Да се биде весел во очајни времиња е нужност

Книгата „Фројдовска читанка – рана психоанализа (1893-1899)“ што деновиве ќе излезе од печат во издание на „Култура“ е своевиден подвиг на авторката Јасна Котеска, во кој таа се обидува да се наврати на почетоците на психоанализата како клучен момент за разбирањето на Фројд, чие дело многу повеќе го познаваме од интерпретациите отколку од автентичните текстови. Со оваа книга на презривото прашање зошто Фројд сега, Котеска одговара едноставно: „Затоа што Фројд е неприкосновен стожер без кој не може да се разбере современата цивилизација и затоа што и 21 век е сѐ уште век на Фројд“. Котеска предава на Катедрата за македонска книжевност на Филолошкиот факултет и на Институтот за родови студии на Филозофскиот факултет во Скопје. Авторка е на книгите: „Постмодернистички литературни студии“, „Македонско женско писмо“, „Санитарна енигма“ и „Комунистичка интима“.

Хенри Милер во една пригода ќе каже дека вистински ученик е оној што прв ќе ја искриви вистината. Дали во оваа читанка се определивте за догматично толкување на раниот Фројд или за креативно читање?

-Хуманистите денес го читаат Фројд главно преку Жижек, или Лакан, или Кристева, авторите на најкреативните апликации на Фројд од позиција на радикални, шармантни, лудистички и невротични синови и ќерки. Сите овие автори негуваат отворен презир кон догматските и идолопоклонички хуманисти што го доминираа фројдизмот помеѓу 1900-тите и 1960-тите години. Но јас сум архивски тип, по вокација сум филолог и не ме мрзеше да копам низ подзастарена литература за да видам што има во догматскиот фројдизам. На мое изненадување, открив дека во тој застарен корпус има критични сознанија, клучни за разбирањето на раниот фројдизам, што сосема исчезнуваат во новиот фројдизам. Најкратко, се обидов да го доближам историскиот Фројд, така како што зборувал и звучел во своето историско време.

Првичната замисла на оваа читанка била да се состави зборник на стожерни текстови од Фројд, Лакан, Јунг, Кристева, Жижек. Како дојде до тоа конечната верзија да се сведе исклучиво на Фројд? 

– Верувам дека сега ни треба токму Фројд. Со години живееме во лична, но и колективна, национална хистерија, па Фројд е нужна референца за да се разбереме себеси. Заедно со Дарвин, Ајнштајн и со Маркс, Фројд е неприкосновен стожер на современата општествена мисла, автор без кој не може да се разбере современата цивилизација. Со години велам дека како нација ни треба масовна психоанализа, но за таа да се случи потребни ни се соодветни алатки, а основната алатка e учењето на Фројд. Многу луѓе велат поважен е Јунг, поважен е Вилхелм Рајх, поважна е Мелани Клајн. Секако дека се важни, но нивните теории се изведени од Фројдовата. 

Што ги поврзува различните толкувачи на Фројд?

-Она што ги врзува овие психоаналитичари е дека се ревизија на основното учење на Фројд. Затоа сметав дека како култура треба да започнеме од почетокот, а на тој почеток стои Фројд. Кога добив повик да составам психоаналитички зборник, сфатив дека сите книги со кои работам се на англиски и дека сѐ уште го немаме ни асолно преведено и објавено Фројд за воопшто да размислуваме за негово надградување со поновите школи на психоанализата. Поради обемноста, познавањето на Фројд честопати се сведува на издавањето џебни книги што се продаваат во супермаркетите до полиците со шунки и смоки. Бидејќи мислата на Фројд се развива и се разгранува хронолошки, денес е воспоставено правилото тој да се објавува хронолошки и со критички толкувања. Ова издание го работевме според германските изданија на „Фишер“ и „Зуркамп“, а селекцијата на текстовите ја правевме според најреферентното издание во светот, 24-томното „Стандардно издание на Фројд“ во превод на англиски јазик на Џејмс Стречи. Во моментов го извадивме првиот том, во кој се преведени и толкувани најраните студии на Фројд, досега необјавени на другите јужнословенски јазици. Преводите се на Марија Костоска и на Ива Фиданчева, кои први во регионов ја воспоставија словенската терминологија за раниот Фројд.

Што се смени засекогаш со појавата на психоанализата како драматичен момент во хуманистиката?

-Фројд е првиот современ мислител што објасни дека човекот не владее самиот со себеси. По демонстрацијата на Коперник дека не сме центар на универзумот, и на Дарвин дека луѓето се само дел од еволуцијата на живот свет, Фројд е третата инстанца во линијата понижувања на човекот. Врз обемен клинички материјал Фројд покажа дека „егото не е домаќин во својата куќа“ и дека со нашите животи владее сила што не ја владееме, а името на таа сила е – несвесното. Отпорот кон Фројд, и некогаш и денес, не се должи толку на неговото инсистирање на сексуалноста колку на фактот што го развласти човекот од просветителската идеја дека е разумно, свесно битие.

