Ходорковски ја напушти Русија. Засекогаш

Русија отсекогаш била логоцентрична земја, каде на словото му се давало божествена, па дури и магична функција. Овдешното поимање на светот е врамено во прецизност и предвидливост. За Русите, на пример, есента или зимата календарски започнуваат на 1 септември и на 1 декември соодветно. Истото важи и за пролетта и летото. Заради упростување на нештата и заради нивниот огромен број, школите и градинките овде се именувани со броеви: Гимназија број 43, или „детски сад номер 21“. Улиците и проспектите во големите градови и моноградови имаат шематизиран план и понекогаш се просто нарачени 2-ра Линија, 3-та Линија итн.

 

Следејќи ја оваа општествено-симболичка конструкција, за некои посматрачи и социолози беше предвидливо предвременото ослободување на Михаил Ходорковски, нафтен барон и жесток критичар на власта на Владимир Путин. Во текот на два пристрасни судски процеси тој беше осуден на долга затворска казна, подоцна намалена на 10 години и 10 месеци. Упасен од безбедносните сили на аеродромската писта (во неговиот приватен авион) во Новосибирск во октомври 2003, тој излезе на слобода за малку повеќе од десет години подоцна, во декември 2013.

 

Но тука беше и фамозното писмо. Откако завчера Путин во ненајавена и во ôд кажана изјава (после маратонска четиричасовна прес-конференција тој ниту еднаш не го изусти неговото презиме), укажа дека Ходорковски во писмо побарал помилување од претседателот и дека тој, од хуманитарни причини (мајката на Ходорковски била болна од рак и на лекување во Германија, и овој побарал да биде на слобода заради неа), го прифатил неговото барање, сите се прашуваа дали ова е уште една медиумска игра на Кремљ. Интригата се засили откако подоцна се дозна дека Марина Ходорковскаја, всушност била во Москва, а не во Берлин, каде Ходорковски слета после десетгодишната робија по гулазите.

 

Некои побараа копија од барањето за помилување на најпознатиот жив руски дисидент испратена до Путин, неговиот исконски враг. Неверните Томи коментираа дека ако не видат нема да веруваат во ослободувањето на Ходорковски, кој зад решетките и без пари стана многу попозната јавна личност, отколку кога се наоѓаше на слобода и управуваше со 15 милијарди долари капитал.

 

Во ова време на социјални и морални кризи многумина престанаа да веруваат во таа божествена сила на руското слово. На почетокот на годинава тие велеа „и Борис Березовски побара прошка од Путин, но никој не го виде писанието што Кремљ тврдеше дека тој го испратил до Владимир Владимирович. Оттука, ние се сомневаме дека Ходорковски испратил писмо, и дека ќе биде ослободен во догледно време, барем не додека Путин е на власт.“ Посебно откако годинава се обнародија „сознанија од обвинителството“ дека против него се подготвува и трет случај.

 

Уште повеќе, во текот на двата судски процеси 2003-2010, и во неколку наврати Ходорковски се бранеше машки и укажа дека нема да побара помилување, бидејќи, според руското законодавство, ако осудениот бара прошка значи дека ја признава својата вина. Тој стоички тврдеше дека не е виновен за она за што се товари – избегнување за уплата на даноци и перење пари преку Јукос, некогаш најуспешната и најголема руска нафтена компанија.

 

Но, како и безброј пати во историјата, deus ex machina! Кремљ повторно ја порази јавноста со својот проклето добар и неверојатен пи-ар инжинеринг. Кој рече дека е мртво руското слово и неговата божествена сила?

 

Само еден ден откако од затворскиот логор во источна Карелија во Москва стигнало барањето за помилување од Ходорковски, тој е магично ослободен и заминува (депортиран?) за Германија. Неколку недели откако испратил писмо со барање прошка до Путин, Березовски, исто така магично, го напушта овој свет – најден е задавен со врвка околу вратот во купатилото на резиденцијата на неговата екс-сопруга во еден елитен дел на Лондон. Тамошните власти сѐ уште истражуваат што се случило.

