И оние на слобода се чувствуваат како во затвор

Родена е пред 66 години во Париз, а денес е „државјанин” на многу земји во светот кои целосно ги прифаќаат и почитуваат или барем се трудат да ги достигнат нејзините стандарди. Универзалната декларација за човекови права усвоена од Генералното собрание на ОН на 10 декември 1948 година, е лакмусот кој денес точно покажува каде и до кој степен почитувањето на човековите права е имплементирано во секојдневието на граѓаните. Искуствата се различни, а предизвиците постојани. Со какви достигнувања Македонија го дочекува Меѓународниот ден на човековите права? Организациите посветени на борбата за овие фундаментални права и нивна заштита не се задоволни од домашните резултати. Како илустрација за состојбата, Уранија Пировска, директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Македонија, посочува дека нивната организација во изминатата година се соочила со голем број на претставки од граѓаните речиси во сите области. Најголем број од нив се однесувале на пристапот до социјални права и правна заштита, но и за различни основи на дискриминација – етничка, политичка припадност, сексуална ориентација, но и заради полициско постапување, тортура и услови во затворени установи, прекршување на правата на слободно здружување и изразување.

 

„Имајќи предвид дека Комитетот обезбедува бесплатна правна помош за сите граѓани во Република Македонија, може да се констатира дека оваа година беше релативно реактивна. Во фокусот беше изразената дискриминација кон граѓани од ромската етничка заедница, ЛГБТИ заедницата и дискриминација во работните односи најчесто по основа на политичка припадност или уверување. Во однос на пристапот до социјални права и заштита, повеќето претставки се однесуваат на прекин на парична помош поради законските измени направени изминатите две години. Граѓаните мораат да поминат низ долг процес на враќање на паричната помош преку Управниот суд кој често пати долго одлучува и не воспостави практика или мислење како да се надминат настанатите состојби во делот на распределување на социјална помош”, објаснува Пировска.

 

Но, не изостануваат ниту делата и говорот на омраза како феномени кои се цврсто врзани за општествените состојби, а се резултат на долгогодишното игнорирање на проблемите.

 

„Станува збор за омраза на етничка основа или по основ на сексуална ориентација која е најзастапена кај младите и медиумите, но најизразена на социјалните мрежи. Делата од омраза беа во пораст поради неколку поголеми настани како што беа судењата на обвинетите за случајот „Смилковско езеро” и несаканата смрт на младото момче во Ѓорче Петров”, потсетува Пировска.

 

Во спектарот забелешки влегува и засиленото негативно портретирање на жената во општеството, преку реклами и пропаганда за нејзината улога исклучиво како мајка и домаќинка, како и квази одбраната на „моралните вредности”, која доведе до зголемување на случаи на семејно насилство врз жените, кои годинава завршија со неколку изгубени човечки животи.

 

На слобода или во затвор – исто!

 

Она што посебно ги загрижува активистите за човекови права, е фактот дека општественото медиумско огледало кое треба да рефлектира објективна трансмисија на информациите до граѓаните, функционира со ефект на „криво огледало”. Тие бележат дека и оваа година новинарите се соочуваат со притисоци на работните места, со што се наметнува цензура или автоцензура, пред се, како резултат на партиско влијание врз уредувачките политики преку финансиски или други форми на притисок. Таа практика резултира со прекршување на правото на објективно информирање на граѓаните.

„Тешка, ужасна година оставаме зад нас”, вели Џабир Дерала, претседател на невладината оранизација „Цивил – Центар за слобода”.
„Оваа година треба да остане запаметена како година на згазено достоинство, структурно насилство и безобѕирно кршење на човековите права и слободи, на тотална измама и страв распространет како чума. Во затвор се десетици политички затвореници, вклучувајќи и еден новинар кој за напишан збор е осуден на четири ипол години затвор, еден лидер на политичка партија, еден сопственик на независни медиуми, негови соработници и членови на семејство, како и низа други ‘непослушни’ и ‘неподобни’. И ние, што не сме в затвор, како да сме таму”, оценува Дерала, со забелешка дека власта се однесува крајно неприфатливо и спротивно на духот на Уставот и на меѓународните стандарди.
Долга е листата од сфери каде човековите права и слободи се грубо прегазени, велат од „Цивил” и поради таквите состојби годинава ќе го одбележат Меѓународниот ден на човековите права со поддршка на Студентскиот Пленум и на денешниот студентски марш. Таков чин најавија повеќе организации.

 

Правата како додаток

 

018089102 40400

Вистинската состојба со човековите права најмногу е видлива во политичкиот дискурс и во пратиката на државните органи. Тие права, за жал, во голема мера се уште се третираат како „додаток” на другите, „поважни потреби”, па властите за човековите права денес најчесто зборуваат поводно и церемонијално. За разлика од нив, овој Ден не е заобиколен од индивидуалната авторска мотивација. Хелсиншкиот комитет го промовираше документарниот филм „Дискриминација врз основа на политичка припадност”, чии автори се новинарите Љубиша Арсиќ и Жарко Настоски, а лансиран е и првиот квир магазин во Македонија, Сакам.инфо, интернет медиум кој е проект на Здружението на граѓани за социјален и мултикултурен развој „Женска Алијанса” од Скопје.

„Сакам.инфо има за своја мисија да го сензибилизира општеството преку промоција на еднаквост, толеранција и недискриминација, а со цел прифаќање на различностите. Содржините кои се објавуваат се од информативен, едукативен и забавен карактер, од интерес за ЛГБТ заедницата, нејзините поддржувачи и пошироката јавност,” вели Главниот и одговорен уредник на магазинот, Петар Стојковиќ.

Претставници на ЛГБТ заедницата во Македонија во неколку наврати беа предмет на физички напади, а тие случаи не добија институционална завршница. Од тие причини, за нив оваа година е одраз на општа лоша состојба, особено во однос на правата на маргинализираните заедници.
„Тоа е резултат на недоволен ангажман на институциите, и генерално – на недостиг на волја за промоција на еднаквост и на прифаќање на поинаква сексуална ориентација. Видовме многу кампањи, но ниту за поддршка на различноста. За разлика од кај нас, во Србија, која исто така се смета за конзервативно општество, Владата финансираше кампања под мотото „Дискриминацијата не е шега”, во која учествуваат познати јавни личности”, укажува Стојковиќ.

Додека да созреат состојбите за таков чекор, во Македонија повеќе ќе се слуша за политиката. Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ по повод 10 декември, организираше панел-дискусија за активностите што ги има Министерството за надворешни работи во спроведувањето на политиките за унапредување и спроведување на човековите права во Македонија. На позицијата на Македонија во однос на универзалните документи на ОН кои ги штитат човековите права, се осврна пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски.

„Јас ќе се потрудам да дадам и едно сеќавање и еден придонес на развојот на настаните пред Меѓународниот суд на правдата, каде што Македонија за првпат во нашата историја го отвори случајот во 2008 година против однесувањето на соседна Грција. После три години докажувања и аргументи успеавме аргументот на силата да го победиме со силата на аргументите и со тоа да заштитиме едно национално и државно право кое и припаѓа не само на државата, туку и на сите наши граѓани”, рече Милошоски.

По 66 години од усвојувањето на Универзалната декларација, останува да се заштитат и другите права што им припаѓаат на граѓаните.

извор: http://www.dw.de/

Оставете коментар