едно малку поинакво светло. Како започнува еден ваш ден, кои се вашите визии и мотиви кои го исполнуваат истиот?
ВАЊА ЃОРЃЕВИЌ: Денот го започнувам со мали лични ритуали. Прво утринско кафе,ги разбиструвам моите мисли, проверувам е-маил, правам концепт за денот како ќе го поминам и ги комплетирам обврските кои што ме чекат. Утрото ми е најбитен дел од денот. Во тој дел од денот се обидувам да направам добра организација на обврските кои ме очекуват. Се класифицирам себеси во онаа категорија на луѓе на кои што дента им зависи од тоа на која нога станале. Секогаш се обидувам да станам на ,,добра” нога затоа што тоа ми го обликува расположение во текот на цел ден.

Н.В: За оние што не ве познаваат, што би кажале за себе, која е ВАЊА …….?
В.Ѓ: Многу е тешко да се опишете себе си на оние што не ве познават. Несакајки можеме да претераме или недоволно се искажеме и со самото тоа да се претставиме во погрешна светлина. Секогаш се обидувам да имам искрена претстава за себе си и исто така за другите. Меѓутоа, ние, уметниците сме склони да живееме во светот на фантазијата и тежнееме кон идеалното, што многу често не остава незадоволни од она што го постигнуваме. 

Секогаш се обидувам да го пружам својот максимум, во секое поле. Ја користам секоја прилика да го сменам погледот на светот на оние луѓе, кои според мене ја имат создадено погрешна слика. Идејата, која што ја имаме за светот не вреди ништо ако не ја пренесеме на другите. Секој од нас има одредена улога во создавањето на иднината, не само на сопствената, туку иднината на целото човештво, на целиот универзум. Јас се уште трагам по својата цел на оваа земјина топка, и не се откажувам лесно. Но ќе бидам задоволна повеќе, ако успеам да насочам уште некој да ме следи, и да продолжи со својата потрага, тогаш значи сум ја постигнала својата цел. Ова не се однесува само на уметноста, туку на начинот на живеење. Во секој свој ден се обидувам да направам нешто добро, не за себе си, за другите. Според мене, човекот кои успеал само во професионална смисла , а воедно ги затворил очите кон секојдневните проблеми на човештвото и не се обидел ништо да смени, за мене истиот тој човек , е обична програмирана машина. Ние како единки можеби не можеме да го смениме светот, ама можеме да влијаеме на животот на оние кои ги среќаваме. 

Н.В: Како граѓанин на Србија, зошто се одлучивте да студирате во Македонија? Колку сте задоволни од програмата со која се соочивте?
В.Ѓ: Македонија не дојде како избор туку- така. Моето семејство има голема поврзаност со Македонија. Моите родители го зачнале нашето семејство во Скопје, во годините кога бевме една голема убава земја исполнета со хармонија. Сметам дека имав голема привилегија што се вратив на место каде мојата фамилија го започнала својот живот. Работеле, живееле, стекнувале пријатели. Истата таа привелегија ја искористив и продолжив и јас.Се збогатив со луѓе кои и до ден денес се мои добри пријатели и се надевам ќе останат како такви. 

Што се однесува до програмата, задоволна сум од истата. На ФЛУ кога се запишав бев од втората генерација која имаше прилика да студира по ЕКТС, програмата која уште беше во подготовки и припреми во Србија. Во почетакот ми беше напорно, затоа што беше вон рамките од очекувано и се уште нешто ново. Во меѓувреме, почнав да се навикнувам и да ми се допаѓа, и да ја сваќам како предност. Единствено што не ми се допаѓа и сметам дека не е во ред, тоа што ми беше ускратено правото на стипендија, затоа што во правни рамки бев ,,странски” студент и ги исполнував сите предвидени критериуми за една стипендија. Луѓето со кои бев опкружена во секоја прилика ми покажуваа дека сум една од нив, и навистина уште така се чувствувам иако веќе три години живеам во Белград. Од друга страна ми беше ускратено и правото на стипендија од страна на Република Србија, иако имав натпоресечни оценки, со образложение дека не сум во категорија на студенти кои студираат во странство, оти не сум во земја која што е дел од ЕУ. Врвот на целата иронија е тоа што по завршувањето на факултетот и враќањето во родната земја, добив шок информација, дека мојата диплома од ФЛУ Скопје не е валидна и дека ќе биде валидна по завршување на целиот процес на нострификација!!! Значи сепак сум студирала во странство, а не во бивша сојузна република како што бев информирана и категоризирана во процесот на стипендирање. За мене целата процедура е иста како да студирав во Германија или некаде надвор од континентот. Затоа се одлучив нострификацијата да ја одложам до влегување на Србија во ЕУ, за да не соочам со уште една нострификација во новата ЕУ Србија.

