Дали Кавадарци го заборави Љупчо Шкартов?

Рано се вклучува во редовите на напредното младинско движење. Во 1941 година станува член на скоевската група во гимназијата, а во есента 1942 година тој е еден од основачите на Народноослободителниот младински сојуз на Македонија за Кавадарци. По апсењето на неговиот брат Тошо во јули 1943 година, со печатарската техника извесно време работи Љупчо Шкартов. Во декември 1943 година излегува во партизани во Втората македонска ударна бригада. Во ноември 1944 година со формирањето на НОО за Кавадарци Љупчо е избран за прочелник на одделот за пропаганда и култура, овој одбор имал 13 члена.Во пролетта 1945 година бил поставен за секретар на НОО за Кавадарци. Од 1947 до 1948 година бил јавен обвинител за Тиквешка околија, а во 1948 година е назначен за еферент по идеолошка работа при Агит – проп на ЦК на КПМ во Скопје. Со пуштањето во работа на дрвноиндустрискиот комбинат Страшо Пинџур поставен е за негов прв директор.

Во 1963 година бил претседател на Собранието на општина Кавадарци, а во 1964 година секретар на ОК на КПМ во Титов Велес. Во 1967 година е назначен за директор на претпријатието за производство на феро – никел ФЕНИ. Од 1970 до 1974 година бил делегат во Собранието на Р. Македонија, претседател на кадровата комисија на Соборот, член на Советот на Р. Македонија од 1975 до распадот на Југославија. Умира во Кавадарци на 16 јули 2002 година.

Малкумина од нас знаат дека Градскиот Парк во Кавадарци го носи неговото име. Денес на денот на неговата смрт семејството сеуште нема обележје каде би положило букет свежи цвеќина во спомен на својот дедо. Иако градскиот парк го носи неговото име без никаква иницијатива ниту пак знаење на семејството веќе една година, и покрај ветувањата од страна на Општина Кавадарци ние и денес не видовме ништо што би потврдило дека Градскиот Парк “Љупчо Шкартов” го носи духот на човекот кој се борел за нашиот град.

Скромно се одбележа 12 – годишнината од неговата смрт. Поразговаравме со неговата внука Маја Шкартова која беше единствената, незнаејќи каде да го положи цвеќето, со него го посла централниот дел од паркот во знак на протест. Разговаравме за дедо и, за неговите визии за нашето Кавадарци за неговата последна желба да се означат сите побитни згради во градот со нивнoто ‘потекло’ – архитектонско и историско. 

Желбата на семејството и нашиот апел е да се изработи скромно обележје во градскиот парк за човекот чие име го носи, за да во иднина има место каде би се присетувале оние кои сакаат да го направат тоа. Неговата внука порачува дека ако веќе тоа не може да влези во ниту еден план на нашата Општина, тогаш треба да се преименува паркот и да се тргне името на дедо и.
 

 

Оставете коментар