„Егзит 2017 – Поврзување на континентот“ изложба на уметници од Јужна Кореја

„Егзит 2017 – Поврзување на континентот“ е  насловот на последната изложба на уметничката група “Егзит” од Јужна Кореја, која ќе биде отворена во понеделник, на 13 март 2017 во 19 часот, во Галеријата при Домот на култура „Иван Мазов-Климе“, Кавадарци.

На изложбата ќе бидат претставени дела од следните автори: Гиљце Цонг, Донграк Сон, Иксонг Џин, Инсук Риу, Јунтек Са, Кјусан Ли, Лој Ким, Миџонг Ли, Сангу Хан, Санјонг Ли, Чанглим Ли и Џијан Мун.

Делата од овие автори, македонската публика имаше можност да ги види во текот на месец август 2016 во Националната галерија на Македонија, во објектот Мала станица, заедно со делата на повеќе македонски автори, кои беа дел од изложбата …„Патување“.

„Едно од клучните филозофски прашања, прашањето за постоењето, ги проткајува делата на членовите на групата Егзит. Авторите зборуваат за теми поврзани со домот, семејството, животната средина, меѓучовечките односи, детството, желбите, соништата, сето она што ги опкружува, го обликува нивниот поглед и ги тера на размислување. Делата се работени во различни техники, како слика, графика, цртеж, дигитален принт, скулптура, инсталација и т.н., а она што ги прави визуелно впечатливи е истакнатиот црно-бел контраст или несекојдневно живиот колорит како и специфичните материјали од кои се изработени. “ –Маја Кировска

Организатор на изложбата е Маја Кировска, во соработка со Домот на култура „Иван Мазов-Климе“, Кавадарци.