Н.В: Што е побитно, талентот или напорната работа? Кои се желбите кон оваа професија?

В.Ѓ: Според мене и едното и другото се подеднако битни. Без напорна работа талентот пропаѓа, а исто така без талент, секој труд е залуден. Што се однесува до желбите, сеуште сум на почетокот. Треба уште многу да се развивам и растам за да го поминам почетакот и зачекорам. Моментално се занимавам и со некои други тесно поврзани работи така да во некој поглед и стагнирам со сликарството, ама работам на тоа да продолжам од таму кај што застанав. Едноставно соочувањето со реалниот живот, по завршувањето на безгрижните школски денови, не насочува да запливаме и во некои други, непознати води, преполни со бранови.

Н.В: Според Вас, дали уметниците се доволно ценети и сметате дека може да се живее просечен живот со оваа професија? Ваши изложби и омилени уметнички дела ?
В.Ѓ: Зависи за кој систем на вредности зборуваме. Ако зборуваме во финансиска смисла, тогаш не, барем поголемиот дел е потценет во смисла на вреднување на делата и трудот што го уложува. Мал е бројот на тие кои што навистина имале среќа да го наплатат својот труд, талент и идеја. Ако зборуваме во насока на уметнички систем на вредности, сметам дека тоа зависи од аголот на гледање. Убавината е во окото на гледачот. Ретки се тие среќници кој што имат привилегија да си обезбедат нормален живот со ова професија. Под нормален живот јас не сметам храна, вода и покрив над глава. Тоа се основни потреби на човекот. Уметници не се обични луге.
Се уште немам направено самостојна изложба, и сметам дека тоа уште треба да причека на правиот момент. Сакам тоа да биде моја ренесанса во уметничка смисла. Чекор повеќе од она каде што сум сега . За да го направим тоа, морам уште многу да доживеам, видим, пропатувам, едноставно да дозреам :). Белрадската публика има поинакви очекувања од уметникот. Учествувам на поедини групни изложби, воглавно со пријатели од средно. Тоа се во целост изложби со хуманитарен карактер или со некоја антиполитичка тематика. Земав учество и во изложбата во Кавадарци 2013, со тематика ,,Проблем” , со млади кавадаречки уметници од коишто многумина се мои колеги од факултетот. Бев поканета од колега Јосифоски Ристо од Кавадарци кои беше организаторот на изложбата и ми беше голема чест да земем учество, и многу му се заблагодарувам што ме покани. Иако имав малку повеќе проблеми со транспортот на делото заради бахатоста и алчноста на српски авто превозници, сепак делото стигна таму кај што требаше во последен час, и уште еднаш се осетив дека барем дел од мене е таму од кај што потекнав, во уметничка смисла. Што се однесува до омилено уметничко дело кое го создадов, не можам да решам кое ми е омилено. Секое во себе носи трага на моите чувства, разбирања и впечатокот од нешто доживеано. Секое е огледало на моментот кој го проживував во создавање. Секое со себе носи дел од сеќавања на минатото, на луѓе кои ме опкружувале во дадениот момент.

Н.В: Од каде црпите инспирација при цртањето-сликањето, што ве мотивира и ја распламнува вашата фантазија?
В.Ѓ: Инспирацијата најчесто ми доаѓа од чувствата на кои сум поттикната во моментот. Некогаш се тоа луѓе кои ги среќавам или веќе се дел од мојот живот, некогаш политички настани кај нас или во светот, мои лични ставови во социјални, морални и етички прашања. Се она што остава емоционален впечаток на мене е моја инспирација. Фантазијата за мене е е веќе нешто друго.Кога сум под нејзино влијание тогаш светот е огледало на мојата душа и на моите очекувања.

Н.В: Најголем неостварен предизвик за тебе во уметноста претставува? И која е твојата најголема цел во животот?
В.Ѓ: Најголем неостварен предизвик, е секако моето отсликувањена самостојни изложби во Европските престолнини. Неприкажаните дела се како бисер во школка на морското дно. Додека, најголема цел ми е да на крајот на својот живот бидем задоволна со тоа што го постигнав во минатото.

Н.В: Како за крај некоја порака до нашите читатели? Воедно Ти благодарам за времето кое го одвои за ова интервју за нашиот портал – ние ти посакуваме среќа и успех!
В.Ѓ: Благодарам што ме поканивте за интервјуто, ми беше голема чест. Мојата порака до вашите читатели е цитатот од една многу поучна книга за мене ,, Oд сваког треба тражити само oнo штo oн мoжe дати.” (Мали принц, Антоана де Сент Егзиперија ). 

Оставете коментар