Годишна изложба на Друштвото на ликовни уметници од Кавадарци

Во петок, на 26 декември 2014, со почеток од 19 часот, во Галеријата при домот на културата “Иван Мазов – Климе” Кавадарци, ќе биде отворена традиционалната Годишна изложба на Друштвото на ликовни уметници Кавадарци (ДЛУК). Годишната изложба на членовите на ДЛУК ги носи најновите ликовни остварувања од сите ликовни техники и содржини (графика, вајарство, масло на платно, акварел и др.) и е настан кој го одбележува културниот и уметничкиот крај на тековната година во Кавадарци.

Дваесетина членови на ДЛУК ќе се претстават со својата најнова работа, нудејќи ја на увид својата ликовна креативност пред кавадаречката и македонската јавност. На изложбата со свои дела учествуваат: Ристо Соколов Сокол, Димитар Самарџиев, Владимир Темков, Цветанка Темкова Илова, Горан Боев, Киро Јосифов, Маја Крстева, Симона Манчева, Стефанија Стојановска, Трајче Јованов, Соња Самарџиева, Горан Ѓорев, Ива Јосифова, Ванчо Кеков, Кирил Мукаетов, Иван Ковацалиев, Петар Наневски и Васка Дудин…

Годишната изложба на ДЛУК ќе донесе дела на млади ликовни уметници, но и на веќе докажани и надвор од Македонија, а меѓу нив се и поголемиот дел од основачите на ДЛУК од пред речиси 40 години. ДЛУК е и официјално, по ДЛУМ едно од најстарите ликовни здруженија во Македонија.

Оставете коментар