ЦРМ: „Фокус“ и „Мојот град“ настрадаа од злоупотреба на Законот за навреда и клевета

Казната за уредникот и за новинарот на неделникот „Фокус“, по тужба на шефот на Управата за безбедност и контраразузнавање, како и тужбата за клевета на општина Кавадарци против порталот „Мојот град“, претставуваат потврда на ставовот на Центарот за развој на медиуми (ЦРМ) дека Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета ќе биде злоупотребуван за замолчување на критичките медиуми и новинари во државата, се вели во писмената реакција од ЦРМ.

Последните случаи, велат од Центарот за развој на медиуми, покажуваат дека во Македонија се воспоставува судска пракса која е во спротивност со праксата на Европскиот суд за човекови права и со меѓународните принципи за заштита на слободата на изразување за законите што се однесуваат на заштита на репутацијата (честа и угледот).

„Сметаме дека новинарите и медиумите не треба да бидат повикувани на одговорност за пренесување изјави од други лица особено кога е тоа од јавен интерес, заради фактот што ова претставува елементарен дел на професионалното новинарско работење. Едновремено, судовите не смеат да го игнорираат фактот дека носителите на јавни функции подлежат на јавна критика поголема од обичните граѓани. Јавните институции, вклучително и локалните самоуправи, пак, според меѓународните принципи, не смеат да имаат право да тужат за заштита на честа и угледот особено ако медиумот/новинарот објавувал факти кои се однесуваат на прашања од јавен интерес и постапувал во согласност со стандардите на новинарската професија.Изречените надоместоци за нематеријална штета сметаме дека се непримерено високи, дека претставуваат директен притисок врз новинарите, и дека дополнително ги загрозуваат слободата на медиумите и слободата на изразување.На крајот, апелираме, судовите и судиите да ја применуваат праксата на Европскиот суд за човекови права, да работат самостојно и независно, и да не бидат соучесници во обидите за замолчување на критичкото јавно мислење во Македонија“, се нагласува во соопштението до медиумите од ЦРМ.

Извор Плусинфо

Оставете коментар