АНАЛИЗА: ПРОТИВЗАКОНСКО СЛЕДЕЊЕ НА КОМУНИКАЦИИ

Во врска со последните политички случувања поврзани со обелоденување на противзаконско прислушување и наводна шпионажа и насилство врз претставници на највисоките државни органи, од страна на МВР насловено како акција „Пуч“, а од страна на СДСМ како Проект „Вистината за Македонија“, се отвора едно клучно прашања:Дали објавените прислушувани разговори се резултат на активност на странски или домашни разузнавачки служби?

1. Странски разузнавачкислужби

Во практиката на безбедносните и разузнавачките служби, од интерес на оваа анализа, следењето на телефонските комуникации може да се подели на две групи – со приклучување и поддршка на телефонскиот оператор кој ја дава телекомуникациската услуга, и без негово знаење и поддршка. Следењето на содржината на телекомуникациите од страна на странски разузнавачки служби без знаење и поддршка на операторот е можно, но е просторно ограничено, односно може да биде применето само на одредена фиксна локација.

Доколку земеме предвид дека тврдењата на Зоран Заев се однесуваат на следење на комуникациите на повеќе од 20.000 граѓани, на целата територија на државата, тогаш треба да бидат физички покриени безмалку сите базни станици, или пак, со насочена опрема да биде покриена целата територија на државата. Тешко е да се замисли дека овој напор на која било служба, а посебно странска би останал незабележан од граѓаните и од домашните безбедносни служби во период од четири години, колку што според Заев биле следени комуникациите на граѓаните. Поради ваквите оперативни пречки, оваа теорија е малку веројатна.

Следната теорија е дека следењето на комуникациите било направено со приклучување на мрежата на домашните телефонски оператори. Секој телефонски оператор располага со соодветни мерки на заштита, за да може да им гарантира безбедност на комуникациите на своите корисници. Ваквата заштита не ја исклучува можноста од нелегален упад во мрежата, од страна на надворешен субјект, но тоа практично е невозможно да трае толку долго време и врз толку голем број субјекти. Прво, следењето на комуникациите на повеќе од 20.000корисници значително ја зголемува електричната потрошувачка на операторите,бидејќи комуникацијата се доставува и до трета страна што не може да останене незабележано од операторот.

Документите што ги објави Едвард Сноуден содржат информации за методологијата на масовно следење на комуникации на Агенцијата за национална безбедност на САД (NSA). Според нив, меѓународното следење е можно преку прикачување на каблите кои глобално ги поврзуваат мобилните мрежи. На овој начин може да следат единствено мета податоци (податоци за локацијата, траењето на разговорот, телефонскиот број на соговорниците и др.), но не и содржината на комуникациите. За оваа намена НСА ја има основано програмата РАМПАРТ-А. Република Македонија е една од триесет и трите држави која има склучено таен договор со САД за вклученост во оваа програма и се јавува како држава- партнер, која на територија на Република Македонија активностите ги спроведува главно независно. Ако се земе предвид дека следењето на содржината на комуникациите бара многу повеќе време, средства и персонал, се поставува прашањето кои би биле интересите на странските служби да следат телефонски комуникации на повеќе од 20.000 македонски граѓани во толку долг временски период?

2. Домашни безбедносни служби

Според чл.175 од Законот за електронските комуникации (ЗЕК),операторите се должни да ги обезбедат сите неопходни технички услови за да овозможат следење на комуникациите во нивните мрежи. Според чл.9 од Законот заследење на комуникациите (ЗСК), наредба за следење на комуникациите за откривање и гонење на сторители на кривични дела донесува надлежниот судија по барање на јавен обвинител, на сопствена иницијатива или на предлог на полицискиот службеник на МВР, односно припадници на Финансиска полиција и Царината. Според чл.260 од Законот за кривичната постапка, траењето на овој тип следење на комуникациите може да трае најмногу до четиринаесет месеци.

Според чл.30 и 31 од ЗСК, наредба за следење на комуникациите заради заштита на интересите на безбедноста и одбраната на земјата, донесува врховен судија, по барање на Јавниот обвинител на Република Македонија. Барањето до Јавниотобвинител го поднесувaат министерот за внатрешни работи, министерот за одбрана или од нив овластени лица. Според чл.33, ова следење на комуникациите може да трае најмногу до две години. Меѓутоа, проблемот се јавува во надзорот над законитоста на примената на оваа мерка. Според ЗЕК, операторот не е обврзан да побара и да утврди постоење на наредба од надлежен суд со која му се дозволува на овластениот орган за следење на комуникации да ја примени мерката, ниту пак, да го проверува, контролира или мери вкупното следење на комуникациите. Единствена обврска на операторот е да ги обезбеди сите технички услови за нејзиното спроведување.

Единствен надзор над работата на операторите во оваа сфера врши Агенцијата за електронски комуникации, и тоа само кога овластениот орган ќе го побара тоа (чл.175, ст.10 ЗЕК). Тоа значи, дека токму државната служба е таа која треба да побара надзор над операторот за следењето на комуникациите кое таа го врши! Кога станува збор за надзорот врз законитоста на спроведувањето на овластувањата на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) и следењето на комуникациите од страна на МВР и МО, тоа е во надлежност на Комисијата занадзор над работата на УБК, на Агенцијата за разузнавање при Собранието на РМи на Комисијата за надзор надспроведувањето на мерките за следење на комуникациите од страна на МВР и МО. Досегашната практика покажа дека овој надзор во Македонија е неспроведлив. Во2008 година, Есад Рахиќ, поранешен претседател на собраниската Комисија за надзор над УБК и Агенцијата за разузнавање, во интервју за неделникот Глобус, изјави дека „Парламентот само глуми контрола над тајните служби“ и покрај тоа, официјалниот став е дека Парламентот има делумна контрола над УБК. Ваквиот став на Рахиќ го дели и Тито Петковски (исто така поранешен претседател на Комисијата), а се темели на отсуството на волја за соработка од страна на директорот на УБК, Сашо Мијалков.

Од сето ова, произлегува дека постои законска рамка со несоодветни контролни механизми и прашање е дали постои потребната опрема? Во 2008 година при ребалансот на буџетот, на УБК, без соодветно образложение, ѝ беше зголемен буџетот за дури шеесет пати. Во периодот 2012-2014 година, серија незаконитости околу набавување на опрема за форензички, аудио и визуелни лабoратории за неколку високообразовни институции и МРТВ, резултираа со незаконско преземање на дел од опремата од страна на МВР и исчезнување на останатиот дел. Оттука, може да се заклучи дека следење на содржината на телефонските комуникации од ваков обем може да биде направено само од страна на државните служби, или по нивен налог и со нивно знаење, со што би било исполнето битието на кривичното дело „Неовластено прислушување и тонско снимање“ сторено од службено лице. Во спротивно, неспособноста на државните безбедносни служби, која би била претпоставка за странското дејствување во Македонија, е причина за голема загриженост за целокупната безбедносна состојба во државата.

Оставете коментар