Реакција на Кире Бебеџаков, уредник на веб порталот “Мојот Град”

Реакција на “Мојот Град” во интерес на целосно информирање на јавноста

“Почитувани,

Во интерес на недоволно информирање на јавноста би сакал да ги споделам следните информации околу работата на веб порталот “Мојот Град”.

За време постоењето на “Мојот Град”, голем број на лица, претежно од територијата на општина Кавадарци земале активно учество при развивањето и неговото одржување. Најчесто, лицата кои имале било каков удел при работата на овој медиум доаѓале од невладиниот и граѓански сектор на Република Македонија.

Мојот Град” како медиум отсекогаш се одликувал со транспарентност, објективно известување и критика. Како јавно гласило отсекогаш приоритет е владеење на правото, борбата за човекови права, развивање на локалната медиумска сцена, обнова на социјалната држава, обнова на нов социјален поредок. Како медиум се залага за Македонија во Европа, како правна, секуларна и модерна држава. Борбата за транспарентна и инклузивна Локална самоуправа е исто така еден од приоритетите како и борбата за маргиналните заедници како би се вклучиле во Локалната заедница преку Локалната самоуправа.

Исто така, екстремно клучна работа која деновиве е актуелна (а како редакција и уредник имав/ме и многу реакции од страна на поединци во и од Кавадарци) е ситуацијата кога наши сограѓани кои немаат никаква допирна точка со работењето на “Мојот Град” како медиум, биле на некој начин вознемирувани преку телефонски повици и приватни пораки, пресретнувани на улица и испрашувани за нивна наводна поврзаност со овој медиум. Жестоко реагираме и ги осудуваме таквите настани.

Во контекст на претходното сакам да испратам порака дека “Мојот Град” како медиум согласно законите за транспарентност и отчетност кон својата публика поседува свој контакт центар кој беспрекорно функционира веќе седум години и отсекогаш им излева во пресрет на граѓаните кога се соочуваат со одредени локални проблеми. Барем информативно. Подетални информации (доколку ве интересира) околу сопственоста, уредувачката политика и принципите на работа на “Мојот Град” може да најдете на самиот веб сајт под полето “Импресум”.

Целокупната одговорност, сега и отсекогаш била на главниот и одговорен уредник, Кире Бебеџаков. Воедно и целокупната сопственост на медиумот. Во иднина, сите ваши прашања, поплаки и пофалби ве молам да ги испраќате на мојата адреса. Однапред ви благодарам.”

Со почит,

Кире Бебеџаков – одговорен уредник и сопственик на веб порталот “Мојот Град