Алкохолот и книжевноста

Алкохолот и книжевноста

Отсекогаш во книжевните кругови се муабетело за писателите и за нивните пороци. Кој знаел повеќе згоди од семејниот живот на некој писател, тој бил поголем стручњак за книжевноста.

Големи книжевни имиња влегоа во легендите по своето пијанчење; некои вакви легенди станаа нераздвојни од нивните дела. Во сите епохи се пиело и најверојатно уште од првите пишани зборови алкохолот бил поврзан со творештвото. Писателите цуцале од задоволство или од поза, заради закрепување на душата, во слава на боемите, следејќи ја книжевната традиција на пиењето, имитирајќи се едни со други, од очај или од зависност, лечејќи ги љубовните проблеми или некои други болки, од бунт и страв од смртта, во бегство од самотијата или во јад од емиграцијата.

Се пиело од којзнае какви причини, мистични, душевни, самоубиствени, семејни, сексуални. Или, за со слободата на таквиот избор да се соблазнат буржуите. За да се потисне чувството на вина, вистинска или фиктивна; чувството на грев кон саканите личности. За да се плаче и заради сеќавањето, за да се ѕидаат „кули во воздух“. За да се заборави. Но, секој од тие пијаници се обидувал да дефинира барем две нешта: зошто пишува и зошто пие. На двете прашања останале многу противречни одговори.

Пиеле и религиозните поети и мистиците, уверени дека со виното се слави Божјата љубов. Лебот е телото, виното како крв е душата. Опивањето е натопување на лебот во виното, соединување; за тоа единство Јунг зборуваше во својата алхемија. И самиот Јунг посегал по чашата. Во своите спомени пишува дека виното поттикнува визии и предвидувања за идните настани. Да се пие значи да се учествува во обредот за спасување на душата. Лебот натопен со вино Св. Амброзиј го нарекувал медикамент.

Колку пати сум ги слушнал винопијците како по првата чаша со офкање и олеснување изговараат дека секоја голтка е лек за душата, мелем за раните на животот. Пијам зашто душата ме боли. Во пофалбите на виното се користат поими како што се причест, крвта на Исус, вино за миса. „Со виното се задоволува жедта за виното“, така звучи еден стих на религиозниот англиски поет Р. С. Томас кој бил свештеник и ноторен пијаница. Велат дека влегол во легендите заради блуењето, пред да почне да ги врши своите свештенички должности во велшките села.

Матош тврдел дека талентите се раѓаат во краиштата богати со винова лоза. Кралот на боемите Тин Ујевиќ сметал дека пијачката е слобода и фантазирал за мали фонтани со вино, за виноскоци наместо за водоскоци. Тој вели: „Виното го разврзува јазикот, дарува блескави говорнички теми, создава речитост. Во виното се наоѓа светата искра. Виното и инспирацијата, тоа е еден поим; речитоста, духот и поезијата излегуваат од виното“. Овој поетски гениј знаеше да каже дека поезијата има излезено од шишето, како што љубовта и страста се излезени од бурињата и винските подруми. Тин има речено: „ние со генерации умиравме со чаша во раката“.

Но, писатели и од други места умираа отруени од алкохолот и главно млади. Американскиот писател Ф. С. Фицџералд умре од последиците од пиењето во својата четириесет и четврта година. Славниот Едгар Алан По поради супер комбинација од наркотици и алкохол умре во својата четириесетта година. Германскиот писател, најпознатиот неранимајко на своето време, Е. Т. А. Хофман умре во четириесет и шестата година. Славниот Џек Лондон, кој пишуваше за алкохолната безнадежност, умре на четириесет години. И Константин Галчински, карактеристична поетска појава во полската книжевност, умре млад. Чеслав Милош пишуваше за своите кафеански лудости, за лечењето во санаториум за алкохоличари. Во еден санаториум, вели Милош, толку се наметнал што успеал да ги напие и докторите и пациентите, па потоа приредувале велосипедски трки низ болничките ходници.

Долг е списокот на пијаните писатели, а приказната често е трагична. Трагично заврши и големиот писател Малком Лаури, пијаничиште кое зазема највисоко место на скалата на писатели-алкохоличари, автор на познатиот роман „Под вулканот“, за кој Морис Бланшо рече дека е „пијана Божествена комедија“ на нашето време. Во својата студија за писателот, Кларис Франсилон вели дека Лаури бил витален, енергичен, со исклучителна физичка сила, работлив, способен за аскеза – сето тоа од една страна, а од другата страна личност која е под влијание на демон, манијак кој „се ниша на работ од амбисот“, срам од кој сите се плашеле на јавните места. Да се пие или не, тоа е прашањето што го опседнувало и раздразнувало несреќниот Лаури. Кога пријателот го затворил во својот стан во Њујорк за да го доврши ракописот на една своја книга, ги скрил сите залихи на пијалаци, а кога дошол да го посети, го затекнал расположениот Малком кој рекол: „Ти ја испив цела колонска вода“. Даглас Деј напиша куса биографија на овој голем писател во која на едно место вели дека Лаури бил „толку натопен во алкохолот што тоа веќе не можеше да се исцеди ниту исцели“. Пиел во огромни количини. Умеел за еден миг да испие шише од кој било пијалак. Својот психијатар го убедувал дека пие зашто е плагијатор во книжевноста и зашто има мал пенис. Еднаш рекол: „Да се стои пијан покрај шанкот е најубавата глетка на човековото постоење“.

