Советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ за Кавадарци “покилава” и од онаа на СДСМ

ВМРО-ДПМНЕ ја објави советничката листа за престојните локални избори

Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Кавадарци ја објави советничката листа во пресрет на локалните избори кои ќе се одржат за дваесеттина дена. Листата е видно изменета за разлика од 2013 година, освен на носечките неколку позиции.

Носител на советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ и за овој циклус на локални избори за општина Кавадарци е неприкосновената г-ѓа Горица Пеливанова Вилхелм. Партиски извори велат дека ова е нејзина утешна награда откако имала слаби резултати во внатрепартиската анкета за кандидат за градоначалник.

На втората позиција се најде Никола Трендафилов, доктор и поранешен портпарол на партијата. Трендафилов припаѓа на ерата на Никола Тодоров, доскорешниот министер за здравство чии реформи го вратија здравствениот систем на Република Македонија неколку ери наназад. За Никола (Тодоров) се врзани голем број на скандали и лица починати токму низ болничките ходници на јавното сдравство.

Третата позиција од листата на ДПМНЕ за општина Кавадарци оди во рацете на кавадаречкиот “експерт за паушални работи”, г-нот Зоранчо Јованчев. Неговите надалеку познати анализи и стручност како дел од минатиот совет се од видно значење за развојот на општина Кавадарци, посебно сега, на прагот од новата ера. Јованчев и минатите четири години исто така ја красеше собраниската сала на општина Кавадарци заедно со Анита Гинова Каракутова која се наоѓа на четвртото место на листата.

Од минатиот состав на оваа листа е уште и Блаже Тасев, искусен кавадаречки советник кој се карактеризира со тоа што во поголемиот дел од изминатите четири години мудро молчеше кога имаше седница на совет. И не може да му се замери на Тасев кога јавноста знае дека неговиот збор вреди илјада алтани. Во буџетот на општина Кавадарци нема толку парични средства.

Останатите кандидати се тотални партиски анонимуси кои ете, од партиски разни причини се нашле на советничката листа.

Од она што може како целина да се заокружи а е дел од јавното мнение, советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ од општина Кавадарци е далеку “покилава” дури од онаа на СДСМ. За разлика од минатото, овојпат кавадарчани треба да гласаат за “помалото зло”. Нека им е со среќа во двата табора.