Интервју со Бранко Трајковски-Сачмо, граѓански активист и поранешен спортски новинар

КИРЕ БЕБЕЏАКОВ: Бранко, како увертира и да го скршиме мразот на денешниот разговор, пред се би те прашал како човек на човек, како се држиш со твоето здравје знаејќи дека во последно време водеше уште една од многуте тешки битки со кои човек не секогаш може да се сретне во својот живот?

БРАНКО ТРАЈКОВСКИ – “САЧМО”: На самиот почеток сакам да се заблагодарам до порталот МОЈОТГРАД кој ми овозможи еве и мене, на обичен смртник да покрај вообичаените ставови кои ги кажуваат македонските политичари ширум медиумите, еве и обичниот граѓанин да си го каже своето односно една споредба на минатото и сегашноста.Во врска со мојата здравствена состојба, благодарение на господ и на лекарите резултатите после тригодишното лекување од рак , конечно се добри.Редовно ја примам терапијата и се надевам дека и понатаму се ќе се одвива во најдобар ред.Меѓутоа, за жал, многу мои сограѓани а и пријатели кои заедно одевме на онкологија во Скопје, починаа.Последен од низата беше Гоце Каровски, вработен во градската болница во Кавадарци, кој почина деновиве.

К.Б: Во воведот напоменавме дека Бранко е во работен статус.Каде работиш? Што работиш? Зошто токму тоа? Дали е тоа работа која те релаксира и истовремено исполнува? 

Б.Т: Веќе дваесет години работам во спортската сала “Јасмин”.Значи од самиот почеток на нејзиното функционирање. Секојдневно сум во контакт со спортисти а и самиот сум човек кој го сака и го прати спортот. Таа работа едноставно, многу ме исполнува.

К.Б: Минатата година во неколку наврати имавте ако може така да се каже јавни настапи кои беа поврзани со загадувањето кое го прави компанијата Фени на територијата на општина Кавадарци.Најпрвин, ако добро се сеќавам, имавте свое интервју за веб порталот НОВАТВ, потоа следуваше јавен говор во просториите на општина Кавадарци каде покрај тебе свое излагање земаа и некои политички субјекти од Кавадарци и дел од оние кои се борат за здрава еколошка средина.Колку тие јавни дебати овозможија раздвижување на мозочните ќелии кај кавадаречката целокупна јавност во смисла на едно подлабоко и посериозно еко-размислување? Дали вродија резултат тие средби со граѓаните или пак беше како онаа “секое чудо, три дена”? 

Б.Т: Многупати зборував на оваа тема на медиумите и на јавни трибини. За оваа проблематика, односно за труењето кое го прави Фени имаше почетен позитивен ефект кај јавноста.Граѓаните ги поздравуваа моите заложби против најголемото зло во историјата на Кавадарци и тиквешијата. На почетокот имаше позитивни реакции, раздвижување, мислев дека ќе продолжи со поинтензивно темпо, дека и понатаму ќе има дебати, трибини и разговори. За жал, последните 5-6 месеци буквално ниту се спомнува овој проблем а камоли јавно да се дебатира.Фени и понатаму продолжува да загадува, труе и убива, а политичките партии воглавно срамно молчат. Медиумите исто така се посебна приказна.Тоа значи дека се е корумпирано, а граѓаните се оставени на цедило.Слободно може да констатираме дека Фени е една голема “мечка” а сето останато е трка за пари.Замислете, единствена јавна личност која спомена дека Кавадарци е затруен град е познатиот режисер Емир Кустурица кој рече: “Немојте вакви работи да се прават и во Србија, во најубавиот дел од шумадија, затоа што ќе бидеме загадени исто како и Кавадарци во Македонија.”

Бројката на заболени од рак, 52 за едно тромесечје, се преголеми и за градови како што се Њу Јорк и Лондон а камоли за општина како Кавадарци. Страшна работа.

К.Б: Многу често низ јавноста се сретнуваме со поимот дека некои поголеми компании во општина Кавадарци се етикетираат како “златни кокошки”.Оваа, фраза да ја наречам, во последно време многу често ја користат лицата од политичка сцена.Еве, мене лично ама ич не ми е јасно што може да значи тоа.Навистина не можам никако да ја поврзам кокошката со златото.Дали можеби вие можете да ни објасните што ли може да значи тоа, дали имате став околу оваа работа и да и елаборирате на јавноста и да бидеме начисто, што сакал да каже поетот?