 

Во прилог на широката амнестија по повод 20-годишнината од новиот руски Устав, помилувањето на Ходорковски, всушност, не е ништо друго туку обичен пи-ар потег. Со овој потег, како и со најавеното ослободување на двете панкерки од Pussy Riot, Кремљ сака да го обели образот во пресрет на претстојните Олимписки игри во Сочи, каде критичарите се подготвени да протестираат заради задушените слободи на многу групи во Русија, било тоа да се независни новинари, антикорупционери, опозициски политичари, обични протестанти или хомосексуалци. На пример, претседателите на Германија, Франција и САД, во знак на солидарност со борците за заштита на човековите права, одбија да ги посетат Игрите.

 

Многумина се надеваат дека ослободувањето на Ходорковски ќе ја подобри инвестициската клима во земјата, чија економија е обремената од стагнација, финансиска нестабилност и пад на рубљата после огромниот товар врз буџетот од организацијата на најскапите (поради корупција од која боли глава) олимпски игри во историјата и поради најавеното кредитирање на Украина.

 

Позадина

 

Првите два мандати на Путин беа обременети со завист и омраза што тој ги манифестираше кон Ходорковски. Во првите години од нултата деценија работењето на Јукос стана транспарентно, а добивките и финансиските операции на компанијата беа под редовна годишна ревизија од познати странски ревизорски куќи. Заради огромната корупција во државата Ходорковски започна да ја критикува власта, да инвестира во опозицијата и да финансира фондации за развој на граѓанското општество.

 

Тој стана голем трн во ногата на Путин кој започна венедета против него. Првин, претседателот им укажа на останатите олигарси дека ако сакаат да останат на слобода не смеат да ја престапат црвената линија, односно да си го гледаат бизнисот, да се богатат, и да не се мешаат во политиката.

 

Ходорковски не го послуша советот на сѐ помоќниот Путин. Во првата половина на минатата деценија овој ја консолидира власта и постави свои луѓе во Кремљ – таканеречениот питерски клан (неговите соработници од првата половина на деведесеттите кога тој работеше како заменик на градоначалникот на Санкт Петербург) и луѓе од безбедносните служби, негови колеги од бившата КГБ, таканеречени силовики.

 

Последниве добија само ситни трошки од распределбата на националните ресурси по хаотичниот распад на советската империја. Од транзицијата најмногу ќарија олигарсите како Березовски, Роман Абрамович, Владимир Потанин или Ходорковски, тогаш млади и амбициозни претприемачи кои ги искористија либералните реформи на владата на Јелцин и стекнаа неверојатен капитал за мали пари, додека поради кризите народот беше донесен на просјачки стап.

 

Во предвечерјето на претседателските избри во март 2004, од олигарх и според Forbs најбогат Русин, Ходорковски се трансформира во сериозен опозициски лидер со политички и претседателски амбиции.

 

Но само една и пол година по неговото апсење, со помош на Игор Сечин, силовик, моќна заткулисна фигура и десна рака на Путин, и под прикритие од режимски контролираното судство, заедно со својот соработник Платон Лебедев и во текот на два последователни процеси, Ходорковски е осуден на долгогодишна затворска казна. Во меѓувреме, со строгите судски разрешници за наводни неуплати од повеќемилијарден данок и физичка кражба на милиони тони сурова нафта, Јукос банкротира во 2007. Во текот на процесите многу топ менаџери на компанијата или избегаа на Запад или завршија зад решетки, неколку и починаа.

 

Јукос, дотогаш најголемата руска приватна нафтена компанија, беше распродадена на аукции, а нејзиниот највреден капитал, рафинерии и богати нафтени наоѓалишта, беа откупени во сомнителни зделки од Росњефт.

По деценијата ренационализации во рускиот нафтен и гасен сектор, Росњефт денес е најголемата компанија во светот со сопствени нафтени резерви. Компанијата ја раководи Игор Сечин.

 

Доколку Ходорковски на слобода не покаже политички амбиции и не стане лидер на опозицијата (а тоа го правеше мошне успешно од затвор), во што многумина се сомневаат, неговата депортација и предвидената опасност од ново судење ќе биде Пирова победа за уморниот и милостив руски цар.

Борис Камчев е новинар и писател, неговата книга Русија на Путин: Записи од опачината на светот, неодамна излезе во издание на Темплум

Оставете коментар