Иницијативата “Социјална правда сега!” денеска на плоштадот во Кавадарци

Караванот на Иницијативата Социјална правда сега! денеска ќе одржи проекција на вести и дебата на плоштадот во Кавадарци, со почеток во 19 часот. ЦИВИЛ – Центар за слобода и Македонска платформа против сиромаштија ја поведоа оваа иницијатива, заедно со граѓански активисти и експерти од областа на човековите права и социјалната правда. Со цел да ги разоткријат тешките социјални состојби, кршењето на човековите и работничките права и да придонесат кон објективното информирање на јавноста, редакцијата ЦИВИЛ Медиа продуцира видео прилози за секој град посебно. По Штип и Велес, денеска на ред е Кавадарци.

Каква е состојбата во „прославените“ странски инвестиции, каква е социјалната положба на граѓанките и граѓаните, ставовите и анализите на синдикалците, експертите и граѓанските лидери, ќе проследиме во прилозите на вечерашниот настан во Кавадарци. Организаторите ги покануваат локалните медиуми и граѓанките и граѓаните на Кавадарци да дојдат на плоштадот и да ја искористат можноста да го искажат своето мислење и да споделат информации и лични искуства преку отворениот микрофон кој секогаш е на располагање кога ние организираме настани.

Имајќи ја предвид тешката состојба на медиумските слободи во земјата, Иницијативата СОЦИЈАЛНА ПРАВДА СЕГА! ја користи методолошката алатка Street Media на редакцијата ЦИВИЛ Медиа, која подразбира продукција и видео проекции на информативни содржини на плоштадите низ Македонија. Преку нив, јавноста може непосредно да се запознае со социјалните состојби во своите средини. На овие настани, присутните можат да учествуваат со прашања и коментари, на кои им одговараат претставници на граѓанското општество и експерти кои ги поканува нашата Иницијатива.

Оставете коментар