ФК Тиквеш + ФК Вардар = 5000 публика

Екипите на Тиквеш од Кавадарци и Вардар од Неготино го одиграа третолигашкото фудбалско тиквешко дерби кое иако се одигра во рамките на натпреварување од понизок ранк сепак бројката од 5.000 публика покажа симболика дека на голем број граѓани фудбалот каков-таков, им лежи на срце. Трибините од Првата македонска фудбалска лига едноставно може да подзавидат на вчерашниот настан во Кавадарци!

Конечен резултат 1:2 за гостите од Неготино. Покрај големата присутност, во центарот на вниманието беа и двете навивачки групи на тимовите, „Винари“ и „Лозари“. Си разменија неколку “топли поздрави” преку навивачките песни,  карактеристични за ова поднебје.

Груба и нервозна игра од двете страни со многу жолти и црвени картони. По еден црвен за двете екипи. Гостите од Неготино први дојдоа до предноста преку погодокот на Чаушев од слободен удар. Тимот на ФК Вардар пропушти две одлични шанси за погодок, но на полувреме Тиквеш изедначи со одличен погодок, а домаќините не успеаа да реализираат и пенал по првите 45 минути. Голманот Соколов беше на висината на задачата.

Во вториот дел гостите стигнаа повторно до предност преку Чаушев, оваа  предност остана до самиот крај на дуелот. До крајот домаќинот остана со играч помалку откако Игор Лазаров, дефанзивецот на Тиквеш поради неспортски потег заработи црвен картон. Малку подоцна судијата додели црвен картон за гостите со што се израмнија силите на теренот.

Што се однесува до ситуацијата настрана од резултатот, терен претежок за игра. Организаторот не планирал врнежливо време па затоа наместа имаше поголеми вирови вода, а наместа и повисока трева. Влезот беше бесплатен а публиката можеше да бира од кој од седумте влезови сака да влезе на стадионот. Најмногу сообраќај имаше на оние кои самите се формирале со распаѓањето на зидовите. Трибините во процес на распаѓање, печурки и трње до колена. Канта за отпадок ни за лек.

Публиката од помалата трибина беше во стоечки став од причина што таму нема ниедно столче а теренот е претворен во пасиште за кози. Вип ложата беше подготвена во своето најспектакуларно руво: одрони од камења, чат-пат распаднати столчиња. Се очекуваше присуство на градоначалникот и неговите соработници од кабинетот. Но залудно. Тој не дојде.

[gallery_bank type=”images” format=”masonry” title=”false” desc=”false” responsive=”true” display=”all” sort_by=”random” special_effect=”” animation_effect=”” album_title=”true” album_id=”1″]

Оставете коментар