Интервју со Сузана Плачкова

Сузана Плачкова, родена 06.12.1987 во Кавадарци каде завршува, основно и средно образование.Своето надоградување и амбициозност го продолжува на Архитектонскиот факултет во Скопје, каде успешно и солидно го завршува.Својата кариера како млад архитект полн со ентузијазам ја продолжува во проектанско биро „КАПИТЕЛ“во Кавадарци.

Надица Василева: Kaко вовед во ова интервју би сакала најнапред да Ви се заблагодарам што прифативте да бидете мој соговорник и да се обидеме на пошироката јавност да ја доближеме вашата личност во едно малку поинакво светло.Кога ќе се разбудите наутро ,која мисла Ве води, како го започнувате денот?

Сузана Плачкова: Ме води тоа што сум се разбудила и дека на крајот од денот предвидените активности да ми бидат штиклирани. Денот го започнувам нормално како секој вработен човек со помисла да не закаснам на работа и успешно да си ги завршам обврските за вечерта слободно да ја исполнам со пријателите.

Н.В: Како би се опишале, за оние кој не ве познаваат а воедно треба да те запознаат од страната од која веќе треба да биде препознатлива, тоа е твојот професионален живот – архитектурата. Зошто баш архитектура и колку ти се пронаоѓаш во истата? 

С.П: Да се опишеш сам себеси , мислам дека е најтешката задача за еден човек.Сметам дека подобро е да се запознаам со тие што не ме познаваат бидејќи и да се опишам може нешто ќе заборавам или сменам :).

Што се однесува уште од мала знаев дека тоа е професијата за мене, гледајќи ги работите што ги прави татко ми (исто архитект), следејќи го секој негов потег со моливот и линијарот ми беше имагинарно како од таа игра настанува објект во која некој ќе живее/работи . Потоа таа имагинација стана реалност кога дојде денот да се запишам на факултет и уште повеќе да ти истражувам тајните и интригите на архитектурата.
Играта со просторот, одредување на движењето, оформувањето на едно тело се едни од причините во кои се пронаоѓам во тоа што сум одбрала да го работам. Едноставно архитектурата е просторот во кој живееме. 

Н.В: Студиите ги заврши во Скопје.Според структурата врз која фунцкионираат нашите факултети, колку си задоволна од домашната школа и програмата која се нуди во неа? Бидејќи имаш посетувано поголем број на работилници надвор од нашата држава, кои се твоите согледувања, која е разликата во однос на нашите, колку си ти задоволна од организацијата на работилниците?

С.П: Задоволна сум од стекнатото знаење од архитектонскиот факултет кај нас, имав среќа што не го фатив болоњскиот систем на школување и учев по стара програма каде техниката и континуираната работа ни беа пренесени со доза на строгост за сами да ги извлечеме респектот и самодисциплина која си ги бара професијата. Убаво е да се почне од домашната школа па потоа да се развива сенсот во некои школи надвор.

Учеството во работилници вон границите на државата во периодот на студиите ми помогна многу во размислувањето на просторот од една друга страна и оформување на лично сфаќање на истиот. Запознавањето со колеги од целиот свет и разменување мислења се исто битни за да знаеш дека не си сам во тоа што го работиш и да знаеш колкава и која е конкуренцијата надвор. Интересни беа и работилниците одржувани и во нашата земја каде си домаќин и треба да ги претставиш работите како се поставени кај нас и да одговараш на прашања кои потајно сам си ги поставил а не дошло ред да ги одговориш и тогаш ја користиш приликата за да видиш колку знаеш. Имам учествувано на домашни и меѓународни работилници во Баухаус Германија, Хамбург, Хелсинки. Во однос на организираноста на работилниците, разликата е во тоа што кај нас си ограничен во ставовите, размислувањата за работата, додека кај нив ја имаш целата слобода на располагање во однос на целата агенда при текот на работилницата.

Н.В: Како млад и амбициозен архитект кој запливува сигурно во водите на архитектурата, сметаш дека имаш изградено некој стил кон истата и кои се референците низ кои го гледаш твоето творештво? Која е твојата најголема цел која сакаш да ја оствариш и постигнеш во животот?

С.П: Стилот сеуште го градам бидејќи како што кажа сеуште сум нова и неискусна (практично) во архитектурата. Допрва ги согледувам разликите помеѓу студиите и во пракса, се ми е ново и сега веќе опипливо. Градењето на стил се стекнува со градење на искуство и оформено мислење за тоа што го работиш, а мене ми треба уште време за стилски да се докажам а сметам дека и професијата ми е таква што после неколку изведени објекти почнуваш да се препознаваш во нив – јас сеуште немам таков :).