Б.Т: Таа фраза е мисла која ја кажа еден наш локален политичар дека “Фени е златна кокошка која несе златни јајца” . Симболиката е во тоа што за некои буквално снесува златни јајца, а за некои болести и страдања.Доколку ова се случуваше во некоја општина од западна европа, ќе беше невидена афера со невидени размери. Поголема дури и од аферата “Вотергејт” .

К.Б: Соживотот меѓу граѓаните оди по тенка линија.Сите некаде брзат, имаат работа – немаат работа.Се ми се чини како да одат некаде, а не знаат каде. Како избезумени.Поделбата меѓу сите нас е доведена до загрижувачко ниво.Граѓаните брутално се “нас’скани” еден спрема друг. Што не доведе до оваа ситуација? На кого му оди тоа во прилог? 

Б.Т: Безкомпромисната политичка борба во овие дваесет и три години доведе до оваа страшна состојба.Партиите, односно граѓаните да бидат нас’скани еден на друг е исходот од таа гладијаторска борба каде луѓето обично страдаат.Како да одат некаде, а не знаат каде.Всушност и се знае каде одат. Околу 450.000 граѓани се исселени од Македонија.Споредбено со Кина е исто како да се исселиле 450.000.000 кинези.Над 100.000 македонци се стекнаа со бугарски пасош.

Според мое размислување, во Македонија остана еден голем процент на стари и изнемоштени лица.Има и млади изнемоштени.Да не го заборавиме и фактот дека има и голем број на лица кои се зависни од алкохол и дрога.Да се запрашаат политичките партии со кој народ ќе владеат?

Едно истражување вели дека со вакво темпо, за 428 години ќе умре и последниот македонец од природна смрт.Доколку загадувањето на еко системот продолжи со ваков интензитет тоа ќе се случи и многу поскоро.Колку ова истражување е точно, не знам.Меѓутоа не треба да дозволиме во иднината за македонецот да се говори во контекст на маите и инките. Дека некогаш и некаде на некоја територија живееле македонците.Страшна работа.

К.Б: Некако “килаво” оди помагањето или спонзорирањето на спортските кавадаречки клубови од страна на бизнис заедницата. Ако направиме една мала ретроспектива и притоа една паралела со денес, ќе забележиме дена во минатото таа поддршка на компаниите била неприкосновена, односно што се вели со “драга воља” го помагаа спортот во општина Кавадарци.Зошто тоа не е случај во последните неколку години? Дали можеби знаете каде лежи проблемот?Зошто компаниите не го поддржуваат спортот? 

Б.Т: Компаниите не вложуваат во спортот затоа што не можат да прават голем профит.Во Македонија претежно е така.Во моментов, само Фени како “најеколошка” компанија ја спонзорира машката кошарка.Не за друго, ами оти има грижа на совест.Кога сме кај овој кошаркарски клуб сакам да потенцирам дека имаат катастрофална клубска политика.Веќе седум години имаат кошаркарска академија а немаат “произведено” ниту еден кошаркар.Не сакам да бидам погрешно разбран.Тоа не значи дека во Кавадарци нема родени таленти.Во минатото, во Кавадарци и без академии беа “произведени” кошаркари со европски квалитет како Врбица Стефанов, Тодор Гечевски, Горан Самарџиев, Ристе Стефанов и многу други.

К.Б: Повторно ми се враќаат спомени од минатото кога скоро во сите спортови, во лигите од највисок ранг во Македонија, Кавадарци имаше по еден претставник.На натпреварите по фудбал, кошарка, ракомет, како и “помалите” спортови имаше масовна посетеност на навивачи по трибините.Поправи ме ако згрешам, но мислам дека во еден период имавме и два клуба од Кавадарци кои се натпреваруваа во првата ракометна лига.Зошто овие времиња ги чувствуваме како блиски а толку далечни? Ако треба да се потпираме на фактот дека како минува времето и треба да се биде поуспешен од претходниот ден, зошто тогаш спортот во Кавадарци е донесен на едно вакво срамно, мизерно ниво? Кој и каде потфрли?Дали како заедница сите сме до некаде виновни или треба да се бараат поединци? 

