Промоција на книгата “Пладневно Огледало” од Трајче Ристов

Поезија која обилува со метафорични обраќања, огледало е реката Црна и нејзините пладневни убавини

Вечерва, од 18:30 часот, во Домот на културата „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци, ќе се одржи промоција на книгата “Пладневно Огледало” на авторот Трајче Ристов.

trajce-ristovТрајче Ристов е роден 1947 год. во с. Брушани, Кавадарци. Завршил Педагошка академија во Скопје, група македонски и српскохрватски јазик. Работел како наставник по македонски јазик во ОУ „Димката А. – Габерот“ во с. Сопот и ООУ „Димаката А. – Габерот“ Кавадарци. Долги години членувал во клубот на писатели „Јасмин“ при Домот на културата во Кавадарци и во Книжевна младина на Кавадарци како член и претседател. Дел од својата поезија има објавено во „Журнал“, „Просветен работник“, „Стремеж“ и др.

Инспирацијата во стихозбирката-првенче на Трајче Ристов потекнува од оној супстанцијален однос на авторот кон сопственото животно искуство, кон глетките и доживувањата што оставиле траги во неговото поетско срце и кон сеќавањата што останале од детството.

Поезијата обилува со метафорични обраќања. Всушност и самиот наслов на стихозбирката претставува метафоричен израз, зашто огледало е реката Црна и нејзините пладневни убавини. Убавината на полето и природните убавини на реката Црна, раскошните предели на Тиквешијата.

Компјутерската обработка на оваа книга е дело на Лилјана Ристова додека лектурата и коректурата се на Павлинка Ристова.