Инцидент или рутинска контрола? МВР вели дека Јанчев не застанал на даден знак

Две спротивни изјави, една на лице кое било заедно со Митко Јанчев и онаа на Министерството за внатрешни работи на РМ

Од МВР ги демантираат изјавите кои се пласирани во дел од медиумите во однос на рутинската проверка на возилото во кое се најде кандидатот за градоначалник на Кавадарци од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Митко Јанчев. Според нив, МВР постапило единствено согласно законите и укажуваат дека ширењето шпекулации и невистини не е во интерес на граѓаните.

Невистина е и пласираната вест дека полициски службеник му вперил пиштол во глава на лицето М.Ј.. При извршувањето на своите работни задачи полициски службеници се обиделе да сопрат возило „Мерцедес“, кое со голема брзина се движело по бул. Александар Македонски во Скопје. На дадениот знак возилото не застанало, по што полицајците со возило на МВР тргнале по „Мерцедесот“ со намера да го сопрат. По извесно време „Мерцедесот“ бил стигнат и запрен од страна на полициските службеници и согласно процедурите се побарани документи од сите четири лица кои биле во возилото, а меѓу нив бил и М.Ј. . Полициските службеници ги прашале овие лица дали носат нешто недозволено или оружје, на што М.Ј. пријавил дека носи пиштол со дозвола, по што е направена проверка и утврдено е дека М.Ј. има дозвола за пиштолот. Додека полициските службеници ја вршеле проверката, во близина запрело друго возило, од кое излегле две лица, од кои лицето О.А. почнало дa ги навредува полицајците. МВР постапува единствено согласно законите и укажуваме дека ширењето шпекулации и невистини не е во интерес на граѓаните.соопштуваат од МВР.

Вчера, еден од присутните кој бил заедно со М.Ј. во возилото кое е застанато од МВР, Лазар Којчев, изјави дека возеле најисправно и дека брзината била по прописи.

jancev-svedoci_640x357

При патувањето со возилата возевме најисправно, брзината беше по прописи, на влезот во Скопје не не сретна никаква сообраќајна полиција, пред Автокоманда спроти спортската сала набрзина не претекна возило кое не беше службено, ниту обележано. Со сирена, на десет метри излезе пред нас и заврти десно да се паркираме и ние. Нашиот возач го стори тоа истото без никакви проблеми, веднаш се паркиравме. При излегувањето од возилото, во секој од нас беше вперен пиштол и ни беше наредено да излеземе и да кренеме раце. Ние излеговме и се построивме, во тој момент се уште не знаев дека луѓето се полицајци. Не натераа да се отстраниме од возилото, а одма се изврши претрес на мерцедесот. Едниот полицаец беше многу возбуден, дури и рацете му се тресеа. Не најдоа ништо, само пропратни документации, се што побараа им дадовме. Бевме легитимирани сите. Во тој момент зад нас пристигна и нашето второ возило, кое исто беше прегледано. Сите бевме стресени. Од сите страни за десеттина минути се појавија неуниформирани лица, од кои само еден носеше значка на градите дека биле „Алфи“.вели Којчев.