Б.Т: Некогаш, спортот во Кавадарци беше водечки во Македонија.Сега е сведен на нула.За да имаме подобра претстава од минатото да одиме со кратко пребројување на спортските клубови кои постоеле.
Почнуваме со фудбалскиот клуб “Тиквеш”.Се натпреваруваше во првата македонска лига.Сега веќе не постои. Потоа фудбалскиот клуб “Победа” од Кавадарци кој се натпреваруваше во втората лига.Сега веќе не постои. Фудбалски клуб “Габер”.За него не сум информиран, нема спортски емисии и не знам каква е состојбата со него. Женски фудбалски клуб “Тиквешанка”.Ја освои шампионската титула на Македонија.Исто така и купот.За жал, повеќе не попстои.

Одиме со ракометот.Винарска визба “Тиквеш”.Повеќе не постои. Женски ракометен клуб “Кабран амбалажа”.Повеќе не постои. Ракометниот клуб Тиквеш се натпреваруваше во првата лига. Сега постои како ракометна школа.Тоа е само почетна фаза.Ги разбирам луѓето кои работат таму, знам дека им е навистина тешко.

Од крај час, во Кавадарци имало кошарка.Веќе споменав дека машката кошарка ја спонзорира Фени. Женскиот кошаркарски клуб “Тиквеш Флорида” беше државен шампион и освојувач на купови.Во овие моменти женската кошарка е со скромен квалитет.Кога на домашен терен губиме и со 80 поени разлика, заклучокот доаѓа сам по себе.

И во футсал лигата имавме претставник, “Црна Река”. Да не ги набројувам и помалите спортови. Не дека се помалку важни. Фудбалскиот турнир “Вуко Каров” повеќе и не постои.Деновиве бевме сведоци дека со пародија беше одржан на градскиот плоштад во Кавадарци.Во прилог на читателите им доставувам една фотографија од 2000-та година каде заедно со колегата Димитар Мурџев известуваме за активностите на турнирот “Вуко Каров”.Таа година учествуваа четири екипи: белградски Партизан, Пирин од Бугарија, Победа од Прилеп и Тиквеш од Кавадарци.Ако се направи една компарација кои големи екипи настапувале пред 14 години и каква е сегашната слика за овој турнир, нема потреба од посебни анализи и експертизи за да дојдеме до заклучок за квалитетот порано и сега.

И покрај мизерната состојба на спортот во Кавадарци, одредени политички структури добиваат пофалници за развој на спортот.Тоа е исто како јас, Бранко Трајковски, да добијам нобелова награда за атомска физика.Видете, секој има право за ветува се и сешто.На крајот на краиштата повторно сме тука да дебатираме и оценуваме и критикуваме за оваа проблематика.Меѓутоа загрижен сум како што оди работата, навивачката група “Лозари” дали ќе има за кого и да навива.

К.Б: Долго време бевте спортски новинар во македонското радио.Во минатото бевте и водител на своја емисија насловена како “Спортски Понеделник” на добро познатата телевизија “Скај”.Во тоа време исто така имаше две локални телевизии како и сега, или повеќе.Меѓутоа се ми се чини дека тогаш содржините по тие медиуми беа некако покорисни за уживање на граѓаните за разлика од сега.Се вршеа директни преноси од спортски натпревари, спортските колажи беа исполнети до максимум со информации, имаше голем број тв дебати, емисии во живо, детски програми… Ќе можете ли да направите една така глобална споредба на локалните медиуми од тогаш и сега? 

Б.Т: Да, десет години бев новинар-репортер на македонското спортско радио. Јас сум можеби и единствениот новинар кој директно вршеше пренос на еден лажиран натпревар.Конкретно натпреварот Тиквеш-Победа (Прилеп) кој го добија гостите со резултат 0:1. После коментирањето на тој натпревар бев многу омразен кај раководството на Тиквеш и кај оние кои го водеа фудбалот во Македонија во тоа време.А бев респектиран кај целокупната спортска јавност посебно кај моите претпоставени од македонско радио.