Во романот „Под вулканот“, според кој славниот Џон Хјустон во 1984 сними филм, протекоа најдобрите страници некогаш напишани за алкохоличар, маестрално нијансирани во ликот на Гофри Фирмин. Ајде, барем некое фајде од мачното напивање на авторот.

Данило Киш сакаше да каже дека за мамурлакот најделотворен лек е самоубиството. Овој лек го избра и Малком Лаури; се уби со алкохол и силна доза барбитурати.

Фокнер умре од срцев удар, како што официјално е објавено, а легендата вели дека на тој 6 јули 1962 година бил мртов-пијан и дека паднал од коњ. Неговата омилена изрека беше: „добар бурбон ги лечи сите болки“. Хемингвеј изврши самоубиство на врвот од славата; имаше 63 години. Се застрела со ловечка пушка. Покрај него се најдени две празни шишиња од виски и едно тукушто почнато шише џин. Во последните години од својот живот не се трезнеше. Во автобиографската книга „Подвижен празник“, Хемингвеј шармантно пишува за шанковите во париските бистроа. Таму го има оној интересен детаљ како Џејмс Џојс му досадувал и секогаш се правел камен од пиењето, па „пијаната ирска мрцина“ често морал да ја носи на грб. Оваа случка вклучува уште еден пијаница во оваа едиција на славните.

Целата историја на книжевноста е една голема точилница. Се точело во тие времиња и пијалак и дух, а тие двете не се поништувале взаемно. Значи, во таа пивница се локало и локајќи се доаѓало до „растројство на сите сетила“, како што Артур Рембо ја дефинираше поезијата. Тој проповедал пијанчење како влез во мистичното, во „дијалог со сенките“. Од пијалакот создаде и филозофија и сопствена поетика. Тин Ујевиќ бил воодушевен од Рембо најмногу затоа што рано го „батали пишувањето“ и се посвети на шверц на оружје и дрога. И Матош исто така бил фасциниран од животот на Рембо, кој според него бил „попоетичен од самата поезија“. Да, боемството фасцинира. Тогаш не е чудно што Тин има речено: „Пијам за луѓето да ми се воодушевуваат“. Колку само Бодлер се изнервирал од Бриа-Саварен кој во својата „Филозофија на вкусот“ напиша за виното само тоа дека се прави од плодот на виновата лоза, а не кажа ни збор за неговите волшебни својства, за тоа „интелектуално злато“. Бодлер го исмеа и го нарече „славен глупак“, а неговата позната книга „лажно ремек-дело“ и „блуткаво тесто“.

Бодлер тврдеше дека може да го слушне говорот на виното, зашто тоа зборува со душата. Тоа го известува пијачот дека можеби во желудникот ќе му направи дармар, но кога ќе се искачи во мозокот ќе му ја изведе најдобрата игра. „Од нашето соединување ќе се роди поезијата“, пее виното со таинствен јазик. Бодлер ги жали оние кои песнава никогаш не ја слушнале. Само виното „секојдневно ги повторува своите добри дела“, сето друго е вештачко. Потоа се појавуваат идиоти и го осудуваат човекот кој „пиејќи го виното ја испива генијалноста“.

Со Киш бев пријател околу триесет години, но тој не беше пијаница. Навистина, знаеше и тоа како да се дамлоса, без уживање во пијалакот. Пиеше само во друштво, заради атмосфера, „за неприспособениот да се приспособи“, како што самиот знаеше да каже. Понекогаш правеше скандали, но главно беше весел; пееше, свиреше гитара, се додворуваше на жени и шармираше. Мојот друг близок пријател, Борислав Пекиќ, големиот прозен писател, пиеше како смок. Наспроти слабото здравје, ги уништуваше жестоките пијалаци со чудесна издржливост. Можеше да пие и неколку дена по ред, без да јаде и да спие. Во пијанството го красеше луцидноста и исклучителната смисла за хумор. Во Сараево, некаде во 1966 година го носев мртов-пијан од барот на хотелот Европа до Централ. И додека го влечев онака огромен, промрмори, смеејќи се: „Сега на твојот грб е товарот на српската книжевност!“.

„Само битангите пијат млеко“, така зборуваше големиот винопиец Шарл Бодлер.

 

Оставете коментар