Фудбалскиот турнир „Вуко Каров“ ќе се оддржи, повелете

После неколкугодишните притисоци од спортската и фудбалска кавадаречка јавност, турнирот “Вуко Каров” повторно се враќа на градскиот фудбалски стадион во Кавадарци. Тригодишниот фудбалски пост и апстиненција околу овој фудбалски турнир полека привршуваат (најверојатно).

Оваа година во рамките на турнирот свое учество ќе земат екипите на Победа од Прилеп, Хоризонт Турново и домаќинот Тиквеш 2014. Ова ќе биде шеснаесеттото издание на овој турнир. Натпреварите ќе се одиграат во скратен формат и по италијански систем.

Турнирот е закажан за во недела, 15 февруари а официјално ќе биде отворен во 12 часот. Веднаш по свеченото отварање следува натпреварот помеѓу Тиквеш 2014 и Победа. Потоа следуваат натпреварите помеѓу Хоризонт Турново – Победа и Тиквеш 2014 – Хоризонт Турново. На крајот следува и прогласување и на најдобрите.

Пред почетокот на турнирот, во 10 часот и 15 минути ќе се положи свежо цвеќе на вечното почивалиште на Вуко Каров на градските гробишта во Кавадарци.

Повелете на фудбал. Кавадарци го заслужува тоа!!!

Оставете коментар