Дали Америка нѐ отпиша?

По говорот на Пол Волерс, дебатата тргна во сите можни правци и секој се почувствува засегнат нешто да каже. Арсим Зеколи беше еден од ретките кој го постави најтешкото прашање: зошто Америка го поддржува режимот во Македонија? Зошто светилникот на слободата и на демократијата не испраќа зраци на светлина на овој дел од Балканот? Зошто Вашингтон го толерира Груевски? Дали е тоа резултат на процената дека слаби држави со силни етнички расцепи, кои, меѓу другото, доживеале и оружен судир, е подобро да бидат раководени од радикали и од екстремни националисти? Дали позицијата која беше промотор на либералните вредности е оставена на цедило? И, конечно, до кога ова ќе трае? Можен ли е пресврт?

За да се одговори на овие прашања, потребно е да се внесе уште еден елемент кој недостига во анализата на Зеколи. А, тоа се интересите. Сѐ додека се заборава дека државите, а Соединетите Американски Држави особено, се раководат еднакво од два референцијални столба, вредностите и интересите, кои се проникнуваат и се посредуваат, невозможно е да се направи сериозна анализа, а уште помалку можат да се даваат издржани процени. Либералната јавност во Македонија мора ова да го има предвид, бидејќи, еден подолг временски период, стана јасно дека инсистирањето на вредносната матрица, која дури и кога ќе доживее глобална дифузија, не дава ни приближно онолку ефекти колку што се мислеше.

Нормално, не сакам да бидам разбран дека одбраната на слободата и на демократијата, во држави каква што е Македонија е сизифовска работа или, пак, дека критичката и либералната јавност е загубена во преводот, дека е осудена само да морализира и да верува дека ова зло мора да се победи. Напротив, критичката јавност треба да продолжи со она што со голема мака сака да го докаже: дека зад сегашната политичка практика се гледа една опасна идеологија која го храни овој режим и дека задача на секој интелектуалец е да ги брани одважно и доследно вредностите на слободата и на демократијата. Но, по речиси осум години живеење под режим, треба да знаеме дека ни недостигаат уште две работи: прво, реална процена за интересите на големите меѓународни играчи и, второ, недостига еден нов élan vital, една силна волја која ќе означи дека ослободувањето ќе биде дело на нас самите. Ако мислиме дека Америка и Европа ќе нѐ спасат од Груевски, тогаш ќе се изначекаме!

Јас сум убеден дека Вашингтон не може да го смисли Груевски. Впрочем, таков е ставот и на Брисел, Лондон, Париз и на Берлин во однос на малото и смешно диктаторче од Балканот, кое продава евтин национализам и се обидува да се шалта кај незападните економски и политички џинови, какви што се Кина, Индија или Русија. Груевски е заморен, досаден, штетен, ама уште не е проценет како опасен. Зошто е тоа така? Па, да кажеме дека големите и моќните тешко се покренуваат кога се во прашање мали и сиромашни земји. Потоа, и Америка и Европа чувствуваат една замореност од Балканот, кој беше речиси една деценија во фокусот на овие центри на моќ.

Сето ова му одеше во прилог на Груевски и тој го користи тоа максимално. Во меѓувреме, Груевски стана „реален фактор“ и тоа по две основи: прво, доминира со политичкиот простор, и второ, што е уште позначајно, тој веќе ги инкарнира вредностите и ставовите на упросечениот Македонец. Во овие две децении, Запад доби две слики за Македонија: првата беше онаа на Глигоров и на Црвенковски, кога се обидувавме да оставиме впечаток на најголеми Европејци меѓу Балканците, и оваа постојната на Груевски, кога сме први во докажувањето дека е за нас важен само Балканот. Се разбира, последната слика се смета за поавтентична и за поверодостојна.

Едноставен одговор на прашањето – дали Америка нѐ отпиша? – бездруго, не постои. Но, ако веќе мора да се понуди некој одговор – би рекол: не. Како што сега стојат работите, Американците и Европејците се фокусирани на три нешта: да се одржи мирот, да се развива консоцијацијата и борбата на елитите во услови на режим да не се изроди во крвава пресметка. Навидум, ова е малку и е недоволно. Можеби е така. Но, за нешто повеќе, контрибутори ќе треба да се најдат кај нас самите – граѓаните на Република Македонија.

Недостига вистински активитет и недостигаат дела. Тоа е нашиот проблем.

Оставете коментар