Во тоа време во Кавадарци имаше дури четири локални телевизии.И скоро сите имаа спортска емисија.Емисијата “Спотрски понеделник” ја уредував и водев неколку години.Тоа беше емисија со сите нишани која одеше во живо.

Во тоа време, мојата телевизиска куќа “Скај канал” вршеше директни телевизиски преноси , меѓу нив и натпреварот Тиквеш Флорида – Студент.При секој директен пренос имав гости во студио.Феноменални беа оние специјални емисии каде гостуваа Стојна Вангеловска, Врбица Стефанов, Зоран Пејов, Васко Гунев и многу други.

Споредба меѓу тогаш и сега може а и не може да се направи.Тогаш постоеше спорт и плус 3-4 спортски емисии.”Рио”, “Скај канал”, “КТВ” и “РТ Кавадарци” беа медиумите кои изобилуваа со спортски информации.Сите имаа свои спортски емисии.А сега, нема спорт нема спортска емисија.

Замислете, во последните дваесет години во кавадаречките медиуми нема вработено дипломиран новинар.И тие што беа со дипломи, беа отпуштени.Страшна работа.

К.Б: Низ вашата долгогодишна спортско-новинарска кариера, верувам дека и имате споделено и контакти и разговори со голем број на добро познати спортисти, тренери и спортски работници.Дали одржувате некои од тие контакти? Ќе сакате ли накратко да споделите со јавноста некоја интересна случка која ви останала посебно во сеќавање? 

Б.Т: Сепак моите први почетоци се во радио кавадарци. Значи се враќаме во далечната 85/86 година.Се сеќавам кога работев како како спортски новинар, прво крштевање и интервју го направив со селекторот на тогашната одбојкарска репрезентација на Југославија, Лазар Гроздановиќ, како и неколкумина репрезентативци.Беа сместени во хотел “Парк” во Неготино, инаку патуваа на голем одбојкарски турнир во Атина.Задоволството беше мое. Си реков, прво па машко.Бев многу среќен.Потоа се редеа безброј интервјуа со познати спортисти и спортски работници.

Сите спортисти и спортски работници кои работеле во Кавадарци се мои драги пријатели.Благоја Печалов, Славчо Димитров, Артан Кучо, Стојна Вангеловска, Драган Маринковиќ, Заре Марковски се само дел од таа плејада легенди.Постојано бев опкружуван од најдобрите кавадаречки спортисти.Да се води една дебата, разговор со спортисти како Врбица Стефанов и Тодор Гечевски е исто како да сте биле на десет дневен спортски семинар во Барселона.Овие двајца се најголемите познавачи на кошаркарската игра во Македонија.

Интересна случки кои ми остануваат во посебно сеќавање се двата фудбалски натпревари Тиквеш-Победа. Ќе кажам збор-два за првиот.Во тоа време немаше телевизија.Радиото беше “светиња”.Имаше дојава дека натпреварот е лажиран, наместен, односно да победат гостите, а јас коментирав во живо.Замислете, моја прва емисија.Како спорски новинар си реков дека нема да го дозволам тоа и ќе направам се што можам за тоа да не се случи.Поканив многу гости, еден од нив беше и претседателот на фк Тиквеш, Ване Шкартов, тренерот Блажо Малинков, фудбалските легенди Кимов, Бошковски и Милков, Шалев и Костов, легенда до легенда.А студиото претесно.Беше влези-излези.Емисијата требаше да трае 30-40 минути а траеше и повеќе од 2 часа.Имаше јавувања, обвинувања, тензии.Емисијата сто проценти успешна.
Паралелно со овој натпревар, во моја организација заедно со навивачите го изработивме и најголемиот транспарент за на трибина на кој пишуваше “Напред Тиквеш, чесно и поштено!”. Прекрасно сончево време.Транспарентот како и десетина големи знамиња развеани.Атмосферата на трибините жешка.Преку 7000 љубители на фудбалот беа присутни да ги бодрат своите миленици.На крајот целта беше остварена. Не дозволивме натпреварот да биде наместен.На време го актуелизирав проблемот, имаше пред натпреварот и други дебати и едноставно јавноста не дозволи местенка.Тиквеш заслужено победи со резултат 1:0.Мислам и дека улогата на новинарот е отприлика таа.Да презентира објективно и да не дозволува манипулации со спортските натпревари.

