ГЛАСАЊЕ СО КАМЕЊА

Дали босанско-косовската пролет може да стигне и пред наши порти? Доколку би суделе според зборовите од социјалните мрежи – мошне веројатно! Но, доколку судиме по делата – тешко веројатно

„Доколку ќе имав страв од пендреците на власта и заканите на меѓународната, немаше ни да излезам на улица“

студент, учесник на протестите во Приштина

Додека на екранот течеа сликите од протестите на младите во Приштина, Сараево, Тузла, Мостар, мислите ми бегаа накај Лондон, кон домот на британскиот дипломат Роберт Купер. Го замислував, онака, завален во викторијанска фотелја, со фина, цветно украсена порцеланска шолја в раце, сркајќи чај „дарџелинг“ во четири попладне и следејќи ги призорите од брдовитиот Балкан, обидувајќи се ладнокрвно теоретски да го рационализира бесот на младите. Кон кој и тој самиот има придонесено, лансирајќи ја „мудрата“ политика според „правилата на џунглата“ за соработка со балканските демагози. Таа „мудра“ политика денеска полека колабира, засега во Босна и во Косово, пред напливот на новата генерација гладни и обесправени актери во приказната за тоа како Купер го замислува светот.

Протестите од минатата недела имаат неколку заеднички именители, на кои треба да обрнеме внимание. Првиот именител е дека протестите беа свртени против севкупниот политички систем составен од аутизирани политички партии, корупцијата и нерамноправноста. Притоа, жестокоста на протестите беа правопропорционални на раширеноста и длабочината на корупцијата и криминалот во тамошните општества. Но, нечесно и погрешно би била доколку жестокоста на демонстрациите се разбере и толкува како некаков бесполезен излив на „хулиганизам“ или политички лудизам сведен на кршење на инструментите на политичка администрација. Напротив, во дадениот контекст, ваквите изливи на незадоволство се своевидно спонтано граѓанско референдумско гласање со камења во кое борбата не се води помеѓу политичките партии, туку помеѓу натпартиските граѓани и политичките елити. Демократија во директна акција, би рекле, без пароли и спотови, туку изборен процес сведен на судир помеѓу обединетите по привилегии и обединетите по дискриминација.

Вториот заеднички именител е доказ дека граѓаните на Федерацијата на Босна и Херцеговина и Косово се наоѓаат на повисок степен на постетничка демократска свест, самодоверба и желба за општествени промени. За разлика од Република Српска и Македонија, во кои полициско-безбедносните режими (со премолчена поддршка на дипломатиите на ЕУ и на САД) успеваат да го задржат привидот на лажна нормалност и немушт изговор дека падот на Додик и Груевски би претставувал крај на политиките за националрелигиска посебност на Србите во Босна и на супремација на етничките Македонци во Македонија. За разлика од Хрватите и Србите во Босна, чии политики на „незадоволство“ се диктирани и зависни од Загреб и од Белград, слично како и со односот на нашата Влада кон „браќата“ од „Косанчичев венац“, граѓаните во Федерацијата БиХ и Косово ниту ја имаат можноста ниту прифаќаат да бидат сведени на улога на етнички дијаспори чии националполитички умови се генерациски форматирани за послушност и покорност кон кој било „голем брат“. Парадоксално, токму изолацијата на граѓаните на Федерацијата и Косово, исклучени од евроинтеграциските процеси, создаде услови за процут на нова свест на пркос и револт кон сопствените власти. Но, несомнено и кон склоноста на САД и на ЕУ за фаворизирање корумпирани послушници, фалш-националисти и криминални насилници кои обезбедуваат „мир, стабилност и конструктивност“ во регионот. Затоа, можеби е време е да се изусти очигледното – приодот на ЕУ и САД со интегративни привилегии за Загреб и за Белград, како и поддршката на Владата на Груевски е клучниот фактор на внатрешно разнебитување на БиХ и Македонија.

