Република (Изборна ) Македонија

пишува Звонко Каров

Цел свет не сака заради нашата храна, вино и доброта. Од нас не бидува ништо, ќе не изедат.

Нема пинџур, нема мир.

Во Македонија фали споменик на слетаните Марсовци.

Блазе си им на оние што биле на одмор во странство. Се одмориле од татковината.

Има малку жени во политиката. Повеќето се главни дома.

Македонија е заедничка држава на Македонците, Албанците…. На два-триесет.

Зависи до револуцијата, некоја ги јаде само здравите деца.

Некоја трибина на Градски треба да го носи името на Јохан. Што ако беше напаѓач и не ги бранеше боите на Македонија.

Ако не го тргнат споменикот ,Воин на коњ’ од центарот на Скопје, тогаш нека напишат на него ,Благодарна Македонија’.

Во спорот за името со Грција, МНР се води од паролата ,Убав збор и НАТО порти отвора’.

Македонците се палат на Саша Ковачевиќ. Саша од СДСМ во Центар ќе има тешка задача да му го одземе приматот.

Македонија ќе ја оправиме кога ќе се радуваме ако во ,наши’ раце биде МЖСПП, а не МВР.

Нашите резултати се видливи, работиме кампањски секојдневно.

Очекувам Меланија да му вети на Заев дека ќе ја посети поранешната југословенска република.

Народ кој сака да го лажат е далеку од народ.

На референдумот немало излезност. Граѓаните биле излезени.

На лидерот пред градоначалничките избори му рекоа: -Кажи куме име!. Сега му се лутат што не кажал три.

Македонија има јасен став за актуелните глобални прашања за безбедноста и мирот во светот. Името на Тихиот океан да не се менува.

Во изборна година на луѓето им е полесно да лајкнат на куче отколку на човек.

Додека сум јас лидер на партијата, името нема да се менува.

На краток осврт не му треба долг вовед.

Употребуваме многу турцизми, ќе го втурнеме македонскиот јазик во ендек.

Работниците на ФЕНИ чекаат менаџерите да им ги вратат парите, оние од Заев не им биле доволни.

Што мислиш за кандидатите за градоначалници ? Cogito, ergo sum!

Грубо ги повредивме, му игравме фер-плеј.

На тие што ми бараат фб пријателство, сакам да им го видам лицето, не мора да имаат позадина.