Урбаната мафија од локалната самоуправа Кавадарци!

пишува Ѓорѓи Мешков

Почитувани наши сограѓани,

Ви се обраќаме на сите вас кои мирно спиете и на сите оние на кои поради зулумите на криминогената урбана структура им е нарушен мирниот сон. Ние со нашите семејства, жителите на ул. Орце Николов (општина Кавадарци) спаѓаме во оваа другата група, со нарушен сон.

Во името на групата граѓани со нарушен сон, на тие што мирно спијат им се обраќаме за да не ги снајде нашата неволја па и тие да престанат да спијат мирно. На онаа другата група, со немирен сон им се обраќаме за да ги здружиме силите и да го победиме злото кое ни нанесе толку многу штети, та го изгубивме мирниот сон. Се работи за следното.

Урбаната мафија од локалната самоуправа Кавадарци, на чело со нивниот лидер, во 2011 година, тајно, скришум и нетранспарентно изработи нов ДУП со кој, улицата Орце Николов, на потегот под незавршениот објект на судот во Опитно Поле со цела нејзина ширина ја втера во нашите дворишта и приватни имоти. Трагиката е во тоа што градењето на нашите градби сосе уредувањето на дворните места потполно легално со сите можни одобренија за градба, со платени комуналии се изврши токму по ДУП кој важеше до 2011 година.

Урбаната банда отиде дотаму, што ни изврши експропријација или подобро узурпација на дури една третина од нашите имоти.На местото на кое се протегаше оваа улица, во новиот ДУП стои една огромна катастерска парцела.

Дивите урбани ѕверови намирисаа плен. Сакаат да ни втераат блок од стамбени згради тука во нашите дворишта. Попусто беше нашата петиција до “таткото“ на градот, попусто тужбите и жалбите до управен и виш управен суд. Глутницата со алчни и закрвавени очи го следи мирисот на пленот и можноста за брзо богатење (гратис деловни простории и по некој стан). Приказната е долга но болна и трагична.

Нивните пајташи од катастерот без наше знаење извршија корекција на нашите имотни листови. Ни ги намалија имотите за точно толку колку што решија да не ограбат.
Затоа им се обраќаме и на оние со мирен сон и на оние кои ги мачи несоница заради зулумите на урбаните злосторници, ДА СЕ ЗДРУЖИМЕ и да ги втераме злосторниците таму каде што заслужуваат да бидат.

Ние сме решени и не отстапуваме. Помогнете ни нам, ќе си помогнете и себеси. Споделувајте ја оваа објава и сите наши објави кои следат. Придружете ни се на кампањата “ВО ОДБРАНА НА НАШИТЕ ИМОТИ И МИРНИОТ СОН“.