“Шамар” за Груевски затоа што “делел” шамари!

Поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, доби уште една кривична пријава од СЈО

По предметот ТНТ, Груевски е обвинет и за поттикнување на насилството при протестите пред општина Центар во 2013 година, пишува Дојче веле.

Специјалното јавно обвинителство денеска поднесува кривични пријави за два нови предмети кои произлегуваат или се поврзани со прислушуваните разговори. Во првиот предмет, обвинети се седум лица – службеници на Управата за безбедност и контраразузнавање кои организирано го уништиле доказниот материјал во врска со неовластеното прислушување кое се одвивало во периодот од 2008 до 2015 година. Во вториот предмет, обвинети се 14 лица кои го поттикнувале или извршиле насилство за време на протестите пред општина Центар во јуни 2013 година.

Од СЈО одбија да го соопштат идентитетот на обвинетите, но изнесените детали за вториот предмет јасно укажуваат дека тој директно ги тангира поранешниот премиер Никола Груевски и ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески. Се работи за нивниот телефонски разговор од 1 јуни 2013 година, кој беше објавен и од опозициската СДСМ, а во кој Груевски од Јанакиески нарачува некој да отиде во општина Центар и „да му врзе 3-4 шамари“ на градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски.

„Подготви го Мартин и Суле да спремаат од утре да маваме… Во петок ќе му собереме 2.000 луѓе пред Центар, дел ќе си влезат и внатре, нели имаат право граѓани да влезат. Па да видиме, да размислиме, дали еден да стане и три – четири јаки шамари да му врзе пред сите. Не може ништо да му се направи (на сторителот, н.з), нема тешка телесна повреда тука за кривична, има само за прекршочна“, му вели Груевски на Јанакиески во снимениот разговор.

Инаку, СЈО уште во април годинава го осомничи поранешниот премиер Никола Груевски како нарачател на уривањето на објектот „Космос“ на бизнисменот и политичар Фиат Цаноски.

 

Оставете коментар