“Кошаркарските терени се за спорт и рекреација, а не за “узурпација””- дебата која испровоцира конструктивна дискусија

Оваа дебата беше организирана од страна на здружението на граѓани “Проект-ЕУ” од Кавадарци. Целта на оваа отворена дебата беше да се продискутира и да се дадат можни решенија кои се наметнуваат поради недостапноста и делумната руинираност на кошаркарските терени при спортската сала “Јасмин” во Кавадарци, кое решение би било еднакво добро како за терените и граѓаните така и за автошколите.

Беа присутни претставници од повеќе засегнати страни како советници од Советот на Општина Кавадарци, Директорот на ЈП “Јасмин” кое располага со кошаркарските терени, претставници на граѓански здруженија од Кавадарци, граѓански активисти, претставник од авто – школите од Кавадарци како и претставник од навивачката група “Лозари” од Кавадарци.

Дебатата започна со воведно излагање на претседатателот на здружението “Проект-ЕУ”, Кире Бебеџаков , кој воедно и ја модерираше оваа дебата. Во најавата тој испровоцира и поттикна неколку прашања и проблеми кои би требало да се решат како терените повторно би профункционирале како некогаш.  

Дебатата ја отвори директорот на ЈП “Јасмин”, Сашко Атанасов, кој нагласи дека првичната намена на кошаркарските терени е паркинг простор за потребите на спортската сала како и на Градскиот базен. Според него автошколите не би требало да претставуваат проблем поради тоа што истите имаат договор за користење на терените до 18.00 часот, така што оние кои сакаат да ги користат терените може слободно да го прават тоа после 18.00 часот. Исто така тој потенцира дека кошевите се реновираат секоја година, освен оваа поради организацијата на европското младинско кошаркарско првенство а и поради намалениот интерес и слабата посетеност на овие игралишта. 

Звонко Каров, поранешен пратеник и граѓански активист порача дека треба да се помогне и на автошколите и да се изнајде решение, односно да се изгради пологон кој тие би го користеле без да ги узурпираат терените наменети за спорт и рекреација. Тој потенцира дека треба да се има цврст став и да не се отстапува од кошаркарските терени како такви, без истите да се пренаменуваат за други цели како привремени решенија. 

Збор земаа и советниците во Советот на Општина Кавадарци. Советникот Горан Белевски напомена дека треба да се разгледаат сите можности за да се најде трајно решение за автошколите а со тоа би се решил и проблемот со кошаркарските терени и нивната намена. Според советникот Сашко Петров можно решение е да се изгради полигон на локацијата која е во сопственост на средното индустриско училиште во градот, за што пред неколку години се разговарало, но проектот никогаш не стигнал до крајна фаза. Тој исто така даде идеја да се постави информативна табла за оние кои сакаат да ги користат кошаркарските терени дека тоа слободно може да го прават после 18.00 часот. 

За советникот Ташо Радњански намената на спортската сала “Јасмин” треба да остане како што е дефинирана затоа што таа е најголемото и најдобро обележје на град Кавадарци. Тој објасни дека како директор на средното индустриско училиште изготвиле предлог за изградба на полигон на терените на училиштето кој би го користеле автошколите и каде секој средношколец – матурант би можел да добие бесплатна обука и полагање на возачки испит, но истиот предлог никогаш не бил реализиран. 

 

Советникот Блаже Тасев пак праша дали навистина автошколите се проблем за непосетеноста на кошаркарските терени. Според него луѓето едноставно престанале да ја користат таа локација без разлика дали таму функционираат автошколите или не. Тој исто така нагласи дека Општина Кавадарци нема должност и обврска да изгради полигон за автошколите и дека според законот за една автошкола да постои и делува како таква мора да поседува свој полигон или да има склучено договор за користење. 

Претставникот на навивачката група “Лозари”, Орданче Бошковски, истакна уште еден проблем кој треба да се реши и тоа е негрижата за просторот околу спортскиот центар Јасмин како целина, потребата да се уредат и одржуваат зелените површини и неопходноста да се санираат оштетените делови од кошаркарските терени. 

Граѓанскиот активист Лазар Ставров постави две идеи како можни решенија за проблемот. За него едно решение би било ако веќе кошаркарските терени се пренаменети во полигон за автошколите тогаш терените комплетно да се отфрлат за рекреативно користење.Другото решение секако би било изградба на полигон. 

Единствениот претставник од автошколите, Лазар Ѓорчев, како сопственик на авто школа “Безбедност” ја истакна потребата за изградба на полигон и потврди дека привременото решение со користење на кошаркарските терени не треба да биде трајно. Тој исто така ја истакна и идеата од комплетно менување на законот со што полигонската обука според него треба да се исфрли затоа што идните возачи се концентрираат само на истата без да имаат било какво искуство со обука во град или на автопат. 

Дебатата беше крајно конструктивна и на “ниво”. Неполни два часа дискутантите сите до еден наетнуваа идеи и предлози за решавање на овој горлив проблем.Штета што градоначалникот на општина Кавадарци не беше присутен на оваа дебата (беше уредно поканет) и да каже збор-два за моменталната ситуација.Можеби ќе присуствува во некоја друга прилика од причина што оваа дебата е само една епизода од серијалот кој ќе се одвива се до моментот додека не се изнајде решение со кое ќе бидат задоволни сите страни.Пред се, граѓаните од општина Кавадарци. 

Оставете коментар