Како по правило името на Фројд се врзува со поимите на човековата сексуалност. Која е неговата најголема заслуга како психоаналитичар?

-Современата цивилизација го претвори Фројд во циркус, кој одлично поминува дури и во најлошите години на Холивуд. Доколку би бил жив денес, Фројд би бил изваден од памет како е толкуван. Единствениот човек што го сметал за свој учител бил францускиот патолог Шарко, прв голем европски авторитет за хистеријата. Тој во медицинските амфитеатри на париската клиника „Сал-Петриер“ ги прикажувал женските хистерици во нешто слично на фрик-шоу. Од хистеријата создал сексуален перформанс со јасни еротски елементи. Женското тело во хистеричен пад било покажувано, изложувано, но и – немо. Овој чин на сексуализирање на болното, но истовремено и привлечно тело на крајот на 19 век на пациентките на Шарко им донесе статус на театарски ѕвезди и тие станаа најомилените пријателки на реалистите. Шарко бил доктор на спектаклот и за него хистеричарките биле едвај изложбен експонат, кои ниту биле прашани за нешто ниту, пак, им било дозволено да зборуваат во свое име.
Кога Фројд почнува да работи со невротичарите, тој настапува од сосема поинакви позиции. Го спасува невротикот од сиот тој визуелен циркус и својата ординација ја инсталира како аскетско место, а самиот секогаш седнувал зад каучот и потоа започнувал внимателно да го слуша пациентот. За разлика од Шарко, кој создал методологија за проучување на човечката психа базирана на окото, Фројд обратно го повластил – увото!
Фројд упорно ја игнорирал филмската уметност и парадокс е што самиот заврши како главна алатка на холивудската индустрија, каде што постои и стручен термин што сценаристите го употребуваат кога протагонистот го „опремуваат“ со фројдовската траума од детството. Името за тој сценски термин е „заднинска рана“, која служи како мотивација за сѐ што прави ликот. Фројд би бил вчудовиден од ова банализирање на траумите, кои денес станаа дел од генералниот сензационализам и на филмовите, но и на луѓето. Тој никогаш не сакал да работи со сексуалноста. Кога од првите клинички материјали добива увид дека зад еден дел од неврозите се крие некаква тајна, самиот не бил задоволен од објаснувањето и упорно барал други причини за неврозите (од наследни па до културни). Колку што раниот Фројд бил несигурен од мистиката и од метафизиката, исто толку бил несигурен и од сексуалноста. Тој одбил да го користи терминот „нагон“ и оперирал само со поимот „потреба“ – толку била голема неговата желба да се дистанцира од биолошките основи на човекот. 

Во центарот на неговиот интерес е човековата душа, феномен што во почетокот на 21 век е на маргините. Луѓето повеќе да се интересираат за најновите технолошки гаџети отколку за сопствената душа. Дали технологијата ја исклучува душата?

-Еден од култните филмови на 20 век, „Блејд ранер“, го постави токму прашањето за иднината на врските помеѓу душата и технологијата и финалниот одговор на филмот гласеше дека технологијата не ја исклучува душата. Ова, парадоксално, е и ставот на Фројд. Во 1929 г. Фројд се враќа во Германија за да му ја заменат протезата што му била вградена поради ракот на грлото. Протезата била огромна, нешто како зголемено забало, било ужас да се гледа во неа, а луѓето ја нарекувале „чудовиштето“. Со ваков ортопедски додаток во устата, Фројд се обидува да одговори на прашањето каква ќе биде иднината на човекот, дали човек ќе ја изгуби душата. И одговара дека идниот величествен човек ќе биде некаква варијанта на „протетички Бог“, кога ќе ги стави на себе сите свои помошни органи, дури тогаш ќе стане навистина величествен. Ова е раната Фројдова антиципација на светот што доаѓа и Фројд вели дека ќе го посведочиме приближувањето на органското до протетичкото. Но Фројд не бил циник ниту наивен мислител, неговата дијагноза гласи дека иднината на човештвото ќе биде во претворањето на човештвото во ѕвездена сила, во етичка формација што ќе го истражува просторот и ќе го хуманизира космосот. Единствената можност тоа да се случи ќе биде ако човек допушти душата да остане составен дел од технологијата, ако не и нејзината суштина.

Како со фројдовски јазик би го опишале моментот што го живееме – агресија, страв, стеснување на видиците, мегаломанија?

