Прес-конференција: Пристап до правда во Македонија

Во вторник, 21 март 2017, со почеток од 11:00 часот, во ЕУ Инфо центарот ќе се одржи прес-конференција во рамки на проектот „Пристап до правда во Македонија“ финансиран од Европската Унија

На настанот до присутните ќе се обратат:

  • Јаромир Левичек, раководител на oдделот Економија и финансии, јакнење на институционалните капацитети и прекугранична соработка
  • Нада Наумовска, Постара координаторка на програма, ФООМ
  • Претставници на 5 овластени здруженија за давање на бесплатна правна помош (Благица Киров, Вера Гогу, Борис Гудев, Славица Анастасовска и Ивана Маринковска)
  • Христина Василевска, Координаторка на проект, ФООМ

Прес-конференцијата има за цел да ги запознае новинарите со моменталната состојба со правото на бесплатна правна помош и пристапот до правда на граѓаните на Македонија, да се запознаат со ЕУ и меѓународните стандарди во ова поле, но и да развијат квалитетни стории поврзани со (не)пристап до правда.

По воведните излагања настанот ќе продолжи со презентација на клучните наоди и препораки од Истражувањето на јавната перцепција и запознаеноста на граѓаните со Законот за бесплатна правна помош, како и презентација на најчести случаи од праксата.

Понатаму, ќе бидат презентирани и утврдените недостатоци на Законот за бесплатна правна помош и препораките за негово подобрување во согласност со ЕУ и меѓународните стандарди и праксата од други држави.

Проектот Пристап до правда во Македонија е финансиран од Европската Унија, а се спроведува од страна на Фондацијата Отворено општество – Македонија во партнерство со Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија, Националниот ромски центар Куманово, ЕХО Едукативно – хуманитарна организација Штип, Младинскиот културен центар Битола и Избор Струмица.

Целта на проектот е: Да се придонесе кон подобрување на системот за заштита на човековите права во земјата преку оценување на задоволството од постојниот систем за бесплатна правна помош на граѓаните и утврдување на слабостите од неговото спроведување со цел застапување за негово подобрување.

Како специфични цели на проектот дефинирани се следните:

–    Да се поддржат овластените здруженија кои  даваат претходна правна помош, со цел  подобрување на пристапот до правда;

–    Детална анализа на имплементацијата на Законот за бесплатна правна помош преку спроведување на независна оценка на системот за бесплатна правна помош и мерење на задоволството на граѓаните од системот за бесплатна правна помош и неговата достапност.

Вкупната вредност на проектот изнесува 126.000 евра.

Ги покануваме новинарите, снимателите и фоторепортерите да го проследат настанот.

 

Со почит,

Фондација Отворено општество – Македонија