Потполното отсуство на власта и опозициските партиски водства од улиците и отфрлањето на селективно спонзорираните НВО-ликови од страна на демонстрантите е третиот заеднички именител. Начинот на кој се организираа и одвиваа настаните ја потврдува тезата дека клучна нишка на промените во нашите општества денес не се ниту политичките партии ниту невладиниот сектор, туку вистински независните (од власта и опозицијата) отворени медиуми, подготвени да комуницираат со граѓаните, пренесувајќи ги нивните автентични жалби и критики. Зачаурени во себе и опседнати од својата големина и важност, традиционалните партии и НВО ја имаат изгубено моќта за поврзување на луѓето според нивните реални социјални потреби. Слободните медиуми се засега единствените преостанати фактори преку кои луѓето се’ уште успеваат да комуницираат и се разбираат помеѓу себе, без потреба од политички преведувачи.

Но, дали босанско-косовската пролет може да стигне и пред наши порти? Доколку би суделе според зборовите од социјалните мрежи – мошне веројатно! Но, доколку судиме по делата – тешко веројатно. Дури и самото следење на протестите во Босна и Косово укажува на поделеноста на нашето општество. Додека македонскиот дел беше фокусиран на случувањата во Босна и воедно (ментално предрасудно и јазично лимитирано) игнорирајќи ги случувањата во Приштина, албанскиот дел претежно ги следеше и се соживуваше со случувањата во Косово, но со симпатии и за протестите на Босанците. И покрај тоа, цврсто верувам дека биполарната политичка власт сигурно не ги следеше настаните според етнички клуч, туку според чувството на загроза за комшиската мечка, која може да им заигра пред „кшти“.

Младобосанскиот бунт и студентските демонстрации во Приштина насочени кон поствоените политички водства ја навестуваат смената на генерациските политики на лажни ветувања и враќање на автохтоно читање на реалните приоритети на граѓаните. Новата генерација не наоѓа ниту почит ниту верба во поствоените команданти седнати во скапи владини автомобили, туку се свртуваат и врснички се соживуваат со младите приштинци пред полициските кордони. Кои соборувајќи го ректорот на Универзитетот во Приштина го најавија походот на соборување на власта и делигитимација на корумпираните ликови од власта и од опозицијата.

Затоа и повикот на г. Мендух Тачи упатен кон г. Ахмети за градење консензуална албанска политика не наидува на голем одѕив помеѓу Албанците, и покрај тоа што се свесни дека тој повик доаѓа како изнуден одговор на тажно, јадно прикриената кооперативност на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, базирана врз премолчена македонска солидарност за зачувување на етничкиот примат. Предоцна и премалку се повиците на обединета албанска политика (интеграции, буџет, концесуални ставови) кои не вклучуваат расчистување и борба со корупцијата и криминалот во самите партии на Тачи и Ахмети. А токму бесот и незадоволството поради корупцијата, криминалот, етничката и интраетничка нерамноправност се обединувачкиот фактор што ги тревожи Албанците денес. При што самите господа и дами од ДУИ и од ДПА беа и се’ уште се клучниот фактор на поделби и раздор. Би било многу пополезно доколку челниците на двете партии час поскоро разберат дека религиозната слепа верба во партиските иконокласти веќе отстапува пред налетот на верници во духот на рамноправноста на правата и можностите.

Болната двојна дискриминација на која се изложени Албанците во Македонија, секако, помага на нивно забрзано и потемелно политичко созревање, дополнително поттикнато од развојот на настаните во Тирана и во Приштина. Тој интроспективен процес на соочување со реалноста допрва ќе треба да започне кај Македонците, досега навикнати на улогата на доминација и економски суфицит преку експлоатација на немакедонците и „провинциските“ Македонци. Сегашните пофалби и поддршки од Ховити, Кукани и рестото на евроатлантски „употребливи идиоти“, сепак, се прекратко ќебенце за покривање на прокрустовата постела на која се имаат испружено г. Груевски и г. Мијалков. Доцнењето во соочувањето со последиците на етнополитичката исклучивост и игнорирањето на пазарната реалност на теренот, секако, ќе родат еднакво болни искуства и трауми. На крај, како и секој друг „митски“ народ во регионот, и Македонците допрва ќе треба низ сиромаштијата да се соочат со својата реална, смртничка обичност и неексцепцијалност. И, исто како и другите, да разберат дека токму во таквата благословена обичност и неексцепцијалност лежи спасението.

Извор УТРИНСКИ 

Оставете коментар