-Се разденивме во инфантилен свет со кој владее рекламократијата, која ги претвори сите луѓе во една единствена генерација инфантилни деца од 7 до 77 години. Одговорноста за оваа инфантилизација не е на Фројд, туку на неговиот внук Едвард Бернајс, син на неговата сестра Ана. Веднаш по емигрирањето во Америка, Бернајс почнува да ја гради својата доктрина на пропагандата, да ја комбинира Фројдовата психоанализа со психологијата на масите за да ја изведе централната теза дека манипулацијата со јавното мнение е суштината на демократијата. Операцијата на Бернајс доведе до еден од најмонструозните процеси на современото општество: убедувањето дека луѓето го посакуваат она што до вчера не ни знаеле дека постои!
Фројд, пак, е производ на крајот на 19 век, кога семејниот живот во Европа е релативно автономен и здравјето на децата зависи од затворениот семеен круг. Но детството какво што го познавал Фројд, ние веќе не го знаеме. Врз децата денес влијаат многу фактори надвор од семејните односи: масовните форми на школството, здравството, забавата, потрошувачката, мас-медиумите и пропагандата, кои не само што го еродираа семејството туку доведоа и до целосен колапс на родителските улоги и неможност да се разликуваат доброто од злото. Тоа доведе до нарцисоиден инфантилизам на цели генерации, кои иако одбиваат да пораснат, се експлоатирани од апстрактната бирократска машинерија. Денес веќе не зборуваме за биолошкиот, садистички татко во фројдовска смисла, туку зборуваме за функцијата што ја нарекуваме „име на таткото“, како знак дека целото општество стана „патер фамилијас“ што го напаѓа детето со контрадикторните побарувања: истовремено и да ужива, но и да го ограничува своето уживање – перверзна мешаница од Фројдовите постулати. Нашата цивилизација ги пренесе траумите од семејниот терен во домените на апстрактната бирократија, шизоидната потрошувачка и тоталитарното политичко радикализирање на 20 и 21 век.

Поминаа неколку години од објавувањето на „Комунистичка интима“, во која се навраќате на детството и голготата на вашиот татко Јован Котески. Паралелно течеше и болниот процес на лустрација. Зацелени ли се раните?

– Не верувам дека може да зацелат раните на едни луѓе ако истовремено се отвораат рани кај други. Уште во декември 2005 година, кога првпат јавно прозборев за приказната за татко ми, во истиот текст предупредив дека ќе биде погрешно ако сведоштвата на траумите ги преземе некоја недопирлива и невидлива инстанца, какви што се владините комисии за лустрација. Така поставените комисии никому нема да му помогнат. Нема лекување од траумата ако некогаш ранетите сега бидат воздигнати, а некогаш воздигнатите сега бидат ранети. Историјата е голема илузија, и таа замена на ролјите не само што е привремено решение туку придонесува за разединување на луѓето и не гарантира мир на долги патеки. Мирот е интимна категорија и до него не се стигнува со државни протоколи. Речиси цела деценија зборувам за потребата од целосно декласирање на сите досиеја од комунизмот, нивно ставање во јавен домен, а потоа кој сака нека се занимава со нив, но без нивно ставање под државна капа. Не може државата да ви биде и градител и историчар и психијатар, и сите тие работи одеднаш. Така поставената држава, набрзо и самата ќе има потреба од психијатар.
По игра на судбината, како ќерка на татко ми, посведочив тоталитарен криминал, големо молчење за тој криминал и во еден момент одлучив јавно да прозборам за сето тоа. Таа приказна ја туркав сама, како осамен јавач во прерија, без поддршка од ниедна политичка структура и од никого навистина, но тоа беше и е само мојот избор. Имав среќа македонското општество да биде доволно созреано за да ја слушне мојата нарација, и за мене тоа е доволно.
Државното соочување со комунистичкото минато кај нас дојде премногу доцна за да очекуваме државен бекап, оти тој бекап дојден олку доцна не само што ќе ги руинира сведоштвата на оние што ја преживеале траумата туку ќе отвори простор за нови трауми. Верувам дека најголемиот гест на помирување што сегашната македонска држава би можела да го направи е да се извини за криминалот направен во име на претходната македонска влада. Тоа истовремено би значело и продолжување на континуитетот на македонската државност и одбивање да се произведуваат нови серии непријатели, но и покажување доверба дека македонските граѓани имаат сила самите да најдат механизми заемно да се помират. А дури и ако не се помират во сите случаи – и тоа е сосема нормална и здрава форма на постоење.

Како човек и научник ве карактеризира жив, искрив, младешки дух, кој се наѕира и во вашите книги. Како успеавте да го зачувате низ годините?
– Не знам. Верувам дека, всушност, манифестно ми недостига смисла за хумор. Но сепак верувам и дека ведроста е речиси прашање на егзистенцијална обврска. Да се биде весел во очајни времиња е нужност. Не во смисла на Буда, кој е весел затоа што е слободен – тоа е лесно, тоа е религиозниот хумор. Туку во смисла дека тагата е безизгледна. Моето сфаќање на улогата на човекот во денешниот свет е дека човек има обврска да не биде тажен. 

извор: новамакедонија

Leave a Reply