И во вториот случај, другиот натпревар меѓу Тиквеш и Победа, требаше да победат гостите.Коментирав на лице место од градскиот стадион во Кавадарци на натпреварот а во рамки на директната програма на македонското спортско радио. Од студиото во Скопје се јавува мојот претпоставен, Александар Стихов, и вели ”Како е колега Трајковски на натпреварот во Кавадарци?”.На ова јас му велам “Па, на натпреварот во Кавадарци, во секој момент гостите треба да постигнат гол. ” Стихов ми вели “Како тоа?”.Јас му велам “Па така, фудбалерите на Тиквеш паѓаат лево-десно и прават бришан простор за гостите. И во такви околности не можат да постигнат гол”.И после тоа се јавува колегата од Битола со коментар “Во битола најстрога казна…”. А Стихов вика ”Не, не, остануваме во Кавадарци да видиме дали ќе се остварат предвидувањата на Трајковски”. И одам повторно јас во живо “Еве во Кавдарци повторно истата слика, фудбалерите на Тиквеш паѓаат по теренот, и конечно Николче Здравевски некако ја турна топката во голот и гостите поведоа со 0:1. Преку 2500 љубители на фудбалот разочарани и револтирани. Ситуацијата преминува во смеење небаре гледале хумористична емисија од типот на Хихирику”.После тоа нели нормално имаше реакции од управата на Тиквеш демек зошто сум коментирал така, дека не требало така да правам.Јас им реков, абе луѓе, мене некој ми дал одговорност да објективно коментирам и со тоа цела држава да ме слуша.

К.Б: Баш пред некој ден читав некои позитивни коментари по некоја од социјалните мрежи кои беа поврзани со “Династијата на кавадаречки начин”. „Тоа беше радио пародија на популарната сапунска серија „Династија”, која почна да се емитува на програмата на телевизиите во бивша Југославија во 1984. „Династија на кавадаречки начин” беше производ на Радио Кавадарци, но поради големата популарност беше емитувана и во викенд програмата „Радио урнебес” на Втората програма на Радио Скопје, некаде 1985-1986.И после 30 години сеуште е хит по интернет просторот.Ќе бидете ли љубезни да прераскажете накратко, како ви дојде идејата за тој проект? Која беше целокупната екипа која го изработи тоа ремек дело? Од каде ги црпевте идеите?

Б.Т: Во почетоткот на 80-тите на програмата на радио Кавадарци одеше една емисија која се викаше “Епроскоп” која ја водеше Бубо Каров.Главните ликови беа Перо и Ристо а ги водевме јас и Бубо.Емисијата беше вистински хит.Смешно но вистинито, најмногу се слушаше на лозјетo.Емисијата одеше во недела, кога сите си работеа на лозовите насади.Транзисторот “обесен” на гранка, граѓаните си работеа, пееја и слушаа “Епроскоп”.

Еден ден ми приоѓа Бубо и ми вели ќе снимаме “Династија на кавадаречки начин”.Што и како, најверојатно веќе го срочил како треба да изгледа.Сето она кое се случуваше во “американската династија”, тој го поврзуваше со случувањата во Кавадарци.Правеше текст и потоа сето тоа изгледаше перфектно во емисијата.Јас го глумев ликот на Блејк Керингтон.Бубо имаше најмногу ликови.Марјан Димитров, Фруска Костадинова, Летка Јосифова и други имаа свои улоги во оваа емисија.Како плод на таа работа, емисијата започна да се емитува и на втората програма на македонското радио.Кулминацијата ја достигнавме со настапите во живо низ цела Македонија.Бевме генијална екипа.Сите бевме соживеани во тие ликови.Паметам на еден настап во фабриката “Охис” (имаа посебна сала), ја насмеавме публиката до тој степен што оние службеничките кои седеа во првите редови едноставно од папките им паѓаа листови хартија.

 

Посебна атракција беше кога настапивме на градскиот стадион во Скопје на концертот на музичките групи “Бајага” и “Плави Оркестар”. Настапивме на паузата.Имаше преку 12 000 посетители.Кога не најавија аплаузот беше навистина громогласен.Видео записи немаме, но остануваат прекрасните спомени. 

 

 

Оставете коментар