Имам референци кои ми оформиле некаков осет за простор што ми се допаѓа а што не. Како примери –архитекти би ги истакнала Пјер Луиџи Нерви кој на конструкцијата и дава и друга намена – естетика која многу елегантно ја впушта во просторот, од поновите ми се допаѓа играта со масивноста на Фернандо Менис, современоста и едноставноста.

Мојата најголема цел е да си ја зацврстам врската со професијата и среќно да си живееме до крајот на животот. 

Н.В: Сметајќи те како академски граѓанин со доза на некакво искуство и разбирање во професијата дали имаш некое оформено мислење, став за моменталната архитектура што се случува кај нас – дали е добра, лоша и како влијае на нас? Моментално живееме во време во кое премногу се гради.Кои се твоите ставови за новите стилови на градби кои се наоѓаат во Скопје, сметате дека одиме во иднината или се враќаме во минатото? Вреди ли оваа професија да се работи во времето во кое живееме?

С.П: Ова што се случува заедно со темпото со кое се движи тоа случување би го нарекла брутализам и администација. Кај нас како веќе да не постои архитектурата како архитектура, постои нешто друго кое што повеќе е водено од административна канцеларија отколку од проектантско биро. Не можам да кажам дали е добра или лоша тоа е работа на вкусови ама можам да кажам дека не го поддржувам тоа силување на просторот и отуѓување од идентитетот и белегот на архитектурата која некогаш сме ја имале. Секако дека има влијание гледајќи ја архитектурата како уметност а уметноста како еден вид на пропаганда. Алармантноста на зборот пропаданда и гледајќи што се случува кај нас- веќе почнува да светка црвено.

Професијата истовремено ми е и занает така што сметам би ми се исплатила. Во сегашната ситуација на архитектурата и треба архитектура бидејќи работите поврзани со истата повеќе се гледаат административно отколку од другата страна. Таквата ситуација за некој вреди да се работи за некој не. Што се однесува за новите стилови на градби, сметам дека стилски не одиме никаде. Такво нешто кај нас немало во минатото, а не знам како иднината би реагирала на истото бидејќи сегашноста не спремна се соочи со делата.

Н.В: Сметајќи ја архитектурата како простор, опиши го просторот во кој живееш – Кавадарци.Постојат ли некои точки кои ти се допаѓат, имаш визија да измениш нешто или да додадеш за да го прилагодиш како место достапно и функционално за секој грѓанин?

С.П: Отсечно, Кавадарци би го опишала како едно мало, фино средено градче, каде зоните се фино распределени и има зелени појаси на повеќе места. Ми се допаѓа присуството на таа социјалистичка архитектура која е втопена и во навиките и движењето на луѓето кои се овде.

Од тоа што ми се допаѓа дефинитивно би го издвоила градскиот парк со неколкуте објекти/споменици кои се сраснати во неговата нескротена природа. Уште пред влегувањето во паркот се чувствува неговата моќ со споменикот од десната страна подигнат репрезентативно на скали кои водат до него и завршувајќи со делото на Петар Муличковски – спомен костурницата. 

Точка која сакам да ја сменам е дефинитивно урбанизмот кој создава еден хаотичен момент во целата слика на градот. Една од визиите (која мислам дека е и реалност) ми е да се реши проблемот со сообраќајот и паркингот бидејќи тоа е големо значење за една урбана средина бидејќи се работи за движење – функционирање низ истата.

А точките што сакам да ги додадам се многу но ќе издвојам неколку кои се реално потребни за Кавадарци да биде пристојно место за живеење. Спортски објекти и те како недостасуваат кои се исто битни за развој и откривање на таленти бидејќи до сега познавам многу познати спортисти од Кавадарци. Враќање на младински културен центар, бидејќи тоа е вистинскиот начин за културно запознавање на младите и нивно поттикнување за правилно созревање, спортски објекти бидејќи во градот има многу талентирани деца за спорт и луѓе кои сакаат да се рекреираат, дом на уметници – простор каде уметниците би можеле да творат. Кавадарци го заслужува тоа поради фактот што од овде потекнуваат голем број уметници кои имаат оставено голем белег во културното наследство во Македонија . Доста се овие за останатите во некое наредно интервју кога веќе овие ќе постојат.

Н.В: Ти благодарам за издвоеното време и ти посакувам успех во натамошното градење на кариерата. За крај дали имаш некоја порака, мисла која те води?

С.П: Благодарам за поканата задоволство ми беше да одговарам на поставените прашања. За поговорки и мисли ги има многу кои ми влијаат во одредени ситуации… ќе издвојам една кратка приказна која ми е многу инспиративна и е за Ензо Ферари ( основачот на компанијата Ферари) – тој почнал да размислува за свој дизајн на автомобили кога сфатил дека се предходно што возел не му се допаднало, така решил да направи модел кој ќе му се допаѓа и ќе биде различен од другите. 

Оставете коментар